Тешко болен кавадарчанец тврди дека му е “наместено” кривично дело кражба

Борис Глигоров (44) од Кавадарци, со кревко здравје и трансплантиран бубрег, наскоро треба да замине на издржување едногодишна казна затвор за кражба, за која тврди дека не ја сторил, пренесува телевизија Телма. Се жали до Врховниот суд бидејќи како што вели, иако има докази дека не е крадец, сепак е осуден на една година затвор и 25 илјади денари глоба, која треба да ја плати за наводно украдени бакарни табли од манастир во Радовишко вредни 200 илјади денари. Според обвинението, Глигоров заедно со уште неколку други лица биле забележани како крадат во манастирот од каде е исчезнато и црковното ѕвоно. Скромниот кавадарчанец, кој продава на градскиот пазар, тврди дека е наместен и дека критичниот ден имал гости.

-Немам никаква врска со Загорци, првпат слушам за тоа село. Бев на пазарот и дојде полиција, прво дома ме барале. Ме собраа на пазарот, ме товарат дека сум украл камбана и плочи некои, вели Глигоров.

Неговата мајка Риска вели дека во пресудата стои дека при увидот не биле најдени материјални траги, отпечатоци или какви било предмети од кои може да се потврди дека Борис бил учесник во кражбата. Со солзи во очите кажува дека му го подарила бубрегот и така му го спасила животот, но дека од затвор не може да го спаси.

-Цел ден дома беше, а тој полицаецот вели дека тој ден лично го видел. Ако го видел, тој требало да викне полиција дали е тој или не. Дали сум во право? Ќерка ми и внуката за сведоци ги напишавме. Утредента кога требаше да одат на суд, ќерка ми доби мозочен удар, сета се парализира, ни збор ни одговор. Нервно се разболев. Зошто син ми на правдина да го тераат по затвори, вели неговата мајка.

Молбата на Глигоров е за одложување на почетокот на извршување на казната за три месеци ,но кавадаречкиот суд ја одбил. Од таму наведуваат дека според законот, одложување е можно ако лицето е на болничко лекување од потешка акутна болест или зависност. Риска Глигорова вели дека токму таков е животот на нејзиниот син.

–Со маки лепчето си го вади , живее со многу лекови живее, ќе ги пие цел живот, вели Глигорова.

Во пресудата, пак, стои дека е донесена минималната казна за ова кривично дело, врз процена на сите околности. И, додека Глигоров правдата ја бара по институциите, се уште не е разјаснета состојбата кога и како е одземено тешкото црковно ѕвоно од сто килограми. Во жалбата до Врховниот суд меѓу другото стои дека препознавањето на обвинетиот од сведокот не било изведено според законот, а одлуката за имотната штета не била заснована на вешт наод на стручно лице. 

Извор ТЕЛМА

Оставете коментар