Тивката смрт на Универзитетот под авторитарниот популизам во Македонија

Да лажеш не е можно,
те мори вистина бесна –
срамот и тагата своја
скриј ја во нејасна песна.

Блаже Конески

 

Универзитетот, високото образование е една од преостанатите јавни сфери, каде што студентите би требало да имаат можност да научат да мислат, да се ангажираат во критички дијалог, себе-да-се-промислуваат, да ги промислуваат своите цели, односите со другите и својата позиција во општеството. Ова треба да го прават додека ги освојуваат знаењата и вештините во различните сфери на науката, историјата, културата, литературата, правото и политиката.

 

Универзитетот е место од каде се очекува да се обликуваат јавните интектуалци, оние (мал дел од академската клиентела, поинаку наречени органски интелектуалци или интелектуалци активни во јавната сфера и сл) кои не се плашат и сметаат дека им е должност да заземат став и отворат контроверзи за најважните теми на слободата и политиката на своето време. Подигајќи ја јавната свест за контроверзните прашања и одлуки кои треба да се донесат тие, јавните интелектуалци, функционираат како морални сведоци правејќи ги достапни за јавна дебата оние елементи на моќта и политиката, кои, најчесто, се скриени од јавните поглед и оценка. Нивната точка на проценка не е дали нешто може да се направи поефикасно туку дали е добро или погрешно. Нивен репер при тоа се единствено и само еманципаторските политики базирани на човековите слободи и права.

 

Универзитетот е нивно природно гнездо! Образованието на Универзитетот отсекогаш било, во позитивна или во негативна смисла, централно место за политичкото заради фактот што во него отсекогаш се раѓала или затомувала слободната мисла во својот зачеток. Место каде се води борба за тоа како луѓето ќе мислат и како ќе се однесуваат соочени со репресивната власт, со моќта воопшто! Образованието, во таа, смисла е тренинг, практика на слободата! Негови факели се слободите, социјалната правда, солидарноста и критичната мисла. Универзитетот не е затвор или фабрика за клонови на неолиберализмот или авторитарниот популизам – туку платформа на споменатата борба, полна со природни контрадикции на слободната мисла и ум! Како вели Жак Дерида во неговиот концепт за „неусловен универзитет“: на Универзитетот мора да постои фундаментална слобода, фундаментално право да се каже сè (не и штогоде, не и расизам и говор на омраза) и да се каже тоа јавно до граница на експериментални научни тези и позиции кои ги предизвикуваат јавниот морал и конформизмот. Тој со тоа е средиште на јавната образовна надеж (Анри Жиро)!

 

Универзитетот во Македонија никогаш не бил на овие позиции, и не ги достигнал ваквите нивоа на својата можна, зададена слободарска и креативна улога. Но тој почнува тоа да бидува, во периодот на независноста – поттикнат од позицијата која му ја овозможи Уставот од 1991 – многу повеќе од ова што е сега и многу, многу повеќе од ова каде се намерил да оди! ( под притисокот на исклучиво репресивната власт на авторитарниот популизам, која се практикува кон него и која господари со Македонија годиниве).

Денеска Универзитетот е субординиран на политичката моќ! Меѓутоа, она што е траорно е што тој не покажа знаци и желба да се спротистави на своја смрт, на умирањето на својата функција во креирањето на способноста да се мисли за своите клиенти – студентите. Во тој длабок вир Универзитетот ја влече надолу македонската студентска надеж – кон немата зачуденост на ропскиот менталитет на толпите студенти и професори.

 

Тој денес е измама на слобода и слободарство препокриен со еуфемистички, измамнички говор, кој ја уништува самата идеја за Универзитет. Денеска зборот Универзитет во Македонија е нејасен збор на кој неможеш да се потпреш.

Ова пропаѓање на Универзитетот создава свои хроничари, актери кои од тоа живеат, нарекувајќи се професори! Ослободени од обврската да претставуваат какви било научни, автономни и критички теории и да искажуваат воопшто свои мислења, да практикуваат каква било еманципаторска педагогија, со еден збор ослободени од благородниот научен оглав – тие жовијално ја прифаќаат подреденоста, својата згазеност – како мода на денот. Во оваа состојба на укината автономија, на не-право кое функционира како право, со актери кои весело го прифаќаат тоа – Универзитетот се претвора во слуга на власта од најмизерен вид.

 

Универзитетот денес се формира околу нормата на својата прифатливост за власта! Непријателски е кон критичноста, културата на либерална еманципација – клиентелистички подјармен под партијата на власт. Тој е предавник на идејата за Универзитет како гротло на учењето да се мисли и на критичката мисла посебно, како извор на граѓанско образование – посебно јавно добро!

Универзитетот не е само поразен и подјармен, тој згора на сè, не е ниту награден со „триесетте Јудини сребреници“ за предавството на слободата и науката – туку, напротив, тој е темелно ДЕКИНТИРАН, дефундиран, обеспарен, осиромашен и исмеан од власта на која ú се додворува и подлизури.

 

Ме вчудоневидува колку Универзитетот нема што да им каже, да ги собере како „пчели рој“ своите студенти и да ги подучи како да мислат за својата позиција во демократијата! Како критички да полемизираат меѓусебе и како да ги адресираат проблемите на слободата низ призмата на вредностите кои се важни за нашите животи и нашата заедница. Наспроти ова, студентите се ставени во позиција на БАРАЧИ НА ИДНО ВРАБОТУВАЊЕ! А целото образование е сведено на ниво на ТРЕНИНГ за горното! Студентите сега се учат да го игнорираат човековото страдање и општата репресија и да се сконцентрираат на својот себичен индивидуален интерес, односно, како тоа се нарекува колоквијално, „да се снајдат‘‘. Побрзо да стекнат диплома и да се јават кај главниот работодавач – корпоративната држава!

 

Особено загрижувачки, идеолошки отровно, а се продава како „развиток и неутрално“ приспособување на Универзитетот на „новото време“ – е партиската позиција дека факултетите треба да се сервис на бизнис моделот за регрутација на работна сила, сервис на партиската држава, а професорите државни службеници! Дека нивната работа всушност е припомош, мало делче за поддршка на бизнисот и на партиската политика! Факултетите се преобратени во „работна сила“ како дел од поширока компанија, всушност дел од корпоративната партиска држава на авторитаризмот (во нашиот случај).

Универзитетот идеолошки, радикално се ДЕПОЛИТИЗИРА, а интезнивно се ПАРТИЗИРА! Наместо да стане топос на слободни, критички расправи за клучните политички теми, се стреми кон тесна стручна, ноевска неутралност, деполитизација која ја смета за „научен пристап“, тој всушност е пасивен сервис на моќта и на партиите на власт. Професорските партиски толпи се редат во редови пред авторитетот на моќта!

 

Универзитетот и факултетите интензивно се приспособуваат на тие воени редови со регрутација на работна сила подготвена да го изведе овој проект на одумирање на слободната мисла!

Во овој момент можете да идентфикувате неколку групи професори на Универзитетот!

Првата се очигледните нови миленици на партиите на власт – стари и нови кадри, кои се чувствуваат комотно и дури тоа го сметаат за своја предност при правењето кариера – што служат на политичките партии! Дури има трвење меѓу нив, кој повеќе и поправилно е во служба на доминантната партија!

 

Тие се главно на ниво на техничари – поседуваат техничко знаење кое не може ништо сериозно да придонесе за образование на студентите. Таквиот професорски кадар во основа е заменлив со „учење дома од компјутер“ и служи само како показен пример за партиските барони дека се во право кога мислат дека професорите се безначајни штребери, слуги кои се заменливи и потрошни делчиња од машината.

 

Паролата на ваквиот „кадар“ упатена кон студентите (да позајмиме една конкретна од студентските аули) е на пример: „Заштити го умот – студирај политички“?! Наместо да им сугерираат на новозапишаните студенти: најпрво да го РАЗВИЈАТ својот ум со знаење и наука – така најдобро ќе го ЗАШТИТАТ од незнаење, идеологија и измама, тие потсвесно сугерираат дека кревкиот студентски ум, допрва отворен за учење треба веднаш да се конзервира, „заштити“, изолира – за да во него може од почеток да се инсталира партиската ЛАРВА која ќе го нагризува, ќе се храни и конечно ќе го изеде целиот – развивајќи млад, дипломиран, правилно ориентиран, партиски војник!

 

Втората група професори можеме да ги наречеме „учени неутралци‘‘ или жовијални, фриволни распеани научници кои си ја гледаат својата работа и не се „мешаат во политика“! Овој тип професори не разбира дека е вовлечен „до гуша‘‘ во ПОЛИТИКАТА со самата декларираност на својата неутралност. Тие, веројатно, мислат дека не се стремат кон ПАРТИСКИ ангажман, кој го поистоветуваат со изразот „не се мешам во политика‘‘! Фриволната научна работа, „гледање своја работа“, неподигањето отпор против укинувањето на сопствената автономна позиција да се работи и создава, на Универзитет кој се гази и кој им служи на партиите и на моќта – е по дефиниција политичка позиција која се одбира со неизјаснување, како викаат правниците – делото се прави со НЕЧИНЕЊЕ или со конклудентни дејства.

 

Тие се умни, „антиполитични“ и индиферентни кон растечкиот бран на човеково страдање. Нивната академска работа како да е приватизирана и неповрзана со важните социјални прашања и борби – стануваат несвесни во какви КАРИКАТУРИ се претвораат и тие и нивниот труд. Стануваат дел од корпораративниот партиски универзитет, со тоа што „не сакаат да го реметат мирот“ (Џејмс Балдвин). Нивниот научен јазик се жаргонизира и празни, станува нерелевантен во таков контекст, а нивниот кариеризам станува потпора на неслободата која се инсталира. Тие ја знаат реалноста, но не се соочуваат со неа. С. Жижек за нив вели дека одбиваат да го видат очигледното како вид на идеолошки одговор кон реалноста.

Но, нејсе, тие мислат дека се повлечени, неутрални и дека така ќе го пребродат ова лошо време до некое друго послободно! Секако дека се во заблуда, барем од аспектот дека овие промени и газења на слободата на научното творештво и автономијата на Универзитетот, кое авторитарниот популизам го реализира проектно е ТЕМЕЛНО. Создава свои смртоносни, неуки, жилави ЛАРВИ во телото на кревката научна фела, кои утре кога власта ќе се смени – ќе ја бранат неслободата во која просперирале. Тоа ќе биде нова неизвесна борба за слобода – тогаш кога ќе ја дочекаме !

 

На таков универзитет нормално нема јавни интелектуалци (или се во длабока изолација, нешто како карантин за диносауруси), а евентуално се наоѓа „професор за односи со јавноста“ (Анри Жиро). Но, сепак, третата категорија професори, јавни интелектуалци, ќе ги наречам ЧЕСНИ ОБИДИ. Нив ќе ги вклопам во пошироката социјална борба за слобода и автономија на Универзитетот која помпезно ќе ја наречам МАНИФЕСТ ЗА СЛОБОДНИОТ УНИВЕРЗИТЕТ?

 

Што треба да содржи еден таков проект во неговите идеолошки нивоа (не можам во еден ваков текст да ги опишам и оперативните законски мерки кои се неопходни да се реализира)?

 

1. Ни треба Универзитет радикално ОТВОРЕН и НЕУСЛОВЕН (Дерида). Отвореност која одбива да биде неутрална кон теоријата. Слободата и знаењето кое ослободува – се цел. Секое учење е подвиг кој претпоставува ризик: да може да се искаже сè (не нужно и штогоде, не расизам и не говор на омраза). Универзитет кој може да се спротистави на шарлатаните и ѕинѕифајките во науката и узурпацијата на моќта од политиката.

 

2. Слободен Универзитет е тој кој си ја приопштува својата уставна автономија назад и ја вплодува цврсто во своите корени и вредноси, во социјален амбиент без кој не може да ја оствари самата идеја на Универзитет. Неа ја брани – ДО СМРТ!

 

3. Универзитет кој ја прави академската работа плодоносна и релевантна во однос на супстативната демократија на поширокото општество. Академскиот простор го претвора во јавно добро од кое има корист заедницата.

 

4. Универзитет кој создава студенти – ЛИЧНОСТИ, кои можат да мислат со своја глава. Критички да се набљудуваат себеси, односите со другите и општеството пошироко. Како да преземаат одговорност и ризици во критички дијалог за вредности релевантни за слободно демократско општество.

 

5. Универзитет кој во таква едукација ќе ја држи амбицијата високо: создавање на нов политички јазик, еманципаторски јазик, кој ги држи во фокусот на образованието глобалните наративи за целината на општествениот развој и демократија. Не фокус кон одделни политички феномени, стручност и тесноекспертска ориентација (иако таа секогаш има место во образованието, но не основно), не фокус кон тренинзи за бизнис оперативност и административни вештини, не поврзување на образованието на прво место со трудот и бизнисот – туку со борбата за демократска иднина, со вредностите на човековите права и еманципацијата, со слободата! Универзитет кој отвора, преку студенти-личности, нови демократски, социјални и економски политики, критика и надеж нови модели на граѓански доблести и храброст.


 П.С. Некому ќе се чини насловот неприкладен од аспект дека терминот „тивка смрт“ – се однесува на нешто што било созреано здраво, а кое одумира дел по дел во подолг период. Имено критиката би била дека кај нас, во случајот со нашиот Универзитет тоа не може да биде случај бидејки тој бил секогаш болникав пациент, кој под авторитарниот популизам денес само го стрефила брза „инфарктна“ смрт. Јебига, можеби! Знаете, драги мои, проблемот со либералните интеклектуалци за каков скромно се сметам, е дека се идејно омаени и можат понекогаш да имаат заматен поглед со посакувано мислење за работите (wishfull thinking). Тоа е хендикепот кој мора да си го носите.

Оставете коментар