(ВИДЕО) Ѓорѓиев: “Исплатата на грозјето оди по шеќерни единици, со наштимани ваги, небаждарени широмери…”

“Во екот на прибирањето на овогодинешната реколта на нашиот заштитен знак – виновата лоза, сакаме да укажеме, минуваме низ голгота! Ниска е откупната цена на грозјето. Најквалитетното грозје, Кратошијата ни ја земаат и по 8 денари за килограм. Тоа е 5 денари помалку од загарантираната цена. Ова го прават со кражба при проценките”, вели Зоран Ѓорѓиев, претседател на ОО СДСМ Кавадарци.

Бидејки исплатата оди по шеќерни единици, со наштимани ваги, небаждарени широмери, го спуштаат квалитетот на грозјето. Дури и да успее некој да се договори да ја добие загарантираната цена, таа противзаконски се намалува за исплата веднаш. Од 13 на 12 денари за Кратошијата. Од 11 на 10 денари за Смедеревката. Владата тврди дека ќе го казни оној кој ќе ја намали откупната цена. Но тоа е лага. Не го прават тоа, напротив, го дозволуваат.

Има лозари на кои сеуште не им е исплатено предаденото грозје од ланската година. Според законот, рокот за исплата е најдоцна 6 месеци. И ова си поминува пред очите на Груевски и власта. Сеуште не се исплатени и субвенции за минатата година, а еве за три месеци завршува оваа година. Оние кои земаат субвенции не се вистинските лозари. Тоа се главно соработници со власта на кои им е дадено земјиште за обработка.

Најново, лозарите се соочуваат со огромни глоби од по неколку илјади евра. Незамисливо за еден лозар да ги плати. Премиерот во заминување Груевски самиот рече дека тракторите ќе се регистрираат на секои 5 години, за да им се олесни на лозарите. Но наместо тоа, прати инспекции да ловат нерегистрирани трактори. Инспекторите тврдат дека работат по наредба, а ветувањето на Груевски следната година ќе се остварело.

Ни претовар на грозјето не може да помине без стрес. И за ова огромни се казнитe – за претовар од возило на камион над 3.000 евра! Лозарите се потценети и задолжени. Минуваат низ уште една тешка есен.

Веднаш после оваа изјава на претседателот на ОО СДСМ Кавадарци, со демант се јавија од министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство каде велат дека ниту една винарска визба и откупувач не може да почнат со откупот на грозјето додека не се проверат вагите и мерачите на откупните пунктови, односно да почнат со откуп без баждарени мерачи и ваги.

“Министерството е во постојан контакт со земјоделските здруженија и со винарските визби и ги повикува сите лозари на кои што евентуално им е направена лоша проценка на грозјето, за тоа да го информираат Државниот инспекторат за земјоделство. Тие тоа може да го сторат и на бесплатниот телефонски број кој што е истакнат на видно место на секој откупен пункт. Покрај тоа, според Законот за виното ниедна винарска визба не може да се вклучи во откупот доколку има долг кон лозарите. На таквите винарски визби им се одзема дозволата за откуп, а нова дозвола добиваат откако претходниот долг кон лозарите ќе го исплатат со камата.
Сакаме да ја известиме јавноста и дека на сите лозари кои што поднеле барање, дале валидни податоци и ги исполнуваат условите субвенциите им се исплатени.” – се вели меѓудругото од МЗВШ.

Оставете коментар