Општина Кавадарци со негативен природен прираст во 2012 година

Според последните статистички податоци, Кавадарци е една од 42 општини во Република Македонија каде што и во 2012 година имало повеќе починати граѓани отколку новородени деца. Овој тренд секоја година зема се поголем замав, а една од причините за оваа негативна појава е лошата социјално-економска состојба заради која големен број на кавадарчани се иселени надвор од Македонија. Исто така една од причините е и наглото зголемување на процентот на загаденост на животната средина на територија на општина Кавадарци кој предизвикува појава на болести. Чист пример е институтот по онкологија при клиничкиот центар во Скопје каде што од вкупниот број на пациенти заболени од рак, поголемиот дел се од општина Кавадарци.

Дека последниве години во Кавадарци има намалување на наталитетот покажува и фактот што минатата 2012 година биле запишани 360 првачиња, додека за оваа година тој број е опаднат и изнесува 348.

Во Македонија, односно кај Македонките во моментов стапката на фертилитет (просечен број на деца што во репродуктивниот период ги раѓа една жена) е 1,4 дете. Минимумот за проста репродукција (а не и за зголемување на населението) треба да изнесува 2,1 деца на една жена. Податокот јасно покажува дека државата го нема ниту одблизу најмалиот минимум на бебиња што барем ќе го одржува бројот на македонското население. Социолозите опоменуваат дека ваквите алармантни бројки треба сериозно да н` натераат да размислиме за опстанокот на нацијата. За надополнување на кажаното тие ги наведуваат и следниве податоци: во 1950 година во Македонија се родиле 50.000 бебиња, во 1980 година – 40.000, во 2011 се родени 22.000. 

Leave a Reply