Време е за вистински, леви, политики

По сите изгубени избори, на опозицијата ѝ требаа неколку месеци да си дојде на себеси. Најверојатно, така ќе биде и сега, бидејќи процесот на консолидација тече бавно и треба да се вложи огромна енергија – прво за да се залечат раните, а потоа да се врати полека и партискиот елан. Како и при секое рестартирање, многу време ќе се потроши на анализите за грешките во минатото, за потребата да се збијат редовите, а потоа, да се дебатира за подобра организација и за поквалитетна политичка понуда. Гледано вака, во агендата на СДСМ ќе се најдат стотина неопходни задачи.

Но, пред да тргне во рестарт, СДСМ, па и вкупната опозиција, ќе мораат да одговорат на едно едноставно прашање: што е алтернативата? Постои ли некаков алтернативен пристап? Или, како опозицијата, која губи во серија, ќе понуди нешто поразлично од постојното, нешто што ќе се препознае како ново и пропулизивно?

На прв поглед, ова е прилично дубиозна дилема, бидејќи опозицијата му парираше на Груевски уште на стартот за клучните, стратегиски прашања. Зар не е алтернатива тоа што СДСМ постојано укажуваше дека со постојните политики Македонија ја напушти европската парадигма и стана недемократска држава? Зар заложбите за демократија, слобода, за европска иднина, не се доволни за да се препознае алтернативноста на опозицијата? Очигледно – не.

Од оваа апорија не може да се излезе со тврдењето дека ја минуваме најлошата фаза во историјата на државава, пред сè, поради заслепеноста на мнозинството од македонските граѓани. Тоа е можеби така, но, таквите согледувања не помагаат многу. Не ги потценувам ниту другите фактори кои се покажаа како решавачи на изборите – поткупувањето, клиентелизмот, пропагандата и застрашувањето. Но, факт е дека Груевски има еден адут во џебот што не му е загрозен. Тој адут, заради аналитичкиот пристап, ќе го дефинирам само со еден збор – сигурност.

Да се нагласува сигурноста во една од најсиромашните држави во Европа, само по себе изгледа смешно и нелогично. Ама, се чини, дури и во најмизерни услови и во најголема сиромаштија, сè се врти околу процената – што нудат овие, а што нудат оние другите. Убеден сум дека и оние кои гласаат за ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека нема ништо од преродбата, од најавуваниот економски бум, од бранот инвестиции што ќе резултираат со нови вработувања. Со еден збор, мнозинството од граѓаните се не мислење дека ниту со оваа власт нема ништо значајно да се промени на економски план. Па, сепак, сè уште не се подготвени за промени. Се плашат од ризик или сметаат дека не добиле вистинска понуда? Тешко е да се процени што е решавачко во оваа дилема.

За некој што не ја познава поновата македонска историја, му изгледа несфатливо како е можно десницата да ја победува левицата, а главен проблем во државава се сиромаштијата, невработеноста и ниските стапки на раст. Едно од објаснувањето е тоа што кај нас се создаде доктрина за измешаните улогите на главните актери, па, така, според владејачката идеологија (надополнета со жестока пропаганда) – главната грешка на СДСМ е што форсирала десни политики во раните деведесетти, а и подоцна, па, оттука, левата опција никогаш не била застапена. Но, вистината е многу помплексна и многу покомплицирана, особено откако ВМРО-ДПМНЕ, со Груевски на чело, не се гледа себеси како стриктно националистичка партија.

Вториот адут на Груевски е што го направи невозможниот микс од политички платформи и алатки кои имаа тотализирачки ефект – ВМРО-ДПМНЕ денес е и патриотска, и десничарска, и ултралева партија. Сите сфери се запоседнати, сите платформи се пополнети, сите визии се узурпирани. Партијата која камелеонски се позиционираше за сите важни прашање, зависно од темата, е носител на лажниот тоталитет, бидејќи е против плуралноста и бинарноста на системот. Затоа и станавме режим. Но, со камелеонството, ВМРО-ДПМНЕ изгради систем и за лажно легитимирање и за лажни перцепции.

Партијата-монструм гради имиџ на десничарска, но методите и идеологијата ѝ се левичарски. Притоа, таа ги поседува најлошите особини од двата пола – од десницата ја презеде неодговорноста, безобирноста и алчноста за да им биде добро само на една мала група богати, од левицата, пак, го користи месијанството, демагогијата, суровоста и правото да ја силува сегашноста.

Груевски е свесен дека може да ја одржува власта само ако ја задржи супериорноста во водењето на т.н. леви политики. Оттука, негов приоритет е да го очува тој монопол, односно, да не му даде шанса на СДСМ да се покаже и да се размавне како лева партија. Притоа, погрешно е да се мисли дека Груевски ги придобива сиромашните и најранливите категории со пропагандните флоскули дека „тој троши, ама и дава“, или со презентација на податоците дека социјалните трансфери во негово време биле најиздашни и според обем, но и според квантитет. Како вистински популист, тој не се стеснува да лаже и да манипулира. Како и секој популист, тој нема контрола и нема сопирачки и во трошењето и во задолжувањето на државата. Таа мегаломанија ќе му се удри од глава, но цехот ќе биде заеднички и ќе биде огромен.

Сепак, клучно за разбирање на левите политики на Груевски е големото враќање на државниот интервенционизам во сите сфери, и тоа во еден класичен комунистички манир – државата е клучен фактор и во комуналната, и во урбаната, и во културната и, нормално, во економската сфера. Комунизмот е повампирен и тоа е еден од елементите поради што голем број на луѓе, и тоа оние кои со право се нарекуваат жртви на системот, се чувствуваат сигурни или „правично обесштетени“.

Сега, во Македонија се одвива еден невиден експеримент во посткомунистичка Европа. Владата на Груевски се обидува најгорливите проблеми во државава, сиромаштијата, невработеноста, социјалата во целина, да ги реши со партиска држава, наместо како и сите други, богати или сиромашни – да ја гради и да ја одржува социјалната држава. Таа социјална држава, која е обележје на европскиот модел, со сите свои слабости и ерозии во изминатите две децении, едноставно, сега е ставена ад акта. Колапсот на социјалната држава ни се случува во моменти кога државниот апарат енормно расте (поради партиски вработувања) и кога главните трошоци од инвестиционо значење се во јавната сфера – култура, образование, здравство… Но, тоа не треба никого да залажува.

Превласта и последиците на партиската држава на сметка на социјалната држава ќе се видат кога ќе девастираат сите јавни фондови, кога во државната каса ќе нема пари ниту за пензии, а ниту за плати на јавната администрација. Но, тогаш ќе биде доцна. А и сега е веќе драматично, бидејќи, во Македонија се суспендирани четирите лоста на кои се потпира социјалната држава: прво, економски раст; второ, рационално трошење на државните средства, што подразбира и болни резови; трето, јакнење на институциите и четврто, најширок социјален консензус за велферот, односно, дека правично ќе се распредели и богатството и товарот од реформите. Ниту еден од овие елементи не се почитува и не се практикува во Македонија.

Што може опозицијата да направи во ваква ситуација? Да го чека крајот? Да се подготвува дека ќе наследи упропастена економија и празна државна каса? Да предупредува и да алармира?

Мислам дека ова е време за вистински, леви, политики. Условите се тешки, а противникот, најблаго кажано – е ужасен. Но, мора да се дејствува, мора се работи, бидејќи, во природата на модерните леви партии е да бидат активни и реформски. Тие не можат да се шлепаат на други опции или да чекаат дека некој друг ќе им ја заврши работата. Освен тоа, вистинските леви партии имаат еден адут што е ексклузивен, а тоа е принципот на солидарноста. Никој не може подобро и поавтентично од левите партии да го истакне знамето на кое е набележано дека праведноста и барањето за еднакви шанси се врвните вредности на модерните држави.

Алтернативноста на СДСМ ќе се огледа пред сè, во блискоста со сиромашните, со вработените и со социјално најзагрозените. Потребни се нови умрежувања, но и формирање на стотици здруженија и организации. Конечно за вистинска лева политика, потребно е ново синдикално организирање, бидејќи, постојниве синдикати се маргинализирани и се сведени на продолжена рака на власта. Во секој случај, СДСМ ќе мора да ја истиснува ВМРО-ДПМНЕ од просторот што ѝ припаѓа оригинерно само на левицата.

Leave a Reply