Писмо од студентка: Немојте да ни терате инает, повеќе сме од вас!

Се зголемува бројот на козите во источниот регион на Македонија. Народот редовно си плаќа радиодифузна такса и има право да биде информиран. Баш поради тоа топ тема на Канал пет е топлата вода откриена во бунар во Куманово, а на Сител пак лековита вода во подножјето на Водно, која верувале или не, подмладува. Ни пуштија слики од овци како пасат на ливада за да нè известат дека се зголемува бројот на козите. Не знам дали овците беа некоја метафора или едноставно дошло до забуна. Како и да е, додека горе во Карпош некој вреска на сиот глас дека не му одговараат реформите кои само така се имплементираат во нашиот систем, Никола ни пушта да гледаме бели памукчиња, принудувајќи нè да плачеме над судбината на Ајшен и Сила, игнорирајќи го притоа крикот на идните инженери.

Се губат часови, се трошат денови од акдемскиот календар првично наменети за усовршување на нашите знаења, за да ви се покаже вам дека нешто не е во ред со она што се обидувате да го направите. Наместо да си седиме мирни и да си решаваме матрици во нормални услови, ние мора да се дереме, да окупираме и бојкотираме за одново да си ги исцртаме идеалите кои константно настојувате да ни ги избришете. Мораме да викаме, зашто поинаку нè не разбирате. Факултетот е наш и сакаме да функционира како таков. Нели вие сте над нас? Како можете да дозволите да ве учат оние кои од вас очекуваа да им покажете како треба? Ве учат оние кои ги разочаравте и упорно ги разочарувате. Нема да го прифатиме државниот испит. Нема, затоа што нас уште во основно и средно нè научија дека за да добиеш пет мора да знаеш, а не да препознаеш. Не треба само да одговориш што се случува, туку и зошто се случува тоа. Нема да ви помине! Знаете ли зошто? Затоа што, иако не ни дадовте такви прашања на екстерно, ние сепак си ги прочитавме делата на Иго, Хесе и Достоевски и научивме да мислиме, затоа што не гледавме Малечката невеста кога бевме мали и нема да гледаме ни кога ќе остареме, можете да ја развлекувате по телевизиите колку сакате.

Затоа другарчиња од ПМФ, дизајнери на мебел, фармацевти, ние ги жртвуваме нашите предавања, покажете ни дека не сме сами. А вие министри, излезете малку од своето секојдневие, одложете го сечењето на ленти на бунари со топла вода и слични глупости и поминете на кратко на Електро да видите што прават вашите идни инженери, да чуете како им поминува времето и со што се занимаваат во изминативе денови. Немаат настава. Знаете ли зошто? Не знаете и не сте виновни вие, зашто козите се размножуваат и тоа ја окупира програмата. Немаат настава затоа што не им се допаѓаат вашите промени, затоа што сакаат и тие да учествуваат во она што директно ги засега. Штом толку луѓе фрлаат со дрва и камења по законот значи дека нешто не е во ред. Сменете го, ама прашајте нè и нас како треба, сакаме и ние да бидеме режисери, а не само актери во драмата која планирате да ја изведете на нашата сцена. Ние не ви ги чепкавме спомениците што никнуваа преку ноќ, ама немојте ни вие да ни го чепкате факултетот. Немојте да ми ја уништувате гордоста што можам себе си да се наречам студент. Немојте да ги сквернавите сите часови поминати во учење така што ќе го сведете сето она што го научивме на пет прашања на заокружување. Немој да нè навредувате, ние знаеме повеќе од тоа и ние сме повеќе од тоа. Зошто не игнорирате? Како може козите и нивното потомство да бидат поважни од студентите и нивните студени соби во студентските домови? Како може да молчите додека некој сам себе си си го ускратува правото на нормална настава за да го привлече вашето внимание? Ако ви е далеку Карпош, одете на Филозофски и разгледајте во што се претвори факултетот, само за да ве принуди да одвоите пет минути од вашето време.

Замавнавте кон нас со вашите апсурдни реформи. Ги ранивте нашите идеали уште во средношколските клупи со системи кои цело време паѓааа, со е – дневници кои не можеа да се отворат, со пробиени тестови и наплатени казни, ама заборавивте дека ранетиот елен скока највисоко. И сега сакате целосно да ни ги убиете идеалите, така што желбите и талентите кои ги имаме ќе ги сведете на пет прашања на заокружување. Немојте. Немојте да ни терате инает, повеќе сме од вас. Ние не сме СДСМ, не сме ни ВМРО, нас нè има од секоја и од никоја партија. Меѓу нас има такви кои се за, или против бојкот на настава, меѓу нас има такви кои слушаат турбо фолк и такви кои преферираат рок, такви кои сакаат математика и такви кои не сакаат математика, меѓу нас има сиромашни и богати, уметници и правници. Иако сме различни, сите сме на иста страна, а таа не е вашата. Ние сме на онаа страна која ќе се бори против апсурдот. Ние сме на страната на оние кои ни кажаа дека студентските денови треба да бидат најубавите денови од нашите животи, немојте да нè натерате да мислиме дека немале право.

Извор ПЛУСИНФО

Оставете коментар