Раскинете го договорот во случај да ви исклучат тв канал

Кабелските и другите оператори кои нудат телевизиски услуги, во претплатничките договори ќе мора да имаат наведено прецизна листа со тв-канали кои ќе им ги обезбедат на нивните корисници. Агенцијата за електронски комуникации одлучи на ваков начин да ги заштити граѓаните откако во последниот период беа исклучени дел од најпопуларните филмски и документарни странски канали. Оваа обврска треба да почне да важи деновиве, а освен новите ќе ги опфати и постоечките корисници.
– Бидејќи во сегашните договори нема листа на канали, операторите се должни да ги обноват договорите со своите корисници и во истите да наведат листа на канали, кои им ги обезбедуваат на крајните корисници. Дента кога некој од тие канали ќе биде исклучен, вие имате право да го раскинете договорот без никакви пенали, вели Роберт Орданоски, директор на АЕК.

Новиот правилник на АЕК исто така предвидува обврска за операторите да ги известуваат корисниците кога во роаминг ќе направат сметка за интернет од 1000 денари или за разговори од 3000 денари. При тоа, секој корисник ќе треба да го информира операторот дали сака да продолжи да ја користи конкретната услуга. Во однос на евентуалното спојување на мобилните оператори ВИП и ОНЕ, Орданоски тврди дека тоа не би предизвикало зголемување на цените во овој сектор.
– Во моментот просечната цена на минута разговор е еден денар. За три години успеавме да ја намалиме цената за три пати. Јас очекувам дека оваа цена од еден денар, која е сега просечна малопродажна цена, не може да се зголеми затоа што не сме тука да го контролираме тој пазар, истакна Орданоски.

Од АЕК исто така информираа дека од 30 јуни ќе поевтинат цените на роаминг разговорите, смс пораките и мобилниот интернет помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Извор ТЕЛМА

Оставете коментар