Секој ден по осум Македонци помалку

Лани мнозинскиот народ се намалил за 2.828 лица, што е разликата меѓу умрените и родените. Етничките Македонци истовремено го сочинуваат најголемиот дел во структурата на починати граѓани – лани умреле 14.823 граѓани од оваа националност, односно дури 73,6 проценти од вкупниот број умрени иако во вкупното население учествуваат со помал процент, односно со 64,2 отсто. За разлика од нив, умрените лица од албанска националност во вкупната бројка учествуваат со 16,9 проценти (3.416 лица), Ромите со 2,6 отсто, Турците – 2,4 отсто.

Од друга страна, според минатогодишните податоци, новородените деца на етничките Македонци учествуваат со едвај 50,9 проценти (11.995), додека на етничките Албанци со 34,1 отсто, или 8.035. Значително поголем број раѓања отколку погреби е забележан и кај ромската популација, при што нивниот број лани се зголемил за 1.019 лица бидејќи имале 1.552 новородени деца, а 533 погреби. Намалувањето на населението освен кај Македонците, во нашата држава се случува и кај Србите за 295 лица и кај Власите за 34 граѓани.

Според пописот од 2002 година, во вкупното население Македонците учествуваа со 64,2 отсто, Албанците – 25,2, Турците – 3,9, Ромите – 2,7, Србите – 1,8, Власите – 0,5, Бошњаците – 0,8 проценти.

Експертите по демографија укажуваат дека ваквите трендови се очекувани со оглед на тоа што кај македонската етничка заедница со години се забележува помал наталитет.

– Тоа е само едната страна од последиците. Втората страна е фактот што етничките Македонци стануваат с` постаро население. Односно учеството на постарите генерации меѓу нив станува с` позастапено. Оттаму има значително поголем број на починати лица отколку на новородени деца кај Македонците. Од соодносот меѓу починати лица лесно може да се изведе заклучок кај која етничка група преовладуваат постари генерации – објаснува Дончо Герасимовски, аналитички демограф.

Во земјава моментно не се презентирани статистички податоци за тоа во какви старосни структури се распределени припадниците од секоја етничка заедница. Такви податоци може да даде единствено пописот на населението, за кој е сосема неизвесно дали и кога ќе биде целосно спроведен. Но податоците за умрените и за родените лица се доволно индикативни. Посебно и податоците кои покажуваат во кои региони и општини има повеќе погреби отколку раѓања.

– Најмногу умрени лица има во Битола – 1262, Kуманово – 1.048, Прилеп – 897, Тетово – 695, Kарпош – 672.., а најмногу живородени деца се во Kуманово – 1.307, Тетово – 1.133, Чаир – 1.067, потоа следуваат Гази Баба, Битола, Прилеп, Струга, Студеничани, Сарај – илустрира Герасимовски.

Во прилог на ова одат и податоците што се забележани на ниво на статистички региони – најгусто населени: скопскиот со 336 жители на квадратен километар, полошкиот 131,2 и североисточниот регион со 75,9, а помала густина има во: вардарскиот 30,8, пелагонискиот 49,4 и источниот регион со 50,6 жители. За обележување е и тоа што 50 отсто, или 42 општини имаат негативен природен прираст во 2012 година – Kарпош, K. Вода, Берово, Битола, Гевгелија, Делчево, Д. Kапија, Д. Хисар, Kавадарци, Kочани, Kратово, Kрива Паланка, Kрушево, Охрид, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Ресен, Св. Николе итн.

За разлика од нив, во само 11 општини, или во 13 проценти од општините во Републикава, имаме природен прираст од точно 3.434, или колку што е целиот природен прираст за земјата. Општини што го прават тој природен прираст се: Сарај – 451, Чаир – 448, Тетово – 438, Студеничани – 406, Ш. Оризари – 334, Струга – 223, Kуманово – 259, Липково – 264, Арачиново – 186, Желино – 208 и Гази Баба – 217.

 

Алармантен фертилитет

Во Македонија, односно кај Македонките во моментов стапката на фертилитет (просечен број на деца што во репродуктивниот период ги раѓа една жена) е 1,4 дете. Минимумот за проста репродукција (а не и за зголемување на населението) треба да изнесува 2,1 деца на една жена. Податокот јасно покажува дека државата го нема ниту одблизу најмалиот минимум на бебиња што барем ќе го одржува бројот на македонското население. Социолозите опоменуваат дека ваквите алармантни бројки треба сериозно да н` натераат да размислиме за опстанокот на нацијата. За надополнување на кажаното тие ги наведуваат и следниве податоци: во 1950 година во Македонија се родиле 50.000 бебиња, во 1980 година – 40.000, во 2011 се родени 22.000. 

Извор dnevnik.com.mk

Оставете коментар