Секс и оргии во знак на протест пред кавадаречката Локална Самоуправа

Со искажување меѓусебна љубов и размена на сексуални пози од Камасутра, група од засега анонимни кучиња скитници од кавадаречкиот регион одржаа протест на градскиот плоштад во Кавадарци, поточно пред вратата на локалната самоуправа, барајќи ги своите законски права кои со устав и закон им се припишани. Преку секс и оргии во знак на протест пред кавадаречката Локална Самоуправа, десетина од нив, оние најкритичните, деновиве го окупираа градскиот плоштад како и други јавни кавадаречки институции барајќи од надлежните служби во Кавадарци да им излезат во пресрет на нивните барања. Притоа беа блокирани и дел од кавадаречките улици со што се создаде и сообраќаен метеж.

Неофицијалниот лидер на оваа бездомничка кавадаречка група, Шар Ко, јавно ги образложи горливите проблеми кои со години се провлекуваат а никој до сега не ги седнал ниту на формален разговор а камоли да им го реши проблемот.

“Почитувани кавадарчани, почитувани медиуми и почитувани локални функционери. Ние, кучињата скитници од општина Кавадарци се собравме вчера, денес а ќе се собираме и наредниот период се со цел да го искажеме нашиот револт кон локалната самоуправа на општина Кавадарци која не води апсолутно никаква грижа за нашиот општествен статус и не ги брани воопшто нашите животински права. Со години ги трпиме голготите и тортурите кои ова општество ни ги наметнува и ги прави врз нас преку најразлични угнетувачки методи. Доста удиравте по нас, со стап и камен, доста веќе со шприц не “успивате”. Доста веќе фрлате отрови во непосредна близина на градските контејнери. Многумина од нас ги изгубија животите. Некои беа бездомници а некои беа и домашни миленици. Ние останатите, ве научивме. Ги знаеме веќе сите клучни точки во градот каде ги ставате отровите и затоа не се движиме по тие места. Почитувани, за жал ова вака повеќе не оди. Револтот кај нас е се поголем. Денес сме десетина, утре ќе бидеме стотина. И не запираме дур не се најде компромис и разрешница. Преку денешниот протест на голотија и размена на течности меѓу нас испраќаме и повеќе од порака. Голи, гладни, жедни, болни, бесни…А што друго ни останува освен да водиме љубов и притоа да се мултиплицираме? Дајте да седниме и да разговараме и најдеме излез од оваа ситуација.” – вели Шар Ко во своето обраќање.

Бројот на кучиња скитници на територијата на општина Кавадарци е во постојан пораст. Надлежните сега засега немаат конкретно решение за справување со овој предизвик. Ризикот од пренатрупаноста со кучиња скитници е доста голем. Потребно е трајно, хумано решение.

“Вие драги мои кавадарчани, вие сте луѓето и граѓаните во оваа средина, и токму тоа треба да ве прави попразлични од нас. Примитивноста ваша во ова општество не може да биде двигател кон подобра иднина. Затоа денес  јавно си ги кажуваме нашите маки. Но не сме тука саде собрани да кукаме. Еве, имаме и конкретен предлог и низа мерки кои јавно ги упатуваме до градоначалникот и совет на општина Кавадарци за кои сметаме дека ќе ги решат проблемите по ова прашање. Значи, на општина Кавадарци и те како и е потребен центар за згрижување на животни бездомници и скитници како нас. Таков еден центар не веруваме дека чини многу. Напротив, заштедете еднаш, доста фрлате пари по споменици кои и онака само ги посираме и уринираме по нив, а потоа вие да ги уривате и обезглавувате. Направете ни веќе еднаш шелтер центар. Тоа е најдоброто решение за сите нас. Не бараме многу. Корка леб и голтка вода. Така исчистени и интегрирани во општеството можеби и ќе имаме среќа да се вдомиме како домашни миленици. Ете толку од нас сега засега. Ве молиме сериозно да ги разгледате овие наши барања како не би дозволиле ситуацијата во иднина да излезе од контрола” – се вели во излагањето на лидерот меѓу другото.

Оваа маргинална кавадаречка група си го кажа своето. Јавно, без пардон и без предрасуди. Сега, надлежните се на потег.

protest kucinja3

подготви

Кире Бебеџаков

Оставете коментар