Сери за Хрватска!

Сум се олеснувала во многу европски земји и во оние од регионот. Жената која ги чисти тоалетите Србите ја викаат „баба сера“. Не ми се допаѓа тоа па секогаш кога сум во Белград на симпатичната „баба сера“ ѝ плаќам двојно. Во Загреб „баба сера“ се вика „клозетфрау“. Жената мавта со метла или ја чисти кабината, на столчето стои чинивче, ти фрлаш колку што ќе ти каже „фрау“ и ни на крај на памет не ти паѓа во тие моменти да мислиш на Татковината.

Ни надвор од регионот не е многу поинаку. Во Германија, Австрија и Италија во тоалетите во кои мораш на „сера“ или „фрау“ да ѝ дадеш половина евро никој од тебе не бара да мочаш или да сереш во слава на земјата во која чучиш. Сè надвор од Хрватска е некако диво опуштено, онака како што пред некој ден беше и кај нас. Нема веќе. Помина возот!

Станавме цивилизирана земја. Во Хрватска мора да се регистрира секое мочање и серење. „Клозетфрауите“ во Убавата наша на сите сератори, сераторки, мочли и мочковци им даваат сметка која овие мораат да ја платат. Ја поздравувам акцијата на министерот Линиќ, но зошто не направи нешто за оние кои серат да добијат спецификација на услугата за која платиле?

На сметката не пишува кој „вид услуга“ муштеријата ја платил. Дали корисникот од себе пуштил златен млаз или куп измет? Ако некој мафијаш на пазар се осмели да издаде сметка на која пишува „банани“, а муштеријата од него да купи јагоди, би му го затвориле дуќанот и би платил барем триесет илјади куни глоба.

Не смеам ни да помислам како би поминал предавникот кој во рубриката „количина“ би напишал половина килограм, а од нас би побарал да му платиме килограм. Муштеријата во истиот момент би го повикал Линиќ, бидејќи секое мамење на Татковината значи „помали пензии“, „помалку градинки“, „помала социјална помош“. Тој веднаш би го прекинал годишниот одмор и во ударен термин на Ха-ер-те со име и презиме би го прозвал злосторникот и би му го проколнал родот и породот.

Затоа, крајно време е жените кои издаваат сметки во хрватските јавни тоалети да добијат вага. Зошто единствено тие во земјава би биле без контрола? Цените на услугата мора итно да се усогласат со количината на испорачана стока. Не е исто кога некој ќе исере килограм топла маса, а друг од себе едвај ќе истисне козја брбушка. Можеби тоа е вистинскиот рецепт како Хрватска да излезе од кризата. Секој би требало да плати онолку колку што серел.

извор: Окно.мк

Оставете коментар