За семејните вредности

Конзервативизмот го брани семејството, но кога тоа е урната сите се преточуваме во едно големо семејство на сиромашни и бедници, ксенофоби и националисти

Веќе подолг период ме мачи и ми создава мачнина откривањето на корените и генезата на злото кое ја има навјасано нашата држава. Фрустрацијата, омразата и лошото расположение како да станаа константна кај големото мнозинство наши граѓани, без разлика дали овие граѓани се богати или сиромашни, поддржувачи на власта или опозицијата или само неми (со)учесници во распадот на македонскиот социум.

Јуришните југенди се опседнати со конзервативната идеологија, некои поради сопствена потреба за легитимација на насилниот режим, а некои од верба дека ова е вистинскиот пат, иако е премногу трнлив за мнозинството граѓани. Тие не користат литература, немаат основни познавања од конзервативната идеологија, жонглираат со поими и концепти… Кога би погледнале подобро и кога би го разграничиле декларативниот либерален конзервативизам на ДПМНЕ наспроти вистинските практики на оваа владејачка партија, ќе дојдат до непријатна констатација дека идеологијата на власта може да се „спакува“ во една и единствена формула: болшевички десен популизам. Болшевички, бидејќи државата (апаратот) е опседната со контрола на сите општествени процеси, со силен државен интервенционизам од советски тип и нагласена авторитарност и потреба за контрола на животите на граѓаните. Десен, бидејќи црпи енергија од теориите на „крв и тло“, бидејќи не поднесува се’ што (им) е туѓо и неариевско (странски непријатели, домашни предавници, Албанци, Грци, Бугари, педери и лезбејки итн.); а нереално, механички и вештачки и’ вбризгува лажна вознесеност на својата „раса“. И популизам, бидејќи просто е гола маркетинг-агенција која има многу пари (наши пари) и ги поткупува сите главни медиуми во државата.

Проблемот на надобудните новопечени „идеолози“ на ДПМНЕ јас не можам да им го решам, но можам да им понудам конзервативна основа на нивното поведение за да разберат дека злото има свои корени и тие се тука околу нас и во нас. Семејството, неговата улога за општеството и неговата поставеност во општеството се клучни преокупации за конзервативизмот од стариот ков, но добиваат и нови димензии во конзервативните партии низ либералните општества. Бидејќи Македонија не е либерално општество, за очекување е и дека нашиов „конзервативизам“ е криво насаден. Впрочем, како и нашите искривени семејни вредности. Семејството, претпоставувам уште од Адам и Ева, претставува клучна алка во социјалната репродукција, во првично но длабоко (и фатално) вкоренување на навиките во понатамошниот живот и проекција на сопствената улога во општеството.

Не е спорно дека во деведесеттите години, под налетот на транзицијата македонското семејство претрпе силни удари и потреси. СДСМ, како партија која во тој период беше на власт, ја имаше таа тешка и неблагодарна работа да ја изведе транзицијата. Не постои успешен модел на транзиција, особено не во фрагилни, сиромашни и мултиетнички општества. Затоа, колку тоа и да изгледа неправедно од денешна перспектива (особено следејќи ја денешната призма на оваа корумпирана власт), СДСМ до денешен ден ги трпи последиците од нужната транзиција. Се разбира, на граѓанинот, како во основа себично битие, не му се важни другите вистини: дека во тој период над Република Македонија висеше опасноста да ја распаднат или да се самораспадне под налетот на внатрешните центрифугални и надворешните центрипетални сили.

Така, во периодот на транзицијата, кога типично средната класа оди надолу кон сиромаштија, сиромашните стануваат социјални случаи, а мал општествен слој станува премногу богат, нужно доаѓа и до сериозни турбуленции во основната општествена клетка: семејството. Имено, таткото, довчерашниот единствен или најважен столб во семејството (како фигура која го одржува, го храни и го заштитува семејството), полека станува една руинирана фигура, човек кој не успеал, човек кој не претставува повеќе модел за децата и за мајката, човек на кој му е одземено нешто од коешто до вчера го црпел својот семеен легитимитет и особено авторитет. Изгубил работа, нарушен му е општествениот статус, можеби наидува на презир од околината или едноставно е дел од армијата на презрени и презреани луѓе, губитници од транзицијата.

Класичната психоанализа, а потоа и теориите за авторитарноста имаат веројатно точни одговори за ваквите ситуации. Ни криви ни должни, членовите на семејството во кое таткото е доживеан како лузер, неминовно имаат потреба за ново и/или поинакво „татковско“. Менталитетот и потребата за авторитет останува, но таа се пренесува екстра-фамилијарно, на други секундарни групи и нивните лидери. На пример, децата се идентификуваат со лидерот во нивното маало, со професорот во училиште итн. Колку повозрасни и поинформирани стануваат младите во општеството, толку можноста за дополнителни авторитети се зголемува. Врвниот авторитет најчесто се сосредоточува во лидерот на нацијата, претставен како татко на нацијата и проектиран преку серија на симболични гестови и личности, уште поголеми „татковци“. Така, Гоце Делчев не е доволен, нам ни треба Александар и Филип Македонски. Пелагонија и Полог се премали, нам ни треба солунско поле. Европската унија е подла и скржава, нам ни требаат Русија, Кина, Малезија и Индија. Овие класични авторитарни митологии длабоко навлегоа во порите на македонската нација и веќе ги жнееме штетните плодови од ваквата политика. Ваквиот чуден коктел на ослабување на егото и јакнење на нарцисиоидноста е во голема мера плодна почва за масовни манипулации. Овде постои силна идентификација со лидерот и негова идеализација, а од друга страна, силна емпатија помеѓу членовите на групата, безмалку како да се сите едно големо семејство со еден татко. Оттука и доаѓаат силните непријателски импулси и нетрпеливост кон секој оној кој не е дел од големата фамилија. Кога овој екстра-фамилијарен менталитет, кој неминовно е авторитарен и е подложен на стереотипи, е посилен и повеќе распространет од интра-фамилијарните практики, тој создава подлога за масовна хипноза и силен импулс за одбрана на „своето“ наспроти „туѓото“, она што е надвор од фамилијата.

Да, конзервативизмот го брани семејството, но кога тоа е урнато, тогаш сите се преточуваме во едно големо семејство на сиромашни и бедници, ксенофоби и националисти, великоалександристи и груевисти. Дејствува поразувачки, но токму Груевски е најголемиот груевист.

Затоа, подобро е јуришниците на лажниот конзервативизам помалку да се служат со белосветски цитати и фрази за важноста на семејството и семејните вредности, туку да погледнат во својот двор и да се обидат да ги пронајдат корените на сегашното поведение на припадниците на македонската нација. Фројд би препорачал интроспекција и психоанализа за почеток.  

Оставете коментар