Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ уценети со меница, гаранција и бланко оставка!

Меница на одредена сума, потпис од гарант за меницата и бланко оставка на пратеничката функција. Тоа се трите потписи со кои е условена „лојалноста“ на пратениците од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, објаснува за Дојче веле, пратеник од владејачкото мнозинство, кој сака да остане анонимен, пренесува Дојче Веле.

„Јас потпишав меница на 300.000 евра во денарска противвредност. Таа сума ја одреди партијата. Според образложението, толку ќе чинеле трошоците на ВМРО-ДПМНЕ вложени во мојата изборна кампања. Не ти даваат време да размислуваш дали да потпишеш такво нешто или не. Се јавуваат, те повикуваат да дојдеш во партијата во точно определено време, односно во последен миг. Ми рекоа да дојдам во 23 часот, пред истекот на рокот за доставување на изборните листи. Ако не дојдеш да потпишеш во посочениот термин заедно со сведок/гарант, тоа значи дека се откажуваш од изборната трка и не те ставаат на листата“, објаснува пратеникот, додавајќи дека сите тие документи се чуваат во штабот на партијата.

На таков начин, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со години ја обезбедувал „монолитноста“ во својата коалиција и „лојалноста“ на избраните пратеници. Истиот принцип важел и за советничките листи на локалните избори, но со помали суми.
Според нашиот соговорник, ако пратеникот и откаже послушност на партијата, со меницата е обврзан веднаш да и ги врати парите, а во спротивно се соочува со тужба.

„Тоа на суд веројатно би паднало, бидејќи ваквите односи немаат правна основа. Второ, партијата треба да приложи куп документи со кои ќе треба да докаже дека навистина толку вложила за мене во изборната кампања. Но, со оглед дека на клучни позиции во судството се инсталирани луѓе кои се под контрола на власта, досега ниеден пратеник не се осмели да ја тестира власта како ќе се однесува во таков случај. Секој се плаши дека ќе го загуби личниот имот или ќе го заглави во проблеми гарантот, кој најчесто е или член од семејството или партиски колега“, објаснува пратеникот.

Оставете коментар