Во служба на партијата и богатите на штета на граѓаните

Ѓилас пишуваше за многубројните привилегии на одреден круг на луѓе кои се на власт. Круг, на кој припаѓаше и самиот тој. Ѓилас пишуваше како и колку се опиени од моќ тие поединци и како се заборавени и отуѓени од моралот на револуцијата. Приказната е посветена на Дедиње, на вилите во кои живееле, а кои биле во сопственост на државата. Пишувањето е посветено на свечените приеми, на баловите, скапите автомобили, раскошот, скапоцените камења и летувањата.

Дали имаме денес некаква промена или се’ е исто, како во времето на Ѓилас?

Македонија стана заробена држава или можеби подобра дефиниција е Партиска Држава. Што значи дека во Македонија политичките (партиските) елити се главните узурпатори на државната и локалната власт, дека се главни узурпатори на јавниот имот и јавните установи како „тела“ кои треба да функционираат за да функционира една држава, а не партија. Повеќе, партискиот монопол потсетува на стариот комунистички (партиски) систем. Но тоа се два различни системи и’ не треба да се прави споредба еден со друг. Во тој стар комунистички (еднопартиски) систем полугите на моќ, одлучувачкото право, го имаше само една елита или поточно еден човек, Јосип Броз Тито и тоа „одлучувачко право“ во тие моменти беше оправдано, бидејќи беше поткрепено со така наречената комунистичка идеологија, која го гаеше таквиот начин на владеење. Но тој систем веќе одамна е престанат да важи, рокот на употреба му е поминат и треба да се отстрани од рафтот како производ со поминат рок на употреба. 

Последниве неколку години зборуваме за идеолошкиот феномен – Партиска Држава. Во време на капитализам, во време на повеќе партиски систем, во време кога треба да се отвори општеството и да се развива демократија, да се штитат човековите права, да се има верба во судовите и органите на државата, вие имате во исти момент спроведување на лажна демократија, партизирано судство, партизирани јавни установи и партизирани јавни претпријатија. Со самото партизирање на целиот систем вие произведувате нов искривен идеолошки момент, каде граѓаните имаат поголема верба во решавањето на нивните проблеми преку партијата, а не преку државните институции. „ПАРТИЈАТА Е МОЌТА“. „Партијата кажува дали ќе живеете или ќе умирате“. Вие (луѓето на власт) тоа го постигнувате со долгогодишно искривување на работите. Партизирањето на државните институции и поголемото почитување на партиските луди идеи донесени на партиските состаноци, а одбивање на почитувањето на законите како основна рамка на дејствување на општеството, претставува момент на партизирање на целиот општествен систем и можност за воведување на тоталитарен систем. Кај нас во Македонија, а и во неколкуте земји на Балканот, имаме состојба каде што со државата владее прикриениот сојуз помеѓу политичките и економските елити и партизираниот јавен сектор. Овој сојуз не’ дозволува да се спроведе институционална контрола која би го елиминира партиското влијание, партиската моќ и моќта на големите корпорации на кои им одговара овој начин на функционирање на државата и државните органи.

Ние имаме доминантна блокада на институциите во Македонија која се појавува благодарение на политичкиот систем кој не е успешно демократизиран. Ниту претходниот автократски систем е темелно делегитимиран со помош на промените кои се одвивале после падот на старото комунистичко, еднопартиско владеење. По самиот пад на тој стар социјалистички систем и затварањето на сите тие стопански капацитети во кои имаше вработено луѓе кои и’ не беа потребни во самите стопански капацитети, туку со тие вработуваа се купуваше социјален мир. Таа војска од испуштени работници, се претвори во топовско месо на политичките партии. Таквата состојба ја искористија политичките партии за да почнат да ја употребуваат во пракса, самата теоријата, што поголем број од луѓето да се вработуваат во јавните институции и јавните претпријатија, преку партиските органи и на тој начин да ја јакнат својата партиска моќ во општеството. Јавните институции (собрание, општини, образование, јавни комунални претпријатија и др.) се претворија во единствената искра надеж за вработување. Во последните години политичката партија која ја доби власта, си ги присвои сите јавни институции и јавни претпријатија, како свои, партиски плен кој се дели после изборите. Како да сите тие јавни институции (администрација, образование, здраство, мвр, државна безбедност, судство)се дел од самата политичка партија и како иситите овие места да се единствена можност за вработување на своите партиски членови и активисти. Во целиот овој круг на партија и граѓани (партиски војници) можете со сигурност да ја додадете и бизнис елитата, која што има голема улога во одржливоста на овој волшебен круг.

Големите корпоративни претпријатија освен што ги помагаат финансиски активностите на политичките партии, тие исто така на политичките партии им овозможуваат и работни места за вработување на своето партиско членство или за вработување на роднини, пријатели и други луѓе, со што на таков начин го зголемуваат своето влијание во самото општествено опкружување. Контра услугата е штитење на пазарниот монопол, купување и саботирање на закони , доделување на тендери или се со една и единствена цел: зголемување на профитабилноста на истоимените компании. Но сето тоа се случува во моментот кога политичката партија ја освојува апсолутната моќ на одлучување. Кога ќе се добие апсолутната моќ на одлучување во самото општество политичката партија почнува да партизира се по ред. Од обични портири во јавните институции до високи позиции во судство, администрација, мвр, државна безбедност, образование, здраство, со што на тој начин се оневозможува неутралното и законито работење на иституциите, а се наметнува партиското влијание, преку кое ги остваруваат своите лични интереси или интересите на своите финансиери.

На овој начин имате создавање на две класи на граѓани. 90% сиромашно население кое што ќе биде користено како ефтина работна рака на тие 10% на богати, кои го создаваат целиот овој политички систем.
 

Оставете коментар