Училишта што работат само со „aјпад“

Во Холандија од неодамна почна да се реализира една од визиите на Стив Џобс – училишта во кои наставата ќе се изведува единствено со неговиот глобално популарен производ – „ајпад“. Како што јавува „Шпигел“, во август во Холандија се планира да се отворат 11 „Стив Џобс“ -училишта. Се очекува околу 1.000 деца на возраст од 4 до 12 години да бидат запишани во нив.

Овие училишта се замислени да работат во периодот од 07.30 часот наутро до 18.30 часот попладне. Учениците ќе имаат слобода да доаѓаат кога ќе посакаат, под услов да се присутни во задолжителниот период во денот од 10.30 часот до 15 часот.

Вратите од училишните згради ќе бидат постојано отворени во текот на годината, со исклучок за Божиќ и за Нова година. Секое семејство ќе може да ги користи годишните одмори во кој било период од годината.

Во овој изменет концепт на функционирање на училиштата драстично се менува и улогата на наставниците – тие само во исклучителни ситуации ќе ги водат часовите, а учениците ќе ја следат наставата на своите „ајпади“, специјално приспособени за тоа, а ќе функционираат како интерактивни, мултимедијални платформи за учење.

Допрва ќе видиме какви резултати ќе даде овој пристап кон образовниот процес, но следејќи ги иновациите на Финска, која дозволува голема слобода во образовниот процес, не би зачудило ако даде позитивни резултати.

За појаснување, во Финска учениците не добиваат домашни задачи и стандардизираното тестирање е сведено на минимум, децата имаат многу слободно време да бидат тоа што се – деца, а притоа ги постигнуваат највисоките меѓународни резултати и имаат висока проодност во повисоките образовни степени.

Финска става голем акцент врз интеракцијата меѓу учителот и ученикот. И овие таканаречени „Стив Џобс“-училишта нема да заостануваат. Учениците ќе може да бидат во постојана интеракција со своите учители со помош на „ајпадот“, а предвидено е на секои 6 недели учителите, родителите и учениците да ја кројат наставната програма, односно заеднички да одредуваат што треба да се постигне во наредниот период.

Ако учителот утврди дека апликацијата за учење на некој предмет е досадна или, пак, не им овозможува на децата да ги совладаат потребните знаења или вештини, секогаш ќе може да ја замени со нова од продавницата на „Епл“.

Останува во наредните години да видиме дали и овој иновативен пристап што ни доаѓа од нордиските земји ќе се покаже како полн погодок!

 

 

Оставете коментар