Опозицијата е таа која ја контролира ситуација, а не власта

По меѓусебната престелка со маневарски куршуми помеѓу Зоран Заев од една страна, и Груевски-Ахмети-Тачи (Г-А-М) од другата, а во очекување на експлозивната тешка артилерија, можат да се извлечат неколку заклучоци.

Тројката Г-А-М е ставена во дефанзивна улога, барајќи спас во легалистички параграфи (кои самите ги исцртаа и следствено девалвираа) и подземни шурувања и закани, но воедно докажа во што лежи нејзиниот најголем страв – јавноста и општеството. Токму паничното криење од јавностра и забрани за објава како механизам на закана се единствените полуги на располагање на тројката, но во исто време и јамка околу вратот која иако сеуште лабава, се повеќе ќе се стега. Имено, она за што никој од Г-А-М нема лек е немилостивата љубопитност на јавноста која само што покажа апетит за што всушност е наведено на менито во Бихаќка и други места? Притоа, забраната е најсилниот афродизијак на истата таа љубопитност, која во недосток на конкретни информации од бомбата , сега си зима залет со најфантастични верзии, доверливи “а бе, гарант, слушај шо ти велам” информации, боење на најколоритни епитети за личности и групи од ДПМНЕ-ДУИ-ДПА … кои во едно оговорачарко-кафеанско општество како нашето можат да постигнат уште покатастрофални последици за власта и од самата бомба.

Од друга страна, опозицијата и останатите кругови мора да се справат единствено со еден единствен хендикеп, кој секако не е мал и не може да се пренебрегне поради својата човечка природа. Станува збор за стравот од последици и санкции. Но, стравот е пропорционално зависен од опциите кои стојат пред нас и во даден момент води кон старата Рузвелтова максима дека “дека нема што да се плашиме, сем од самиот страв”. Впрочем, разумноста на Заев и опозицијата со нивната однапред декларирана предупредна заложба дека “не сакаат да и наштетат на дрѓавата” е клучниот залог на надеж за Г-А-М, која ќе трае се додека Заев ќе се придржува кон истата или пак на сцена стапи некој чиј желба за правдина, слава, освета или моќ ке биде поголема од личниот страв.

Токму затоа единствениот (сосема релативен) успех на Г-А-М е медијската харанга која децибелно моќна ја надгласува логично-љубопитната глад на јавноста. Но со обзир на новата реалност во која да бидете попљукани од владините македо-албански мегафони е помало зло отколку да бидете пофалени од истите, тој приод е со сосема краткотраен ефект, кој ниту приближно нема да ја згасне желбата за дознавање на вистината.

Доколку дувнеме троа посилно во сите овие вештачки легалистичко-зајанувачки измаглици, на виделина ќе испадне дека во реалноста, опозицијата е таа која ја контролира ситуацијата, а не власта. И дека во нејзини раце има не премногу, но сепак сосема доволен број механизми и инструменти за ефектуриање на “импакт факторот” на бомбата.

Еден од тие механизми, од кој параноичните Г-А-М најмногу стрепат и плашат, е доколку информациите во неможност да се претстават пред јавноста, бидат употребени во реверзибилна насока – преку споделување на истите во самите ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА. Кои познавајќи ја просечната приорода и автентична побуда на нивните членства, ќе бидат искористени за внатрешни борби за примат, пари и – на крај на баладата – за декапитација на сегашните водства. Притаените незадоволни мрморења низ скопските кафулиња на одредени кругови на ВМРО-ДПМНЕ секако одат во таа насока. Оттаму, можеби е време да Груевски се потсети на анекдотата за Совјетскиот лидер и двете писма, и патем побара од Љубчо Георгиевски совет за неговите искуства од минатото.

Што се однесува на ДПА, доволно е да се потсетиме на примерот на Зијадин Села, со се прашањето – а што би направил тој доколку во рака му падната барем 5% од информациите за неговиот поранешен омилен лидер?

Во ДУИ состојбата е за нијанса поразлична, која се должи на емблематичната лајавост на одредени нивни министри (сегашни и поранешни) и сегашни пратеници и пратенички, кои потполно опседнати со олајавање на своите сопартијци се спремни да ги истурат сите прљавштини на Ахмети-Џафери-Адеми за едно еспресо. И тоа без кисела вода.

(Текстот е превземен од фејсбук статусот на авторот)

Оставете коментар