На протест, за иднината на своите деца!

пишува Кире Бебеџаков

Што да каже човек за вчерашниот граѓански протест, за величествениот граѓански сенароден марш на слободата низ улиците на Кавадарци, а притоа да не заплаче од радост, среќа… Спој од убавини, раскош од граѓани, лица ведри. Промените се неизбежни. Ви велам!

Илјадници сограѓани, борци, херои и хероини, протестанти…Македонија, Кавадарци, никогаш “пошарени”. Лица насмеани, маршираат граѓани, индивидуалци, со сопствен разум, гордо, исправено, за Кавадарци, против диктатура.

Плени и дава крилја што има се помалку “независни” посматрачи од страна. Лица кои “не ги интересира политика”, иако истата им е вовлечена длабоко во сопствениот џеб, а богами и под сопствениот чаршав. Добро е што нив ги има се помалку. Постои филтер. Постои трезвеност. Дури марширате со високо крената глава низ градските улици како дел од еден грандиозен граѓански собир,  убаво е што едвај и може да ги приметите партиските лигуши, уживачите на груевизмот, тастерите на режимот, наредени под тендите од кафетериите…Во блиското минато не беше случај. Тоа е добро!

Најмногу плени и радува што доброто и позитивното надвладува. Без оглед на се.  Протестите продолжуват, масовно, силно, храбро. До крај. А крајот се надзира. А крајот ве повикува. Ве повикува сите до еден кои сеуште сте неодлучни, да се одлучите. Дали ќе пиете попладневно кафе, дали ќе стоите понастрана, покрај улица, под дебелите јаворови сенки или ќе бидете дел од врежувањето на поновата македонска историја.

Времето одминува. Многу брзо, луѓе. Верувајте, еден ден, во многу блиска иднина, вашите деца ќе ве седнат на клупа како деца, и ќе ве прашаат за случувањата денешни. Ќе ве прашаат за вашиот став, мислење, за страната која сте ја одбрале и бранеле. Дали сте биле тивки поддржувачи на режимот, дали и вие сте веделе глава цели десет години, дали сте им ја краделе и крателе иднината, дали сте биле мизерни и за двесте евра пари сте биле нечија партиска марионета, човек поразен од сопствената душа, бездушник кој за грст денари се ставил во утробата на еден тоталитаререн режим. Да да, ќе ве прашаат. А вие, такви какви што сте, знаејќи дека сте ја направиле една од поголемите грешки свои, за себе, за блиските за децата, од срам ќе пропаднете во земја. Ќе ја барате најголемата дупка која може да ве собере, да се сокриете,  од срамот, дури ги најдете вистинските зборови за вашето граѓанско потфрлаување.

И нема да имате избор. Ќе ги погледнете сопствените деца во очи и ќе им кажете дека сте биле бескичмен партиски полтрон, човек без свое јас, без тронка разум, дека други те воделе, други одлучувале за тебе. И тогаш вашиот душевен пораз станува уште поголем. Ќе пропаднете во амбис, ќе паднете на колена пред своите и ќе барате прошка од нив. Или ќе ги излажете.

Но тие, вашите најблиски, ќе бидат граѓани, со разум и чест, и ќе ви простат и ќе ви кажат дека се многу пограѓани од вас. Дека учат од туѓите а не од сопствените грешки, учат од грешките на своите најблиски. Дека нема никогаш повеќе во животот да го валкаат сопственото име, името на својата фамилијата, името на својата Република. На Македонија.

Но затоа пак, животот ви нуди бескрајна шанса. Историска, сега, овде и денес. Можете да бидете сам свој човек, кој суди, осудува и нема предрасуди. Човек кој знае, мисли, размислува. Човек кој бара одговори и одговорност. Човек кој придонесува, се бори, се грижи, за себе, за своите најмили. Човек кој испишува, ги врежуава своите иницијали на скапоцен камен, остава траен белег, се бори против неправдите и си го зазема своето историско место додека еден режим во заминување се прекршува. Човек кој оди гордо и исправено, маршира рамо до рамо со уште илјадници други граѓани и сограѓани, со достоинство чекори низ градските улици, ги погледнува другите длабоко во очи, во нивната душа, дур го пијат попладневно кафе ја ведат сопствената глава, тонат во срам. Ги гледа и ги повикува да се придружат. Бидејќи тие не знаат, а сакаат да научат, и утредента ќе дојдат. Биди човек кој се бори за сопствените граѓански права, за правата на своите најблиски. Биди човек кој не сака да трпи, да биде понижуван, дискриминиран. Човек кој не дозволува да биде згазен, развлекуван, уценуван, влечен насила…Биди човек!

Најдете си го своето место во историјата која периодов се испишува. Пишувајте историја, тоа го заслужувате. Затоа што е ваша. Чекорете со достоинство низ кавадаречите и македонските улици. Имајте на ум дека вашата гордост, чест и достоинството се бесценети. Тоа никој не може да ви го одземе. А не може ни да ви го даде. Го имате во себе, го носете постојано. Треба само да го разбудите. А фали малку, многу малку. Покажете колку сте храбри и дрски. Покажете среден прст на диктатурата и на тиранијата која ја уназадува вашата иднина, иднината на Републиката, цела деценија.

Дојди денес на протест, покажи храброст, биди свој. Денес е твојата шанса. Денес, 18 часот  кај кружниот тек во твоето Кавадарци. Да, твое е. И не го давај друг да ти го кради. Дојди. Нема да бидеш сам. Не има многумина. Илјадници. Ќе има дружба. Ќе викаме, протестираме, пееме и веселиме. Ќе бидеме сплотени во едно. Дојди да го почувствуваш граѓанскиот дух. Промените се неизбежни. Денес ќе бидеме уште побројни. Биди ти Промената. Јас ќе бидам таму. Денес, ќе марширам со своите деца. Ќе чекорам гордо со нив. Тоа ќе им биде вистинска лекција во животот. Ќе ги носам на рамо, во раце. Химната ја вежбавме синоќа. И ја научивме: “НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР”!

Оставете коментар