(ВИДЕО) Китев: “Долго време во спортот во Кавадарци не беше вложено ниту денар!”

Планираме сериозни иннвестиции во спортот и спортската инфраструктура, со цел повторно да го вратиме сјајот на спортот во Кавадарци

„Почитувани спортисти, рекреативци, спортски работници и спортски фанови,

Кавадарци отсекогаш беше познат како еден од најспортските градови во Македонија. Од Кавадарци во минатото произлегоа врвни спортисти, како во тимските, така и во индивидуалните спортови.

Но, за жал, долго време во спортот во Кавадарци не беше вложено ниту денар. Спортските објекти беа оставени на забот на времето, а спортистите се снаоѓаат кој како знае и умее. По промената на локалната власт, планираме сериозни иннвестиции во спортот и спортската инфраструктура, со цел повторно да го вратиме сјајот на спортот во Кавадарци.

Како прво ќе ги реконструираме Градскиот стадион, Спортскиот центар Јасмин, и Градскиот базен, а ќе изградиме и велосипедска патека од Ваташа до Моклиште. Реконструирани ќе бидат и спортските терени при основните и средните училишта, од кои повеќето денес се распаѓаат.

Понатаму, за правилен раст и развој на децата воведуваме Наставник по физичко уште од 1-во одделение, со што на учениците ќе им се овозможи рано совладување на базичните спортски вештини и добра координација на движење, како и рана детекција на таленти и нивно правилно насочување.

Ќе обезбедиме максимална поддршка на училишниот спорт и возобновување на Малите Олимписки игри на локално и национално ниво. Во склоп на таа поддршка ќе овозможиме и стипендирање на младите спортски таленти, за во целост да се искористи нивниот потенцијал.

Ќе го зголемиме процентот од буџетот што е наменет за спортот и ќе обезбедиме финансиски стимулации за фирмите кои инвестираат во спортот. Средствата наменети за спорт ќе се распределуваат со учество на спортските работници. Општината ќе ги покрива трошоците за користење на спортските објекти од страна на спортските субјекти и клубови.

Почитувани сограѓани, ви ветувам дека по промената на локалната власт, спортот ќе биде еден од главните приоритети на мене како градоначалник и на советниците од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија и коалицијата. На Кавадарци му е потрбена нова енергија! На Кавадарци му е потребен живот! Живот за сите!”