Загрижувачка “исповед” на вработен во “Дрекслмаер”!!!

Во рамките на иницијативата Социјална правда сега! која синоќа се одржа на градскиот плоштад во Кавадарци организирана од ЦИВИЛ – Центар за слобода и Македонска платформа против сиромаштија, на присутните им беа разоткриени тешките социјални состојби во Македонија како и кршењето на човековите и работничките права. Беа отсликани и состојбата во „прославените“ странски инвестиции, а имаше сведочење и на вработени од странската инвестиција во општина Кавадарци, фабриката “Дрекслмаер”. Моментално најхрабриот од сите 4000 и кусур вработени во оваа инквизиција се одважи и проговори пред камерите и ја отслика реалноста и условите за работа во оваа фабрика. Следува неговата изјава.

За многумина невработени, како опција во општина Кавадарци е фабриката “Дрекслмаер”. Минималната плата изнесува 9000 денари. Едноставно се бориш ден за ден, тешко е, a и работата не исполнува. Секој ден се помалку желба имам за одење на работа. Работата во “Дрекслмаер” е напорна, а примањата се малку. Шефовите и менаџерите постојано ни зборуваат како тоа условите за работа биле одлични, дека сме имале превоз до работа, храна…Тоа и не е некој бенефит ако се знае дека од минатото условите за работа во Кавадарци одсекогш биле одлични што во моментов не е случај. Нема никаков социјален живот во Кавадарци, освен муабетот со колегата околу работата и работното место. Бидејќи нема за што друго и да се разговара.

Јас работам на работно место каде сум во допир со кабли кои се премачкани со отров за глувци. Јас никогаш пред тоа не сум работел во таква средина и можам да констатирам дека рацете ми се суви и испукани. Најверојатно од тие отрови. Заштитна опрема за рацете не користиме освен кога работиме со алуминиумски кабли за да не ја оштетиме робата.

Имаше незадоволство и протест во “Дрекслмаер”. Околу 60-тина работници кои учествуваа во протестите и беа најгласни, утредента добија отказни решенија. Моменталната ситуација е “трај и веди глава”.

Јас сум вработен на определено време. Што значи дека во секој момент може да ме избркаат од работа. И кога бркаат од работа, избрканиот го качуваат во такси и го носат до дома за да не крева прашина и врева меѓу вработените.

Ако тргнеш до тоалет веднаш претпосавениот те прашува зошто одиш во тоалет. Ако мрднеш малку од линија, зошто си мрднал…Значи притисок голем, парите се многу малку. Оние на повисоки позиции кои земаат и по 30 000 денари нормално дека ќе се фалат за условите и примањата. Но за обичниот работник на линија, многу е тешко. Кога би имал бугарски пасош, веднаш би ја напуштил земјата. Оние попаметните навреме извадија и заминаа одовде. Сега таа процедура е малку отежната.”

{facebookpopup}

Оставете коментар