Приликаши

Сега кога политичката криза во Македонија ја проголта кризата на универзитетот и се заканува да прерасне во тотална општествена криза , време е професорите да ги стават под контрола изливите на восхит кон студентите и нивната бунтовност и да почнат да си поставуваат малку посложени прашања. На пример: ако повеќето од нив посетиле универзитети на Запад, а некои од нив и предавале таму, зошто немаме успешно високо образование? Идентичното прашање би можеле да си го постават и политичарите: зошто, после толкуте државни посети во странство и увид во работата на успешните демократии, македонската е неуспешна? Поставувајќи си ги овие прашања, заклучувам дека, и досега, нам професорите никој не ни бранел да дебатираме и да наоѓаме решенија за унапредување на образовниот процес според западните стандарди, како што на политичарите никој не им пречел да ја унапредуваат демократијата. Зборувајќи од искуството на политичките и правните науки на два универзитета во Македонија на кои сум предавал, не можам да се сетам макар и на една посериозна дебата. Зошто е тоа така? Зошто на професорите им се потребни студенти за да ги потсетат на нивните обврски?

Одговорот е едноставен: опортунизмот пред кој паѓаат сите повисоки цели какво што е доброто образование. Опортунизам доаѓа од англискиот збор „прилика“, „opportunity“, па опортунист на македонски би можел да се нарече „приликаш“.Според Вебстер, со зборот „опортунизам“ се означува, ,„уметноста, политиката или праксата на користење прилики или околности, често со малку обзири кон принципи или последици“. Редакторите на речникот не се задоволиле со оваа дефиниција, па нудат и една за деца. Конечно, граѓаните од мали нозе треба да станат свесни за ова лошо поведение. Значи, на децата им се објаснува дека опортунизам е „праксата да се користат прилики или околности без оглед на она што човек би требало да го стори или без оглед на она што може да се случи“ како последица на таквото негово поведение. Таквото поведение, имено, се коси со вредностите кои им се втиснуваат во свеста на децата, преку школски програми до анимирани филмови: вистината, правдата, пристојноста, чесноста, достоинството, човечноста, верност кон принципите…

Тука некаде го наоѓам одговорот на нашиот голем проблем: ние сме општество чии членови не се раководени од вредности туку од своите интереси кои не познават граници. На листата на таквото лошо поведение кое не знае за крај во задоволување на своите себични интереси се зборовите: измамништво, кражба, поткупување, свирепост, убиство… Луѓе без карактер, приликаши, го диктираат поведението и ја наметнуваат оваа трка помеѓу личниот и општествениот интерес, која може да доведе до пропаст на универзитет или на држава, сеедно. Кога неодамна го прашале Ворен Бафет како ја создал својата успешна компанија, тој рекол дека тоа го сторил преку внимателна селекција на луѓето по три основи: 1.Интелигенција, 2. Образование и 3.Карактер. Притоа, препорачал веднаш да се оди на 3.„карактер“ зашто без тоа џабе се 1. и 2.

И да не заборавам: во светлината на големата политичка криза, професори вистински раководени од принципот на автономијата на универзитетот, пристојно и одлучно би го замолиле потпретседателот на владата да ја напушти просторијата на ректоратот, додека работите со него политички не се расчистат. Приликаши кои по секоја цена сакаат да бидат до власта, свесно ќе дозволат да бидат искористени за негова политичка рехабилитација. Ете пример зошто не можеме да го помрднеме напред ниту универзитетот ниту државата: зашто секој сака да си ја искористи својата прилика…

Извор ПЛУСИНФО

Оставете коментар