Советот на Европа: Во Македонија да се гарантира слободата на медиумите

Собранието се повика на последните рангирања на слободата на медиумите од страна на „Репортери без граници“ според кои за 2012 Македонија е рангирана на 116 место од 179 земји што се оценувани. Поради тоа ги „повика македонските власти да ја гарантираат целосната слобода на медиумите“. Во друг член од резолуцијата се бара да престанат мешањата во уредувачката политика и да се намали влијанието преку владините реклами.

„Македонските власти да ја гарантираат слободата на медиумите“ -бара СЕ

„Собранието ги повикува македонските власти да обезбедат слобода на медиумите, со оглед на слабоста на медиумскиот сектор, големиот број на медиуми, големата зависност на медиумите од јавните реклами (што изнесуваат до 50 отсто), со што се отвора загриженост за мешањето на политиката во медиумите, за недостиг од професионални стандарди за да се овозможи независно, урамнотежено и истражувачкото новинарство, и загриженост од предизвикот од преминувањето на дигитално емитување во 2013 година“ – се вели во една од точките на резолуцијата.

Во врска со тужбите за клевета и навреда и нивното влијание врз слободата на медиумите, ПССЕ изрази загриженост поради висината на финансиските казни.

„Собранието ја поздравува декриминализацијата на клеветата постигната во 2012 година, но забележува дека новиот закон за Граѓанска одговорност на навреда и клевета и финансиските отштети што треба да се платат во граѓанската постапка, може да има сериозно влијание врз можностите за преживување на медиумите и може до доведе до непосакувана самоцензура“, се констатира во Резолуцијата на Советот на Европа.

Воедно се повикуваат властите на разговори со асоцијациите на новинарите за натамошни законски прецизирање што ќе ја гарантираат новинарската слобода, за утврдување на саморегулацијата како начин на решавање на споровите и за обезбедување механизми Советот за радиодифузија со својот нов состав да не се доживува како тело во кое се меша политиката и да дејствува независно.

Извор Јавност

Оставете коментар