Сиромаштијата направи болен тетовец да стане бескуќник

Тој на почетокот на месецов настрада како пешак во сообраќајка, при што му е направена хирушка интервенција на неговата нога. Вчера е пуштен од болница, но поради катастрофалните услови во неговиот речиси разурнат дом, беше принуден да преспие во дворот на неговата сестра.

-Куќата на Јане нема никакви, пред се, хигиенски услови за негување на болно лице кое има и нарушено ментално здравје, а јас како најблизок роднина не можам да му помогнам затоа што со моето семејство живеме во една соба, вели сестрата на Јане Ратка Миркоска. Таа апелира државните институциите да помогнат и да го згрижат нејзиниот брат во соодветна установа.

Јане Ѓорѓески изминатава зимава остана без покрив на неговиот дом, кој се урна поради наносите од снег. Министерството за труд и социјална политика додели греди и табли за покривот, но не обезбеди мајстори за неговата реконструкција. Материјалот тука се уште стои. Залудно е да се поправа оваа трошната куќа, доколку сакаат институциите навистина да помогнат, треба куќата целосно да ја урнат и да изградат нова, велат соседите на Јане

Доколку државните институции не покажат хуманост и не го згрижат Јане во соодветна установа, најверојно ноќите и во иднина ќе ги поминува под ведро небо.

Оставете коментар