ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО ЦЕНТАР

Со нова победа на изборите за Советот на Центар и силно мнозинство на опозициските партии, ќе стане беспредметен притворот на Шиповиќ

Центар не е Пустец! Ова беше воскликот на граѓаните на централната (и по многу нешта најзначајната) општина во Република Македонија. Не СДСМ, не ЛДП и кандидатот за градоначалник Жерновски, не опозицијата, туку пресуден беше поривот на жителите на Центар да се освои слободата, правдината, достоинството. Да се казни криминалот и забеганоста со „Скопје 2014“. Да се покаже дека Центар е своевиден македонски Пиемонт, порта која ниту Ханибал не може да ја урне. Центарци покажаа на дело и под речиси невозможни услови како се брани своето и како се брани слободата на избор.

Мојот личен став е дека на Центар му требаат нови избори. За да се дозакопа власта и нејзините политики и за да се овозможи ослободување од постизборната опсада на владините институции врз грбот на граѓаните на Центар. Од политиколошки аспект, предусловите се тука. Анкетите велат дека, и покрај ужасните притисоци и опструкции на Општина Центар, граѓаните покажуваат одредена индулгентност кон работата на Општината. Анкетите покажуваат зголемена, а не намалена, поддршка и покрај сите опструкции и опсади на Општината. Анкетите покажуваат дека кога утре би имало избори, опозицијата би освоила повеќе од 13-14 советници, бројка со која непречено ќе може да се остварува програмата на градоначалникот и мнозинството во Советот и бројка која ќе овозможи дополнително разоткривање на ужасните криминали што ги прави/правела власта.

Од политички аспект, имајќи ја предвид варварската политика на ДПМНЕ, ништо не се знае. Не се знае кој може да биде уапсен, кој може да биде казнет, кои лифтови закочени, каков се’ Пустец може да ни се случи. Но, сепак, треба да се пробаме. Бидејќи од почетокот тврдам дека борбата во Центар е борба за целата држава и светилник кој може да го осветли патот кон слободата и победата на граѓаните наспроти опресивната политика на власта. Во Центар се потребни предвремени избори и заради Мирослав Шиповиќ. Шиповиќ е несомнено политички затвореник. Со низа невидени преседани од страна на судската власт, тој повеќе од 100 дена е во притвор. А јавноста добро знае дека сите услови за бранење од слобода се исполнети. Со нова победа во Центар и силно мнозинство на опозицијата, во Центар ќе стане беспредметен притворот на Шиповиќ, ќе се урне бестијалната стратегија на власта дека ако треба, и ќе апсиме, ама Центар нема да функционира. Според мене, во моментов тоа е единствениот начин да се спаси граѓанинот и политички затвореник Шиповиќ. Од чисто човечки, хуман аспект, ние му го должиме тоа нему, како и на секој оној опозиционер кој има(л) јавна функција и поради политички мотиви е в затвор, притвор или цел на казни и закани.

Ова се вистинските причини зошто на Центар му се потребни предвремени избори. Без никаква илузија дека власта на ДПМНЕ нема да ги искористи сите расположиви мерки на притисок, уцена, поткупување, увезени гласачи и слично.

И уште еднаш околу улогата на меѓународната заедница. Поразителен, но истовремено и охрабрувачки е фактот дека за време на „деветте круга од пеколот“ на изборите во Центар, амбасадорите во Македонија покажаа сериозен интерес. Тие, како и во секоја недемократска држава, влегоа во поддршка на фер и слободни избори за да ги спасат граѓаните од насилниот државен апарат. Нема поголема дијагноза за природата на режимот од страна на меѓународната заедница од бранењето на демократијата во Општина Центар. Само на моето избирачко место, каде што јас ги „чував“ избирачките кутии од тажните теледиригирани пустечани и агресивните претставници на власта, избирачкото место беше посетено од американскиот и францускиот амбасадор, амбасадорот на ОБСЕ и уште дузина странски и домашни набљудувачи.

Се сеќавам, на кутиите во тие пеколни изборни кругови ја ставивме првата постава на СДСМ. Сите пратеници, наши браќа и сестри, прекалени партиски борци, искусни „чувари“ на кутиите од упадите на власта. Нека повели Груевски лично да седи на кутиите, заедно со Мијалков, Ставрески, Јанкулоска и останатите… гарантирам дека граѓаните на Центар со уште поголема жестокост и со уште поголема разлика ќе ја поддржат опозицијата во Општина Центар.

***

Да ги видиме кои се причините на владејачката коалиција за распишување предвремени парламентарни избори. Како што гледаме, на големо се одвива политичкиот циркус што веќе два месеци го играат ДПМНЕ и ДУИ. Тој добива и комични димензии. Уште на 19 декември во мојата колумна во „Утрински“ напишав: „Деновиве почна договорената ’игранка‘ помеѓу двата лути противници и истовремено сложни браќа (ДПМНЕ и ДУИ). Почна небулозно, како и секоја наместена игранка, со поставувањето и потоа демолирањето на споменикот на цар Душан, продолжува преку преписката на Бујар Османи и Илија Димовски (преку партиското гласило ’Курир‘), а најверојатно ќе заврши со предвремени избори во кои коалициските партнери ќе влезат сами и како лути противници. Секој со својата кауза. Едните со анти ЕУ, антигрчка и антиалбанска реторика, другите со лажна ЕУ-форија и албански квазинационализам. Целта е една и иста: во трет пат да го изманипулираат напатениот народ, да му сервираат тримесечни отровни дози од она што народот сака да го слушне и види, да ги наместат повторно изборите и потоа, од немајкаде, нели, да коалицираат. Ова се бесрамници и некадарници кои си играат со нашите судбини! Ова се антимакедонски политики кои нема добро да му донесат ни на Македонецот ни на Албанецот во Република Македонија. На ДПМНЕ не му пречи тоа, а ДУИ свесно влегува во вакво ризично сценарио“.

Како, инаку, да ги толкуваме и неодамнешните небулози од типот „министрите на ДУИ да дадат отчет за сработеното“, лажните игри околу консензуален претседателски кандидат или „скромниот“ апел од ДПМНЕ дека „ако некој друг повика или посака, ние ќе распишеме предвремени парламентарни избори“. Во меѓувреме, не се наоѓа јунак кој прв ќе го повлече кубурот бидејќи нашиве „јунаци“ од власта добро знаат дека не постои аргументација со која би оправдале предвремени избори на една година пред редовните парламентарни избори. Знаат и уште нешто. Дека кога владејачки партии бараат предвремени избори, особено по 8 години катастрофално владеење, дополнителниот пад на рејтингот од моментот кога ќе ја објават таквата одлука оди на нивно конто. Ќе се забавуваме уште некој ден со нашиве „јунаци“, па ќе видиме. 

Оставете коментар