Што е интуиција?

Понекогаш, заглавуваме. Ќе се оптовариме со минатото, ќе ги преразгледуваме настаните повторно и повторно. Некои луѓе пак, се презагрижени за она што ќе се случува во иднината. Без оглед во кој правец е, преинтензивното размислување ни го одзема целото внимание, блокирајќи ни го умот а со тоа го загрозува и нашето ментално здравје. Во споменатите случаи, обично за првиот е карактеристично да се јави депресија, а вториот се манифестира како анксиозност. Секако, свесни сте дека во денешно време овие две состојби дивеат низ светот оневозможувајќи ги луѓето да си ги искористат сопствените капацитети.
За интуицијата пак, може да се каже дека стои наспроти и едното и другото. Се покажала како корисна во голем број на ситуации и неможеме да ја отфрлиме како некој нерелијабилен начин на знаење за нештата.
Има голем број дефиниции за интуиција, па можеби најдобро е да ја сфатиме токму интуитивно, а не со преголемо размислување за неа. На некој начин таа е како автопилот во мозокот, па ако ја вклучите ќе ги процесира информациите и регулира вашето однесување без преголема свесност од ваша страна дека е вклучена и како всушност работи. Може да ја наречеме и несвесно размислување.
Доаѓаме до главното прашање, она кое веројатно најголем дел од вас си го поставуваат. Дали може да и се верува на интуицијата?
Како помош при одговарање на ова прашање, корисно е да се знае дека автоматското процесирање на информации кое ја карактеризира интуицијата е нешто што го искусувате веројатно цело време.
Да го наречеме овој феномен „хипноза на автопатот“. На добар автопат, може со километри да возите без свесни мисли. Да, управувате со возилото, реагирајќи на условите на патот и другите автомобили, па така знаете дека нешто се случува, се процесираат информации, во мозокот. Но, како да не сте во целост свесни за себеси и што правите. Или пак, одите пеш по улица, на позната дестинација, и во текот на одењето тонете во мисли за некои други работи и одеднаш се сепнувате кога веќе сте дошле до целта, а не сте ни свесни за процесите кои ве довеле до таму.
Е сега, ова се задачи кои ги имате пред себе а со низок степен на сложеност па не е ни чудно ни небезбедно за вас да се потпрете на автоматскиот пилот, но што ако пред вас се исправи некоја покомплексна ситуација?
Треба да знаете дека несвесните процеси се случуваат постојано при носењето на сложени одлуки. Но обично не им посветуваме многу внимание ниту пак им даваме доволно заслуги. Најчесто, се повикуваме на некои критериуми кои ни звучат рационално во врска со нашите чувства и однесување и кои не ги откриваат нашите субјективни преференции на чувствата кои настануваат спонтано.

Понекогаш, целосно ги игнорираме нашите внатрешни, интуитивни реакции, со тоа игнорирајќи ги нашите автохтони одговори за сметка на начините на кои мислиме заради надворешни причини, како на пример со цел нашиот одговор да се вклопи со судот на другите, односно се устројуваме според она како сметаме дека би требало да мислиме.

На пример, истражувањата јасно покажале дека сме целосно способни да носиме здрави одлуки за нашата исхрана кои честопати се базираат на несвесни процеси, а кога намерно се форсираме да размислуваме за тоа што треба односно сакаме да јадеме и која одлука да ја донесеме во однос на тоа, ние всушност ги правиме работите полоши. Големата вистина се одразува во фактот дека едноставно, сите фактори кои влијаат врз нашите реакции, не ни се свесно достапни.
Се разбира, не постои замена за вредно собирање на сите информации кои се во врска со некоја задача или проблем што стои пред нас. Но, не треба ни да се плашиме дека не знаеме зошто се чувствуваме онака како што се чувствуваме во секоја ситуација.
Интуицијата е главно несвесен процес чии резултати свесно ги добиваме во форма на чувство а не како структурирана мисла, при што, како и зошто се дошло до него, дали било базирано на издржани и валидни внатрешни процесирања, не ни е јасно. Па затоа, одлуката дали ќе и верувате на интуицијата, како типично субјективен процес, во дадена ситуација е само ваша.

 

 

Оставете коментар