Панчо Минов: “Точно е дека имаме стан во Скопје во вредност од 120.000 евра”

Божанка Минова, сопруга на Панчо Минов, има стан во Скопје во вредност од 120.000 евра

Панчо Минов, поранешен градоначалник на општина Кавадарци, а сега дел од партијата ГРОМ на Стевче Јакимовски кој е во коалиција со владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ги потврди обвинувањата од страна на претседателот на општинската организација на СДСМ Кавадарци, Зоран Ѓорѓиев, дека лицето Божанка Минова, сопруга на Панчо Минов, има стан во Скопје во вредност од 120.000 евра.

Нападот за стекнувањето со имот, стан во Скопје, е точен, на име на Божанка Минова со вредност од 120.000 евра кој што е стекнат пред две години од преземањето на функцијата советник. Истиот е купен како фамилијарен имот по основ на учество, што е стандард за инвеститорите кои продаваат стамбени простори. Стекнувањето е направено по основ задолжување со кредит кој за информација има важност на исплата до 2027 година.Панчо Минов

Минов се повика на законските регулативи, имотот на Минови е испитан уредно од управата за јавни приходи. Се е во рамките на законот.

Повикувањето од страна на Ѓорѓиев да антикорупциската комисија ги испита имотите меѓу другото и на претставникот на ГРОМ, нема потреба затоа што имотот на фамилија Минови е целосно испитан од управа за јавни приходи во 2013 година. Целиот имот е законски и нема злоупотреба и коруптивни основи за злоупотреба на истиот.Панчо Минов

Во 2007 година полицијата поднесе кривична пријава против тогашниот градоначалник на Кавадарци, Панчо Минов, поради злоупотреба на службената положба и овластување. Тој беше осомничен дека се стекнал со противправна имотна корист од 1,5 милион денари на штета на Општината.

Од полицијата тогаш појаснија дека Минов го сторил кривичното дело во текот на 2005 и 2006 година, на начин што незаконски му биле исплаќани дневници за учество во повеќе општински комисии и одбори во текот на еден ден. Во тој период градоначалникот од општинската каса си наплатил 900.000 денари. Иако знаел дека нема донесено одлука од надлежен орган на Собранието за користење на сопственото возило за службени цели, Минов со сопственото возило одел на службени патувања, најчесто по работното време и во викенди. На име патни трошоци и дневници на Минов му биле исплатени 630.000 денари. Исплатата била извршена во готово со каса-исплати и на штедна книшка на негово име, а врз основа на претходно доставени фиктивни сметки.

Неправилности и незаконски постапки во работењето на градоначалникот утврдија и ревизорите од Државниот завод за ревизија, по што и полицијата почна да го чешла работењето на Минов. Советниците од Советот на Општина Кавадарци често го обвинуваа градоначалникот дека недомаќински се однесува со општинската каса.

Оставете коментар