Скандал на гинекологија во Кавадарци, инјекција има само за “свои” луѓе

Ана од Кавадарци е бремена жена со негативна крвна група.Во интерес на нејзиното претстојно породување (можеби е и породена) за ова нејзино сведочење сакаше да остане анонимна за да не наиде на “неочекувани” проблеми.

Секоја трудница со негатвна крвна група мора да прима анти-D(Rho)-имуноглобулини, инјекција која жените кои се Rh негативни (-) ја примаат мускулно најпрво во 28 гестациска недела, а потоа и по породувањето, но исто така редовно се прават и дополнителни скрининг тестови за кои што се задолжени специјалистите по гинекологија и акушерство, а на пациентите останува да веруваат во стручноста на докторите и да не бидат загрижени. Или во превод, оваа инјекција е превентивна за безбедна бременост во иднина.

Оваа инјекција, министерството за здравство на Република Македонија ја стави на листата на лекови кои се бесплатни за сите осигуреници.И како таква, треба постојано и во секое време да ја има на ветрините од здравствените установи ширум Македонија.

Од гинеколошкото одделение во Кавадарци на Ана и било кажано (во нејзината 28 недела од бременоста) дека моментално ја немаат на “лагер” оваа инјекција и дека може да потрае и до две недели додека ја добијат.Каков апсурд.Каков срам.Која е поентата да се прима таа инјекција после две недели? Како може оваа “прометна” установа да си дозволи еден ваков кикс кога во општата болница во Кавадарци покрај родилките од Кавадарци, се породуваат и жените од Неготино, Росоман и Демир Капија.

Друга варијанта која и била понудена на Ана е да отиде од аптека и на приватно да си ја купи инјекцијата и да се врати назад во болницата за да и ја стават.Инјекцијата чини 4500 денари, пари кои фондот за здравство подоцна не ги рефундира т.е не ги враќа парите.

Оваа скапа варијанта ја одвратило Ана, и својата мака истата ден ја пренела во кругот на домашните и на пријателите. За нејзина среќа, а несреќа за македонскиот здравствен систем, еден од нејзините пријатели, инаку вработен во општата болница во Кавадарци, завртил неколку телефонски броеви и што се вели, ја “средил” работата.Имало инјекција за “наши” луѓе.

Утредента Ана повторно отишла до гинеколошкото одделение каде фино и пристојно била спроведена и уредно ја примила инјекцијата на терет на фондот за здравство.

Оставете коментар