Пример за примитивизам е проектот Скопје 2014

пишува Луми Бекири

Непочитувана министерке Канческа Милевска,

Ќе ви се обраќам со вие, не од почит, туку едноставно од тоа што сме на секаква можна дистанца – интелектуална, културна и човечка.

Во вашата последна реакција говорите за примитивизам без никакво чувство на срам. Најсоодветен пример за примитивизам е проектот Скопје 2014, проект преку кој вашето министерство ги исполнуваше морбидните, гротескни и перверзни желби на аболицираниот екс-премиер Никола Груевски. Проект преку кој го уништивте главниот град, ја направивте културата осквернета на најподол начин. Шизофреничен проект на кој целиот свет се смее на вашата филија кон кичот, но и нас за немоќта да ве спречиме во вашите психопатски амбиции. Примитивизам е партија што нема никаков сенс за уметност, да ја киднапира уметноста од уметниците, па единствено место на уметниците им останува улицaта, како што е во последните неколку години. Примитивизам е да забранувате претстави, да не издавате книги само поради тоа што некој се дрзнал да ја искритикува глорификацијата на вашата пресвета власт. Примитивизам е тоа што вие сте министерка за култура, без воопшто да се обидете да разберете што е тоа култура. Примитивизам е што од секретарка на Ганка Самоилова станавте министерка. Примитивизам е што ја злоупотребивте функцијата и си магистриравте за времето дур бевте министерка.

Говорите и за немањето основно чувство за сопствената култура и држава. Јас само да ве потсетам дека македонскиот културен идентитет произлегува пред се од анти-фашизмот и модернизмот. Сега кој тука нема чувство за сопствена култура и држава? Дали не сте згорзени од самата себе, што токму преку вашите дела се остави на заборавот токму најважниот дел од македонската историја? Немам зборови да го изразам гадењето на сатанизирањето на уметноста и уметниците токму од тој дел на македонската историја, создавањето на македонската држава. Ниту таа (не)триумфална капија, ниту спомениците од вашиот налудничав проект не се никакви историски обележја или историско наследство на државата. Тие се изградени пред неколку месеци и години. Вистинските културни наследства на Македонија, токму вие ги осудивте на заборав и на деструкција. По тоа и ќе ве паметиме.

После ‘касата прими’, морбидноста на тоа Скопје да биде некропола од кич споменици и ред други скандали околу вас не поднесовте оставка. Можеби требаше да поднесете оставка кога говоревте на подол и мизерен начин за семејството на Тоше Проески. Па сакавте и музејот да му го затворите, оти неговите биле против вашата семоќна и пресвета партија. Од тоа беше згрозена целата макеодонска и поширока јавност.

На крајот би ви кажал што е тоа култура, што е уметност, каков треба еден министер за култура да биде. Ако сакате би ви кажал и што рекол Платон за политичарите, ама веќе го знаеме вашиот неук одговор.

Оставете коментар