Сиромаштија, студ, глад и болести е голготата на бранител од Прилеп

Педесетгодишниот Гоце Бежоски од Прилеп е бранител од прилепската единица на резервниот состав на АРМ. Како учесник во воениот конфликт во 2001 година, поради преживеаниот стрес тврди дека добил епилепсија, а силните пукотници на гранатите кои ги носел до тенковите, трајно му го оштетиле слухот. Изминативе 12 години тој постојано се обидува, но никако не може да добие работа, а здравјето му се влошува, не може да живее без секојдневна терапија.

Со сопругата Даниела садат еден декар тутун, за да ги отплаќаат
ратите за откуп на еднособниот стан во населбата кај касарните. Но, вели, кога ќе ги земат парите од тутунот, околу 1000 евра најмногу,не им се доволни за да ги платат сметките што ги собираат во текот на целата година и да го вратат заемот кај блиските, што го трошат за да се прехранат.

Десетина години Бежоски безуспех одел,молел, барал работа, тропал на многу врати. Но, и тогаш кога со владин проект бил примен да работи како чувар на паркинг, добил отказ.

„Мене ме пуштија затоа што не прифатив во здружението „Прилепски бранители“ да учествувам. И друго ми најдоа мана, зошто сум бил со „Здружението на резервни воени обврзници од 2001 и 2002 година“,па ланска година кога ги селеја борците од НОБ во Скопје, оти сум излегол со Здружението пред споменикот на Кузман Јосифоски, сум бил комунист, а јас сум член на ВМРО ДПМНЕ“, вели Бежоски.

Поради своите сериозни здравствени проблеми, се надевал дека ќе добие инвалидска пензија. Поднел документи до Управата за прашања на борци и воени инвалиди, во Министерството за труд и социјална политика.

„Два пати што бев на воена инвалидска, работничка инвалидска за да добијам некаков инвалидитет, за да остварам некои права, ништо, од никаде ништо, никој да не не погледне “, се жали Бежоски.

Незадоволен од одлуката на Управата, поднел жалба до Управен суд, па сега треба да ги плати судските трошоци во висина од 1600 денари. А вели, нема пари за лекови, ниту за храна.

„Како граѓанин, како бранител и како член на ВМРО ДПМНЕ, се чувствувам скроз уништен,не можам ова да го сфатам,зошто државата не поведува особено за нас бранителите,еднаш да рече, дај првин на бранителиве нешто да им дадеме, барем за тие што се многу позагрозени“, вели Бежоски.

Овој бранител бара помош, или да добие работа, која ќе може да ја извршува имајќи ги во вид здравствените проблеми или да добие редовен паричен надоместок. Бидејќи како што вели. повеќе не може да го издржи секојдневиот притисок на животот во сиромаштија, студ,глад и болести.

Извор и фото ТЕЛМА

Оставете коментар