Станови има многу на продажба, цените паѓаат, фалат уште само купувачи!

Се зголемува понудата на станови. Во Кварталниот извештај на Народната банка на Македонија за јули е наведено дека продолжува трендот на намалување на цените на овој вид недвижности и во второто тримесечје од годинава.

„Индексот на цените на становите бележи забавен пад од 0,5% на квартална основа, која што придонесе за мало забавување на годишна основа (пад од 4,7%, наспроти падот од 5,5% во првиот квартал на 2013)“, се наведува во документот на централната банка. Во услови на пораст на трошоците за градба од 2011 година, негативните придвижувања кај вредноста на станбените единици можат да се објаснат со повисоката понуда на пазарот на недвижности“ пишува во извештајот на НБРМ.

А дека цените на становите имаат надолна тенденција потврдуваат и во Владата. Во Аеродром по цена од 795 евра за квадрат гради Акционерското друштво за стопанисување со станбен простор. Во Реонски центар, во скопски Аеродром се градат 7 згради со 330 станови. Министерот за финансии Зоран Ставрески, кој денеска го шеташе градилиштето, со оглед на тоа што половина од становите не се продадени, ова е шанса преку проектот „Купи куќа – купи стан“, заинтересираните да си купат стан.

Надвор од Скопје, државното претпријатие гради станови во Прилеп, Битола, Охрид, Кавадарци, Штип, Струмица, Пехчево. Непродадени се 300 од нив, по цена од 300 до 600 евра за квадрати, информираше Ставрески, а додаде дека има понуда и на куќи кои „Хот и хот“ ги нуди во радишани и Соње, а наскоро и во Хиподром и во Илинден.

Инаку Централната банка констатира дека повисоката понуда на станови може да се забележи преку високиот годишен раст на изградбата на станбени згради во првото тримесечје (реален годишен раст од 136,8%, стимулиран од странските инвестиции).

Понискиот број на издадени одобренија за изградба на станови во првите четири месеци од годината, во однос на минатата година, исто така укажува на веќе релативно висока понуда. Гледано од аспект на показателите за побарувачката, станбените кредити и натаму растат во првите пет месеца на 2013 година, но поумерено, пишува извештајот. Дали владината понуда за „Купи куќа купи стан“ ќе ја поткрене побарувачката останува да се види.

Оставете коментар