Скопска Железарница сериозна еко-закана

Од партијата на зелените презентираа и фотографии на кои, како што велат, се гледа експлозија од прав и гасови кои го трујат населението во Гази Баба, Ченто, Автокоманда и Бутел.

– Тоа е видливо со голо око, особено во вечерните и во раните утрински часови. Тоа се облаци од прав кои секој кој живее во тој дел од градот ги забележува. Се знае кои се тие загадувачи затоа што тоа не е од вчера, овој проблем се провлекува со години, да не кажам со децении, изјави Златко Јордановски од ДОМ.

Од партијата прашаа зошто наделжните инспекторати не инсистираат на почитување на еколошките прописи. Исто така посочија дека се против намерата на Владата да им дозволи на металуршките компании пролонгирање на рокот за спроведување на европските еколошки стандарди до 2019 година.

– За ДОМ се неприфатливи барањата на металуршките комбината затоа што во изминатиот период имаше историски највисоки цени на металите, а тие не сакаа да одвојат ниту еден отсто од својот профит за здравјето на вработените и околното население, рече Јордановски.

Од ДОМ порачаа дека државата мора да води поголема грижа за заштитата на животната средина пред се преку доекипирање на инспекторатите и зголемување на бројот на мерни станици за следење на квалитетот на водата, воздухот и почвата.

Извор Телма
 

Оставете коментар