(Видео)Официјализирање на соработката меѓу “ПРОЕКТ-ЕУ” и “ЛОЗАРИ”

Здружението на граѓани ПРОЕКТ-ЕУ во партнерство со порталот МОЈОТГРАД започна еден циклус на соработка со навивачката група “Лозари” како дел од проектот „Стоп за говорот на омраза на спортските трибини“ под покровителство на УСАИД. Во периодот кој следува ќе бидат организирани голем број заеднички акции во соработка со ПРОЕКТ-ЕУ, како и со дел од бизнис заедницата, граѓаните на Општина Кавадарци, образовните институции, како и невладиониот сектор во целина – изјави Кире Бебеџаков, претседател на здружението на граѓани ПРОЕКТ-ЕУ од Кавадарци.

На прес-конференцијата беше споменато дека во периодот кој следува ќе биде објавен и конкурс за навивачка песна и спот како прва поголема заедничка акција. На овој конкурс право на учество ќе имаат сите граѓани на општина Кавадарци, посебно членовите на навивачката група Лозари. Беа повикани сите граѓани од Кавадарци да се приклучат на овој конкурс со својата идеја и креативност.

Орданче Бошковски, претставник од навивачката група ЛОЗАРИ, не го криеше своето задоволство од официјализирањето на оваа соработка со здружението на граѓани ПРОЕКТ-ЕУ. Тој паралелно додаде дека конкурсот ќе биде објавен деновиве, додека крајниот рок за пријава ќе биде 7 јануари, Божиќ. Резултатите ќе бидат објавени на 10 јануари. Веднаш потоа ќе се започне и снимање на видео спот на најдобрата композиција а истата ќе биде официјално промовирана на 3 февруари, кога ќе се слави и 23 роденден на навивачката група ЛОЗАРИ. 

Еден од најважните критериуми и на некој начин предност на конкурсот ќе имаат текстовите во чија содржина ќе бидат споменати одличјата и боите на градот Кавадарци, и сето она добро кое е поврзано со градот. Исто така во текстовите да се споменуваат и ЛОЗАРИ-ИСТОК- додаде Бошковски. 

Оставете коментар