Се грижи ли некој за Кежаровски?

Додека сега се чека Апелација и се издишува незадоволството во новинарската заедница со некакви оптимистички, но нереални сценарија, се прашува ли некој што се случува со тој човек и тоа семејство? Се прашува ли Нова Македонија што е со нивниот новинар што имаше хонорарен статус во моментот кога беше уапсен?

 

Пишува: Тамара Чаусидис

 

Осум новинари, блогери и активисти за заштита на човековите права се уапсени во Азербејџан. Реагираа Европската федерација и Совет на Европа барајќи да се спречи криминализацијата на новинарството. Меѓународните организации многу лесно ја разбираат вистинската мотивација за апсењата, иако обвинувањата со кои тие легално се покриваат  не се нималку наивни – од нелегално поседување оружје до шверц со дрога. Едноставно тоа се луѓе кои критички ја опсервираа работата на властите во Азербејџан и сите обвинувања за некакви нивни криминални активности  се сметаат за провидна фарса.

Македонија е единствената европска земја која има новинар во притвор. Веќе една година во притвор. Тоа што Томислав Кежаровски е во домашен притвор не го менува фактот дека тој е лишен од слобода и неправосилно осуден на четири и пол години затвор.

И Кежаровски, како и сите други новинари во светот што се во затвор или притворени, не е таму со обвинение дека е новинар. Никој, па ниту нашите власти не се толку глупави.  И за него се изнајде основ што делува аргументирано – тој наводно открил идентитет на заштитен сведок. Тоа што сведокот сам потврди дека бил лажен, што влакно од глава не му недостасува откако Кежаровски пишува дека полицијата мести лажен сведок, на секој здраворазумски човек би му било доволно да се посомнева во обвинението. На сите, освен на самите обвинители и, како што се покажа, судиите од прв степен.

И додека сега се чека Апелација и се издишува незадоволството во новинарската заедница со некакви оптимистички, но нереални сценарија, се прашува ли некој што се случува со тој човек и тоа семејство? Се прашува ли Нова Македонија што е со нивниот новинар што имаше хонорарен статус во моментот кога беше уапсен?

Се прашува ли сопственикот на медиумот, Минчо Јорданов, еден од најбогатите луѓе во Македонија, според списанието Форбс, како живее тричленото семејство на Кежаровски во кое никој не работи? Нема ли во империјата на Јорданов работно место за сопругата на Кежаровски? Нема ли од платите што беа наменети за новинарите кои заминаа од Нова Македонија доволно за дел да се одвои и за Кежаровски?

Зарем тој не заслужува матичниот медиум што имаше доблест да му даде награда за истражувачка сторија, да застане и да остане зад него, да го одржи во живот додека тој го носи крстот на целата професија? Во име и за сите нас.

Да не заборавиме, Кежаровски можеше многу лесно да се извлече од голготата уште на самиот почеток. Можеше да стане „кооперативен“, да биде „сведок“ да „соработува“. Можеше да се „прероди“, па можеби и емисија ќе му дадеа да води.  Но, тој реши поинаку, тој реши да ни го обели образот на сите нас. Да покаже дека новинарите ги штитат своите извори и по цена на сопствениот комфор, да покаже дека новинарите стојат зад своите текстови кои откриваат злоупотреби  и тогаш кога им се заканува одмазда од тие кои ги открива.

Кежаровски се жртвуваше себеси си, но да не заборавиме, и сопственото семејство. Тој има малолетна ќерка и невработена сопруга.

Тој не заслужува да го заборавиме.Тој не заслужува неговиот матичен медиум да биде поштеден од прашањето – се грижите ли за Кежо?

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Оставете коментар