Славна личност од втора класа

Може да се донесат илјадници заклучоци против Русија. Да се докаже сета нејзина безвредност, неспособност за работа, проколнатост. Сепак, Русија маѓепсува и привлекува кон себе. Самиот ја чувствувам на себе нејзината привлечност.

Ја сакам руската љубопитност, малиот круг луѓе кои живеат весело. Смеејќи се. Без да се плашат. Кои умеат да ризикуваат. Но, тоа е така мал круг. Не би можел да живеам во провинција. Здодевно е. Нерасцепеност на мозоците. Моите сфаќања се поместени.

Под зборов Русија го подразбирам оној круг луѓе што ги среќавам во Москва и уште помалиот круг во Санкт Петербург, и уште малку во неколку поголеми градови. Но зошто тие ми се допаѓаат? Ретко со некој од нив да најдам заеднички јазик. Не гледам држава која се задлабочува во размислување. Нема филозофи. Има малку писатели. Грст добри музичари. Грст сликари. И, тоа е целата моја татковина.
Остатокот – азијатштина. Меѓутоа, зошто не бегам од таа сосема лажна држава? Бидејќи тоа не ме засега. Не одам секој ден на работа. Не се симнувам во рудник, не гладувам. Неколку месеци во годината живеам во странство. Италија, Германија, Франција, САД. Мојот социјален статус е на славна личност од втора класа. Кога би го немало сево ова, јас би се налутил. Фактички, не го живеам животот на руската толпа. Не го живеам ни полновредниот руски живот. Не сум странец во својата земја, ама не сум ниту нејзини огорчен граѓанин. Јас сум од оние неколкутемината среќници кој може да си дозволи да ја сака оваа земја со чудна љубов.

Таа е моја. Во мислите извршувам огромен број гадости, а во стварноста – помалку, но извршувам. Сакам секој странец да го акнам по муцката. Сакам да се освестам некаде, несфатливо каде, гол, посран, со ваква глава. Ги сакам руските жени. Можам да испијам три шишиња вотка и да не паднам под маса. Не ми е гајле за моето здравје, како и на сите други мои сонародници. Навикнат сум на рускиот простор. Но ја мразам оваа земја. Како држава. Како еден куп идиоти. Како гнилно место. И, сепак не си заминувам. Но знам: подобро е во староста да се живее во Калифорнија. Таму со години можеш лесно да го вдишуваш свежиот воздух. Да пловиш со кану.

Но, таму ќе ме фаќа носталгија. Поинтересно ми е со Русите отколку со странците. Со Русите се е повесело. Малку ми е тесно со странците. Не ме собира во нивната фантазија. Руската фантазија претставува продолжено лажење. Русите имаат развиена фантазија.

Ама, ми здодеа да живеам во држава која не умее да биде држава. Одвратни ми се фашистите. Радикалните, ќелавите и умерените, брадестите. Ми здодеа поплакувањето, беспомошноста.
Живеам во Русија како туѓинец, бидејќи живеам подобро од многумина и можам да си дозволам да го кажам сето она што го мислам. Не се плашев од власта, живеев слободно во СССР – живеев толку слободно, како никој друг. Над мене не постои надреден, ниту под мене – подреден. Слободата ми овозможувам да мислам така како што мислам. Но тоа е само привремена среќа.

Живеам целосно на маргините. Некој, исто така, живее на маргините, но поблиску до центарот, друг живее меѓу краевите и центарот на рускиот живот, трет живее поблиску до центарот, и колку сме поблиску до центарот, толку ни е помачно и пострашно, толку ни е повалкано и толку сме побеспомшни, поочајни; центарот – тоа е пеколот.

Оставете коментар