Странска помош

Во Македонија имаме долга традиција на чекање Месија кој ќе нѐ избави од страданијата. Некој што би ја презел врз себе улогата на сето она што ние не сме. Некој што во себе ќе ги содржи атрибутите: храброст, решителност, потентност, безобразна самоувереност и свесност за себе. А, најбитно од сѐ, некој што во наше име ќе е способен на саможртва.

Ни треба Крале Марко. Сам да истепа и крвници и кесеџии, а потоа да седне и да испие цела меана. Да ги ослободи робјето, за да можат кротко да си се вратат дома и да прдат под јорган.

Ни треба Гоце Делчев. На отворениот повик по повод: „црна се чума зададе“, да се пријави самиот, јуначки да се нафати со бркање на чумата од јадна Македонија и херојски да загине во обидот. За утеха, мајка му ќе го добие неговиот абер дека „се посвршил за црна земја робинка“, а ние ќе си ја олесниме душата липајќи.

 

Ваквата ментална устроеност нема врска со генетиката. Условена е од долгата историја на соочување со далеку поброен угнетувач, од долгото јадење ќотек, плаќање арач/порез/данок, плаќање арач/порез/данок и јадење ќотек во исто време. Зборуваме за векови минати во потчинетост и угнетување, за состојба во која единствен начин на опстанок бил наведнување на главата што пониско под сабјата, или заминување на печалба. И така со генерации…

Во нашево современо, но сепак со митови обременето живеење, продолжуваме да го бараме чарето во процесот на чекање на Месијата. Само сега, согласно глобалните услови, месијата го бараме кај суперхероите на меѓународната сцена. Капетан Америка од Менхетен и Белгијанецот Тинтин. Соочени со нова црна чума, многумина се навратија на светлата традиција – чекање.

Видни умови, елоквентни, шармантни, начитани, прошетани по белиот свет, веќе речиси една деценија го полнат нашите (и така полупразни) глави со месијанскиот карактер на странската дипломатија. Приказни во кои Капетан Америка и Тинтин доаѓаат овде, ги совладуваат лошите и воспоставуваат правично, демократско и хумано општество. Едноставно, така се скроени. Секаде каде што ќе видат некадарни чифлигари кои дремат под јорган и ронат солзи за својата клета судбина, доаѓаат двајцата суперхерои и на некој волшебен начин ги средуваат работите. Капетан Америка дури има и соодветна униформа.

Такво ми беше искуството и на промоцијата на „Од диктатура до демократија“ на Џин Шарп. Не бев премногу изненаден (но, сепак бев премногу изнервиран) кога започна расправа за дефинирање на состојбата во која се наоѓаме, на настан каде се промовира книга чиј поднаслов е: Концептуална рамка за ослободување.

 

Дали живееме во диктатура, или автократски режим, можеби постдемократски систем… И малку недостасуваше да почнат да фрчат цитати од Хабермас, Жижек… Муабет на луѓе кои чекаат да дојде месијата и да ја напади чумата од жална Македонија… Во еден момент кога најискрено и најотворено од публиката се постави прашањето: „Што да правиме кога странците нѐ тераат со власта да преговараме за работи кои знаеме дека ни одат на наша штета?“ одговорив дека никако не смее да се случува тоа. Не е помош давањето легитимитет на силникот, И зошто воопшто да очекуваме странска помош… се повикав на авторот чија книга промовиравме. Кој е интересот на меѓународната заедница да влегува во конфликт со владејачка структура која победила на избори кои никој не се ни обидел да ги оспори?

Се разбира, мојот став не беше општо прифатен, а јас немав волја за понатамошно докажување на очигледното. Доказот дојде по само две недели, кога Тинтин среде Скопје извика: „Не можете да очекувате јас да ги водам вашите битки!“

 

Се надевам дека оваа изјава ќе предизвика некакво просветлување. Се надевам сите ќе разберат дека Капетан Америка и Тинтин не се Месијата. Наша работа си е нашата земја и тоа каква ќе ја направиме. Нема да дојдат Крале Марко и Гоце Делчев да ја завршат работата. Нема ни странските суперхерои да долетаат од небесата. Треба да ги најдеме во себе квалитетите што ги бараме од замислениот спасител: храброст, решителност, потентност, безобразна самоувереност, свесност за себе и секако, подготвеност за саможртва.

За крај, верувам дека Капетан Америка и Тинтин би ја помогнале борбата за слободно и демократско општество. Потребно е само да има кому да помогнат. И да видат дека пред себе имаат луѓе кои не се подготвени на компромис кога се во прашање вредностите за кои се борат.

Оставете коментар