Ректорот на УКИМ ќе го тужи веб порталот “ОКНО” за сатиричен текст?!

До редакцијата на Окно стигна писмо од адвокатската канцеларија Апостолски, која го застапува ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, а во кое се бара повлекување и извинување на „дадени изјави кои содржат навреди и клевети“ против проф. д-р Стојковски. Проблематичната статија за која се бара извинување е всушност сатирична статија, пара-интервју од рубриката Пара вести.

Писмото од адвокатот на ректорот Велимир Стојковски можете да го погледнете погоре, а во продолжение следува одговорот на главниот и одговорен уредник на Окно, Никола Гелевски.

okno tuzba


Од вашата адвокатска канцеларија, „Апостолски“, денес добивме заканувачко писмо кое се повикува на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. За објавениот текст на нашиот портал „Интервју со Велимир Стојковски“ барате извинување и јавно повлекување на текстот.

Во оваа пригода ве информираме дека станува збор за сатирична рубрика,Пара вести, и дека посоченото интервју е измислено, т.е. сатирично. Такви интервјуа и таков тип (пара)вести досега сме објавиле неколку стотици – и никој никогаш не барал повлекување или извинување бидејќи луѓето разбираат дека станува збор за хумор и сатира.

Ова е прв пат некој да ни се заканува со тужби за текст објавен во таа рубрика. Ви препорачуваме само бегло да ја прелистате рубриката Пара вести, за да сфатите дека речиси секој текст во таа рубрика е направен во стилот на сатиричното интервју со Стојковски.

Од тие причини, се разбира, не ни паѓа на памет какво било извинување и повлекување на текстот. Тоа е како да се извинувате за карикатура. Текстот е своевидна карикатура.

Нажален поради вашето неразбирање на сатиричен текст, поради неразбирање на јавната смисла на медиумите, а богами и поради загрижувачкото отсуство на смисла за хумор, ве поздравувам и ве молам да му го препратите мејлов на вашиот клиент, Велимир Стојковски.

За порталот „Окно“,

главен и одговорен уредник,

Никола Гелевски

 

Извор ОКНО

Оставете коментар