Писмо од револтиран гимназијалец во врска со екстерното тестирање

Како и да е, начинот на којшто беше спроведено би требало да има и последици врз нас, учениците. Содржината на овој текст нема директно да плука на самата идеја и нејзината реализација, туку токму на содржината и тежината на материјалот по кој требаше да бидеме оценети.

Ќе ги изоставам и примерите кои ни беа дадени, место да направиме сите пробно тестирање по самиот предмет, поради тоа што тие немаа ама баш никаква врска со самата содржина на тестот, туку единствената намена им беше да ги скротат страстите на учениците, професорите, како и родителите да не се побунат против ваквата „инвентивна реформа која ни гарантира подобро образование“, со тоа што им го претставија овој тест како нешто прелесно, кое би се решило од општа култура. Јас сум одлична ученичка во една од елитните скопски гимназии, а на 29 мај бев тестирана по предметот историја, воедно омилен предмет, предаден на солиден начин, по кој уште од прва година имам 5. Мојата оцена е објективна споредбено со материјалот кој ми беше предаден, истиот материјал кој без тешкотии го владеев и на самото тестирање.

Па така без трема и со мирна совест си ги внесов податоците, очекувајќи уште една проверка на знаење. Трета година сум, материјалот кој се изучува е со акцент на двете светски војни, како и за конструирање на Македонската држава, круцијален за образованието на Македонците, а и сите граѓани на оваа земја. Како и да е, уште од самиот почеток на тестот, јас бев негативно изненадена. Од 30 прашања, САМО 15 беа од материјалот кој го учев изминатава година! Во тие 15 беа опфатени Македонија, двете светски војни, неколку битни настани за Македонската држава, како и една дефиниција на битен идеолошки термин. Останатите 15 беа на материјал кој не беше воопшто изучен, а како што ни беше кажано, ниту стоеше во програмата на нашите професори, материјал околу конструирањето на Албанската држава и навлегување до најситен детаљ во историјатот на нашиот западен сосед. Несомнено поопфатен отколку историјата на сопствениот народ.

Дали на ваков начин ќе имаме прогрес во образовниот процес? Со поставување прашања од непредаден материјал, кој НАМЕНСКИ е отфрлен од програмата по историја во македонските гимназии? Отфрлен за да имаме повеќе време да се посветиме на светската историја, како и за НАЦИОНАЛНАТА. Уште од старт се помирив дека 50% од тестот ќе го решам на среќа, знаејќи и дека кога ќе излезам од просторијата, одговорите на тие прашања нема да имаат никаква важност за мене, како и за мојата држава, а ниту се прашања од „општа култура“ , кои имаат некаква врска со поголемиот дел од светската историја. Тоа беа прашања кои ја засегаат единствено Албанската етничка заедница во оваа земја, а тој материјал вметнат во нашите учебници е наменет единствено за нив.

Како можеше да се случи во годината кога историјата е наменета токму за да не запознае со потеклото и формирањето на оваа млада држава, и објективната оцена добиена по таков материјал, да не биде воопшто земено предвид кога станува збор за екстерно оценување по вакви содржини. Од друга страна, 50% од прашањата да се крајно неповрзани со матичниот народ, а најголем дел од нив да немаат никаква нишка со нашата земја. Дали е ова намената на тестирањето? Да се стави сопствениот народ во заден план и да се форсира изучувањето на Албанската историја? Како нашата младина би била патротски насочена, кога овие тестови докажаа дека познавањето од историјата на нивната држава не им е од никаква корист во нивното образование. Можеби поентузијастични треба да бидеме кога станува збор за оние (вештачки или не) 25% во нашава земја.

Како ученик кој со години уживал во овој предмет, се чувствувам крајно оштетено од содржината на овој тест, а исто така сметам дека не само кај мене, туку и кај моите соученици ќе се јави само поголема аверзија кон историјата на нашиот сосед. Резимирајќи, ваквиот начин на оценување би довел единствено до РЕГРЕС на нашиот образовен систем. Ова мислење верувам дека е поддржано од многумина на моја возраст.

Извор fakulteti.mk  

Оставете коментар