ЗАСЛЕПЕНИ ВИЗИОНЕРИ

„Новинарите во Македонија одамна не ги паметат оние ужасни денови кога можеше кој што сака да кокодака, кога опозицијата шеташе од телевизија до телевизија, кога бранковистите со молчешкум наведната глава ги голтаа глупостите на аздисаните медиумски ламји. Да, тогаш кога ВМРО-ДПМНЕ не беше на власт, а вестите почнуваа и завршуваа со самонаречени скандали и афери, што широко го отвораше патот на новата влада со технократот Груевски. За 2006-та зборуваме, за истата таа, во која Груевски и дојде на власт потпомогнат од нас, верните сојузници на идната преродба, како зародиш на една нова, економски силна Македонија, политички поттурната кон ЕУ, токму поради идејата за формирано граѓанско општество. Визионери, бре, алал да ни е!“, вака пишува Младен Чадиковски во својот воведен текст во „Фокус“ од 6 јуни 2014 година.

 

Редок исказ на самокритика, не само меѓу новинарите. Важен, иако малку задоцнет. Кога веќе ја отвори темата, Младен треба да продолжи, да одговори на прашањето зошто, поради што и заради што не го препознаа она што се надвиснуваше и оној кој само по неколку години не поклопи. Оној за кого еден друг новинар, одново задоцнето, во истиот број на „Фокус“ напиша дека им ја јаде иднината на своите граѓани. Какво беше слепилото на визионерите, не само меѓу новинарите, кое го овозможи подемот на самодржецот?

Оставете коментар