СО “МОЈОТ МАЖ” ГО БУДИ ПРЕМОЛЧУВАЊЕТО

Понекогаш преку пишувањето се чисти, а понекогаш се кае поради напишаното. Со ваквите раскази сака да придонесе кон плејадата женски ликови во книжевноста. Стравува да ја нарече книгата “женска” за да не одврати дел читатели поради генерализации. Преку”Мојот маж” не потсетува на болните изрази на патријархалната средината во која живееме. За неа премолчувањето e подрско, отколку кажувањето на вистината.

 

Првиот расказ од книгата беше прогласен за расказ на неделата од еден хрватски сајт. Оттука ли почна приказната за оваа збирка раскази?


– Приказната почна со тој расказ, да, но долго пред да биде објавен во Хрватска. Конкретниот расказ се вика “Мојот маж, поет” и го напишав во изблик од нервоза по едно лошо поетско читање, и како задоцнета реакција на парадата од суети што ја бев посведочила за време на Струшките вечери на поезијата (имаше таму и сјајни поети… ама имаше и такви како во расказот). Често си замислувам, кога гледам некој како јавно се посрамотува, да речеме, како би се чувствувала тој човек да ми е дел од семејството, на пример син или сопруг. Па така го напишав расказот и сфатив дека и други мои раскази се вклопуваат во таа шема, а подоцна напишав повеќе такви раскази бидејќи темата е инспиративна. Така се создаде збирката.

 

Во неа испреплетуваш бројни релации, кои оставаат трага во развојот на жената. Кои трауми се потрајни – од релацијата со партнерот или со родителите?


И едната и другата траума се тешки и трајни. А често се и поврзани како логичен след на развојот на работите. Мене главен виновник ми е патријархатот. Мислам дека сите ги прави несреќни. Низ расказите се обидувам да ги покажам тие релации: како подредената улога на жената во домот, дали како мајка или како ќерка, може да биде отровна за сите, или како доминантната улога што ја игра таткото или синот можат да бидат престресни и пренапорни, па така да имаат негативни последици за личноста и за целото семејство. Зборувам и за нетрпеливоста меѓу постарите и помладите жени, неверствата и нивните последици во семејството, а и хомосексуалноста како една од најголемите табу теми во нашето општество. Ме интересираат и траумите на родителите, посебно мајките, кои се жртви на превисоки општествени очекувања, или пак кои остануваат неисполнети штом децата им пораснат. Тука се и мажите кои мораат да ја потиснуваат својата чувствителност, да бидат финанскиски успешни и агресивни во своите амбиции – се болни изрази на патријархалната средината во која живееме.  

 

Колку има автобиографски моменти во расказите?

Тешко е да се каже колку, а и сите ме прашуваат. Затоа избирам да не го одговорам ова прашање.

 

Каков е твојот маж?
– А и ова.


Свесна ли си за освестувачкиот момент низ пишувањето?


Искрено, не. Знам точно што ќе напишам уште долго пред да го напишам, па не доживувам освестување додека работам. Ми се случува да доживеам некакво прочистување, испразнување, а уште почесто и каење за тоа што го пишувам.
Како ја достигна книжевната зрелост во “Мојот маж”?
Веројатно тоа доаѓа со читање, пишување, но и со строгост. А и веќе не сум толку млада за да останам книжевно незрела – во тој случај би требало да престанам да пишувам.


Преку промоцијата поттикна и други на пишување. Колку беше инспиративна “Мојот маж” за љубителите на книгата? (Организираш необична промоција на книгата во која ќе учествуваат и читателите).


– Како што и мене темата ми беше инспиративна, така се покажа дека е инспиративна и за читателите. Добив многу интересни и различни анонимни текстови на тема “Мојот маж”. Освен што текстот не требаше да биде подолг од 200 збора, немаше други ограничувања. Најмногу ме изненади умешноста и проникливоста на текстовите што го добив. Напишани се вешто, емоциите се набиени, случките и описите повеќезначни – не личат на аматерски текстови. Едни се тажни, други смешни, трети нежни. Сите звучат вистинито. Се изнауживав читајќи ги и едвај чекам да ги претставам на промоцијата. Се надевам дека можноста некој да се препознае ќе ги натера луѓето повнимателно да ги читаат.
Колку општествените премолчувања ти се инспирација? Колку преку расказите го прекинуваш/будиш тоа премолчување?


– Сакам да пишувам за општествени премолчувања или работи кои беспотребно се сметаат за табуа поради некои наши застарени ставови. Слично, ме интересираат и ситуации каде што треба да премолчиме зашто така е учтиво, иако провокацијата во суштина е многу понеучтива од реакцијата. Оттаму ми е драг расказот “Осми март”, каде што една девојка вулгарно се спротивставува на безобразните коментари на нејзините колеги во врска со нејзините животни избори, и е осудена поради својата вербална дрскост, додека малограѓанските коментари насочени кон девојката поминуваат неказнето. Го будам тоа премолчување, на пример, со тоа што во расказот на извесен начин ги казнувам тие ликови со непријатни случки.


Кому се обраќаш Преку “Мојот маж” – на некој маж конкретно, на сите мажи или на жената?


– Би сакала да речам дека им се обраќам на сите. Но сепак, малку повеќе им се обраќам на жените. Во книжевноста постои недостаток од женски ликови, и понекогаш тоа создава проблем кога сакаме да се идентификуваме со одреден лик. Пораснати сме со книжевност во која доминирале машки ликови, и во која често жените биле посакувани објекти или објекти кои создавале раздор (често поради својата посакуваност или непосакуваност). Со ваквите раскази би сакала да придонесам кон живата плејада на женски ликови во книжевноста. Тоа веднаш би ја направило мојата книга “женска”, што сигурно ќе одврати дел од читателите поради негативните генерализации кои се прават за таканаречената “женска книжевност”.


Колку преку мажот може жената да се спознае?


– Исто колку што може жената преку мажот, или кој било друг човек преку личност што му е блиска.


Со својата фантазија ја будиш и фантазијата на читателот, кому му оставаш сам да ги заврши расказите. Како знаеш каде да престанеш?


– Обично престанувам таму каде што се плашам дека работите би можеле да станат предвидливи или сентиментални. Сакам читателот да го наведам да си размисли што би било логично да се случи следно – тоа не тера да се навратиме кон расказот и убаво да ги анализираме ликовите и случките внатре. Од друга страна, јас најмногу ги сакам расказите со отворен крај, па можеби и затоа така пишувам.


Кога ќе напишеш роман?


– Можеби никогаш.


Можно ли е некој од расказите да прерасне во роман?


– Не знам, се е можно. Ама некако не ми се верува. Завршив со тие теми. Би ми било тешко одново да се навраќам на нив, особено што тие раскази што може да прераснат во роман се со мачна тематика – како на пример расказите “Гени” и “Лиле”. Едвај чекав да ги завршам додека ги пишував – не знам сега дали би можела да им се навратам и уште толку да ги измалтретирам ликовите.  

извор: Дневник

Оставете коментар