Заев одбра уште 18 претседатели на партиските разграноци

Така со организацијата во Бутел ќе раководи Велимир Смилевски, а со таа во Василево Сашко Атанасов. Пратеникот Марјанчо Николов ќе ги предводи социјалдемократите во Велес, Војче Исаковски во Врапчиште, Ангел Јанков во Градско, Урош Тасиќ во Дојран, Сарафим Ѓорѓиевски во Зелениково, Ванчо Митев во Зрновци, Благој Илиев во Конче, Дејан Ампев во Ратово. Мартин Костовски ќе биде прв човек на СДСМ во Куманово, Самир Ајдини во Маврово и Ростуше, Васко Стефанов во Неготино, Љубе Кузмановски во Новаци, Зоран Митровиќ во Петровец, Милован Веселиновски во Ранковце, Марјан Даскаловски во Струмица и Ќани Сеадиновски во Центар Жупа. Од СДСМ официјално велат дека именуваните претседатели се избрани на отворен повик за самокандидирање, односно низ внатрепартиска процедура.

Според измените на Статутот на партијата, кои беа изгласани на 15. конгрес на СДСМ, само партискиот лидер има надлежност да ги поставува, но и да ги разрешува претседателите на повеќе од 80 општински организации. Таа измена, всушност, му го даде ексклузивното право на новиот лидер Зоран Заев, по разгледувањето на програмите на кандидатите, да го има последниот збор и да одлучи кому ќе му ја даде довербата.

Дел од членството на СДСМ отворено се спротивстави на ваквите измени сметајќи дека на ваков начин партијата се централизира по примерот на некои други партии. Тие сметаа дека изборот на претседатели требало да остане каков што бил пред 15. конгрес.

Новиот лидер на социјалдемократите, пак, во говорот на конгресот истакна дека токму одредени измени, мислејќи и на оваа, треба да ги расчистат досегашните пазарења во партијата.

Пред една недела Заев на состанокот на локалното раководство го назначи Томислав Тунтев за нов претседател на Општинската организација на СДСМ во Охрид. Актуелниот советник во Општина Охрид, беше избран за претседател на партискиот разгранок откако влегол во потесниот избор заедно со уште еден кандидат. Тој дојде на местото на Науме Јованоски, кој не успеа да ги консолидира партиските редови, што резултираше со пораз на последните избори кога ВМРО-ДПМНЕ по осум години ја презеде локалната власт во Охрид.

Пред тоа Зеав пресече и во Битола. Тој одлучи и во наредните четири години на чело на битолските социјалдемократи да биде Васко Ковачевски. Негови ривали на овие внатрепартиски избори беа Златко Ќурчиевски, секретар на партијата и советник, потоа адвокатот Игор Петковски, поранешен кандидат за пратеник и портпарол на СДСМ, како и членот на ИО Зоран Лазаревски, лекар во битолската болница.

Извор Утрински
 

Оставете коментар