Орхан Памук: Светилник на цивилизацијата

Јасно е дека стравот е причина зошто Европејците подигаат зидови за своите генерации и со тоа се повеќе се изолираат од остатокот од светот. Додека крилатицата за слободата, еднаквоста и братството полека паѓа во заборав, Европа за жал се повеќе се станува место со кое владеат верските и националните идентитети.

Целиот живот го поминав на границата на Европа. Од прозорот на мојата куќа или од работа ја гледав од другата страна на Босфорот. И кога и да размислував за Европа или модерното, секогаш, како и многу луѓе од остатокот од светот, се чувствував по малку како провинцијалец.
Како и милион луѓе кои не живеат на запад и од далечина ја набљудуваат Европа, тргнав во потрага на сопствениот идентитет. Во текот на тој процес често се прашував: што мене и на сите нас ни значи Европа? А со оглед дека мој град е Истамбул, место каде Европа почнува или можеби завршува, моите размислувања за неа секогаш беа нешто поинтензивни и попостојани од размислувањата на другите кои живеат надвор од неа.
Потекнувам од едно од многуте истамбулски семејства кои припаѓаат на повисокиот среден слој, кои потполно ги усвоиле сите секуларни реформи на Кемал Ататурк, основачот на турската република. За нас, кои во текот на втората половина на 20-тиот век сме воделе таков живот, Европа беше повеќе од место каде можеше да се најде работа, повеќе од трговски партнер или моесто од каде доаѓаат инвестициите. Европа за нас беше светилник на цивилизацијата.
Тука сакам да нагласам една важна работа. Турција во текот на својата историја никогаш не била колонија на некои западни сили. Никогаш не ја осетивме репресијата на империјализмот. Тоа подоцна ни овозможи слободно да сонуваме за држава во европски стил, без негативни сеќавања или чувство на вина.
Пред осум години пробав да ја уверам својата публика дека сите би имале корист од влегувањето на Турција во ЕУ. Во Октомври 2004 година односите помеѓу Турција и ЕУ беа историски врв. Јавното мислење и голем дел од медиумите во Турција се надеваа дека наскоро ќе започнат официјалните пристапни преговори помеѓу Турција и ЕУ. Некои турски весници оптимистички шпекулираа дека преговорите можат да се завршат во наредните десет години, во 2014. Турција можеше да стане полноправен член на ЕУ. Некои медиуми пишуваа приказни за привилегиите на земјите членки и големите приливи на инвестиции и богатство од фондовите на ЕУ, кои Турција ќе ги почувствува кога ќе влезе во Унијата, како Грците кои по влегувањето имале голем скок на скалата на животниот стандард. Некои пишуваа за тоа дека би можеле и ние наскоро да живееме удобно како Европјаните.
Истовремено, во самата Унија се зајакнале конзервативните и националистичките гласови против пристапот на Турција, посебно во Франција и Германија. Се најдов во средина на оваа дебата и започнав да се прашувам себе си (а и другите) што Европа навистина значи.
Ако европските граници се верски, мислев, тогаш Европа е христијанска цивилизација. Во тој случај за Турција, чии 99% од жителите се муслимани, таму немаат место иако географски припаѓаат на Европа.
Но дали Европјаните се задоволни со таа тесна дефиниција на својот континент? Конечно, не е христијанството она што од Европа направи светол пример за другите народи во светот, туку теа беа цела низа социјални и економски трансформации и идеите произлезени од нив. Таа незадржлива сила поради која Европа во текот на последните двеста години стана магнет за остатокот од светот ем просто речено – нејзината модерност. Како што не учат историските книги, модерното е исклучиво европски производ: ренесанса, просветителство, француската и индустриската револуција. А движечката сила зад овие промени не била верска туку “секуларна”.
Кога пред неколку години се разговараше за тоа дали Турција треба да пристапи кон ЕУ, велев: ‘Само ако ги почитува принципите на слобода, еднаквост и братство’. “Но ги почитува ли Турција тие принципи?” ме прашуваа многумина, сосема оправдано. Така започна дебатата, пак од почеток. На тој период денес се сеќавам со носталгија. Со колку само страст овде во Турција, а и во Европа, расправавме за тоа кои се тие европски вредности.
Денес, додека Европа се бори со кризата, а за понатамошно проширување на ЕУ се помалку се зборува, малку од нас воопшто се трудат да размислуваат за овие теми или да зборуваат. За жал, и подршката за пристап на Турција кон Унијата одпадна. Тоа донекаде е последица и од тоа што денес слободата на говор во Турција, како и порано, е прилично неразвиена. Но најважната причина без сомнение е големиот прилив на муслимански имигранти од северна Африка и Азија во Европа, кои кај многу Европјани го засилува сомнежот и стравот од пристапување на мнозински муслимански земји кон ЕУ.
Јасно е дека стравот е причина зошто Европјаните подигаат зидови на своите граници и со тоа се повеќе се изолираат од остатокот од светот. Додека крилатицата за слободата, еднаквоста и братството полека паѓа во заборав, Европа за жал се повеќе се станува место со кое владеат верските и националните идентитети.

Дел од говорот на Орхан Памук на приемот на Sonning наградата за европска култура.

Превод: К.Попова

Оставете коментар