Се или Ништо…

Долго време лежев на кревет, контемплирајќи за се она што многу ме измачуваше, а и имаше поента да се размислува, редно беше, конечно морав да ја вклучам функционалностa на мозокот.
Свртен кон фотографиите, уметничките дела, закачени на sидовите низ собата (пејзажи, актови, музички ѕвезди) ме одведоа ретроспективно далеку, далеку во минатото.
Седев сам во „соба на мртви пејзажи и музичари“ Ланкастер, Берлин, Ротердам, Пелагонија, Стив Мариот и Рони Лејн…
Низ глава ми поминуваа различни мисли, од кои една ме однесе во моето рано детство. Ми се навраќаа разни алегорични моменти на детската чиста лудост.. Почнав да се смеам на цел глас…. животот на едно дете е исполнет со голема, возвишена, чиста идеја за постоењето. Затоа и се нарекува „безгрижно детство“.
Низ текот на мојот мисловен процес, дојдов до една многу интересна идеја. Да оставам се што имам овде и да отидам далеку во некоја, јужноамериканска земја и да почнам пак од почеток. Немав што да изгубам, а морав нешто да направам со себе. Прво што ми падна на памет беше (берач на кафе) па почнаа да се редат една по друга професија: манго земјоделец, бананоберач, одгледувач на личи во Бразил. Но најмногу од се, ме фасцинираше производството и одгледување на кафе. Како се одгледува, како се пече, на која температура, кога и како се берат плодовите, како изгледа додека е сурово, каква клима му е потребна, на која надморска височина расте?… и ред други нешта. Морам да признам дека ритуалноста на утринското пиење кафе за мене беше исто, како да сум на реален пат кон вселената, кон невозможното за на крај враќање во реалниот свет…

Со моето заминување никој нема да знае и да дознае каде сум. Нема да имам никакви надворешни влијанија по мојата одлука за заминување. Неа ја носам во себе.
Би сакал да запознаам нови луѓе, обичаи, традиции, сигурно ќе научам некој нов јазик и без многу потешкотии ќе се приспособам на новата средина. А, со сигурност можам да потврдам дека ќе бидам повеќе задоволен и исполнет отколку сега во моментов.
По моето долго размислување решив да излезам од дома.
Беше прекрасна, тивка, неделна приквечерина. Но, кога се сетив дека (13 дена сум затворен во станот) останав вџашен! Неверојатно!? Не ми се веруваше дека меморијата ме држи кратко и дека заборавам клучни нешта.
Скопје почна негативно и збунувачки да влијае врз мене. Како можев да заборавам и да не се сетам ниту еднаш на тоа?! Морам да се стабилизирам. Морам!! Ова вака… ова не смее да оди понатаму… не смее.
Почнав да се облекувам и во меѓувреме, размислував каде би можел да појдам на кафе? Не ми дојде ниту една конструктивна идеја. Бев збунет од помислата дека во последниве 20 год. градов е изменет и не ми паѓаше ништо конкретно на памет кај би можел да појдам? Но, веќе бев облечен и спремен . Слегов пред зграда, застанав, запалив цигара, ја испушив и пак се качив горе во станот.
Си помислив:
– Ти си неверојатна личност, непредвидлива, дезорганизирана, понекогаш дури и премногу изопачена и шизофренички настроена.
Се преслеков и тргнав накај кујната да си направам кафе. „Така сум навикнал да живеам“ си реков во себе. Само што го ставив џезвето на шпоретот… телефонот заѕвони.
Се доближив до него, ѕвонеше 3 пати и кренав слушалка;
– Ало…..ало…ало.. ?
– Дали е тоа г-дин Едвард Фишер Рустинов? Is it Mr. Eduard Rustinov Англиски говор.
В’миг почувствував како, ладни капки пот ми се лизгаат на телото. Го знаев тој глас од некаде!?!
Едноставно не сакав да одговорам. Сакав да ја спуштам слушалката, да ја откорнам жицата од телефонот и да појдам накај кујната (страшно ми се пиеше кафе). Ме фати паника. Почувствував страв од она што требаше да ми го кажат од другата страна на линијата. Отсекогаш сум мразел кога ме принудуваа на некои нешта кои, ниту ги сакам ниту посакувам. Некако, тој глас премногу ме плашеше и ме остави нем, како без јазик и без можност за одговор. Морав да се вклучам на англиски и така да одговарам. Собрав храброст и продолжив; (англиски говор)
– Да, г-дин Просинов е на телефон.
– Мајка ви вчера, ја донесоа во болницата St. Francis во Њујорк, доживеала два срцеви удари еден по друг и јас како долгогодишна пријателка на вашата фамилија, таа побара од мене услуга да ве пронајдам и замолам, колку е можно побрзо да дојдете овде во Њујорк бидејќи таа не е способна да го реализира овој разговор и има огромна потреба од вас. Сака да ве види Едвард… И да бидеме на чисто и реални… можеби и за последен пат, ситуацијата не е баш најдобра!
Во истиот миг ја спуштив слушалката. Не сакав ништо повеќе да слушнам. Отидов до кујната да го средам нередот од претеченото кафе и да направам ново. Седнав во мојата омилена фотеља и почнав да размислувам за тоа како најбрзо би стигнал во Њујорк.

Ме фати страшна нервоза, се исправив и почнав да пцујам по се и сешто, ја демолирав дневната соба… последно на што се сеќавам е тоа дека паднав на земја…. Кога очигледно после неколку часа беспомошно лежење на под ги отворив очите и сфатив дека сеуште сум жив, не бев премногу среќен поради тоа. Почна да ми смета моето лично постоење. Мојата одвоена личност. Не сакав и не можев повеќе да се мачам ! Мислите ми беа постојано насочени кон мајка ми. Јас ќе останам последен од мојата фамилијарна лоза… И што потоа ? Ќе останам потполно сам ?
Никогаш не научив како е да си сам ! Секогаш бев опкружен со многу различни луѓе, а татко ми секогаш ми даваше утешна доза на доверба:
– Ти Едварде, никогаш нема да бидеш сам ! Ќе сторам се за тебе. Твојот живот ќе биде фантастичен и исполнет!
Грчеви почнаа да ме стегаат на различни делови од телото. Јас сепак бев наполно сам. Колку и да сакав нешто да променам веќе беше прекасно за се. На грамофон ги пуштив Small Faces со All Or Nothing за утеха, затоа што, во најдепресивните денови на мојот живот ми помагаа за исцелување на сета она тага која ја доживував често како адолесцент, па и во зрелите години. Песната сеуште одеше на грамофон, запалив цигара, се качив на балкон и искрено и се насмевнав на месечината за последен пат. 

Оставете коментар