Владата повторно се задолжи

Само што јавноста помисли дека Владата малку ја става сопирачката на домашните задолжувања, бидејќи најави дека ќе се задолжува за 24,4 милиони евра, таа вчера како да ги негираше ваквите очекувања, позајмувајќи близу 35 милиони евра.

Вчерашната аукција повторно покажа дека банките како едвај да чекаат државата да распише аукции на државни записи и обврзници, со цел колку што е можно повеќе од своите слободни пари да му позајмат на овој сигурен враќач, иако со пониски каматни стапки, наместо да ги финансираат компаниите.

Банките во последниов период најавија силна кампања за кредитирање на населението, нудејќи поволни камати и услови пред се’ за станбените кредити, но компаниите и натаму се жалат дека тешко доаѓаат до банкарски заеми, со образложение дека недостигаат квалитетни проекти.

Исто така, од аукциите може да се види дека Владата се’ повеќе се ориентира кон подолгорочното кредитирање, односно кон тригодишните и петгодишните обврзници. Но, откако и за петгодишните обврзници беа намалени каматните стапки, пензиските фондови кои се главни инвеститори во овие хартии од вредност, го намалија кредитирањето, па на последните аукции е забележливо дека секогаш нудат и даваат помалку пари од она што Владата го бара.

Па така, вчера преку шестмесечните записи Владата бараше 11,4 милиони евра, а банките беа подготвени да искешираат дури 24,4 милиони. Исто така, на првата аукција на дванаесетмесечните записи државата бараше 4,1 милиони евра, а банките и’ нудеа 8,3 милиони, додека, пак, на втората аукција тие даваа 4,1 милиони евра, наместо бараните три милиони.

Солиден износ на средства, односно 15,5 милиони евра Владата собра преку тригодишните државни обврзници. Додека, пак, од петгодишната обврзница државата доби 770 илјади евра, а бараше 1,1 милиони. Пензиските фондови неодамна реагираа на намалувањето на каматните стапки на Министерството за финансии, што сега се гледа со нивното помало вложување во овие хартии од вредност. (Н.Н.Ф.)

Извор Утрински 

Оставете коментар