Новинарска лекција: Приказни градени на деманти

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Објавувањето демант на новинарски текст не е новина, ниту, пак, нешто невообичаено. Тоа се случува секојдневно во медиумите. Некогаш се работи за извинување поради пренесување на погрешна вест, а некогаш за дополнувања и појаснувања на некоја нецелосна информација.

Под самиот поим демант се подразбира  изјава (соопштение) со која се негира вистинитоста на некоја информација или се врши исправка на некоја вест или тврдење. Уставот, поточно членот 16, ги гарантира слободата на уверувањето, совеста, јавното изразување на мислата, како и слободата на говорот и јавното информирање. Но, исто така, во ставовите четири и пет на овој член се гарантира правото на одговор, како и правото на исправка во средствата за јавно информирање.  А, тоа е предвидено и во членот 3 од Кодексот на новинари:

Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор, во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата

и во назнаките во Прирачникот за етиката во новинарството:

Моралната одговорност за неточноста на информацијата паѓа на новинарот и затоа е важно тој самиот да влијае и да обезбеди објавување на демант, исправка или одговор во медиумот во кој информацијата е објавена, а чијшто автор е тој. На тој начин новинарот го штити и сопствениот интегритет, но и интегритетот на медиумот во кој работи.

Сите грешки мора да се потврдат и коригираат. Признавањето на грешката е доблест, а нејзино прикривање неспоиво со професионалното достоинство.

Пожелно е новинарот или медиумот да се извини за грешката.

Важно е новинарот, но и медиумот, со цел да го заштитат својот кредибилитет, да сторат се да ја проверат информацијата и од други независни извори и да го користат анонимниот извор само тогаш кога нема друг начин да се дојде до информација која е од јавен интерес.

 

Нов тренд

 

Должност на медиумите е да објават демант  на одредена неточна информација со која е направена повреда на достоинството, или се нарушени нечии права и интереси. Меѓутоа, во последно време сме сведоци  на еден нов тренд во новинарството. Да се гради цела сторија на демантирана информација!

Таков е случајот со приказната за наводните бизниси на новинарката Менче Атанасова Точи. Иако, Точи претходно имаше демант, до весникот и до медиумитекои го пренесоа текстот, во кој таа вели:

Освен невладината организација „Ходници”која е регистрирана во моментот кога останав без работа кога згасна А1, не ми е позната и не сум поврзана со ниту една друга фирма. Невладината организација „Ходници” никогаш не профункционира, низ неа не поминал ниту денар. Немам никаква поврзаност ниту со фирмата „Акон Пајо”. Мојот сопруг има фирма „ Аконт – Пајо” и со години си работи сметководство, чесно си го заработува лебот и редовно си ги плаќа давачките кон државата. Ниту сум сопственик, ниту косопственик, моето име не фигурира во оваа фирма, ниту имам било каква врска со сметководство. За Фирмите „Римедикал” – друштво за трговија и услуги, „Елите Софа”, „Фешн Форс”, и златарницата „Смарагд” првпат слушам, не ми се познати и никогаш не сум имала никаква поврзаност со нив“

Следеше и реакција на сопственикот на фирмите во која кажува дека тие се негови, дека две се затворени и не функционираат, а златарницата е на неговиот брат. Сепак,  порталот  излезе со текст со наслов „Документите ја демантираат Менче Точи“,  во кој ги спомнува реакциите на Точи, но на јавноста и открива „нови детали“ за случајот. На овој текст следеше нов демант на Точи, во кој таа повторно негира поврзаност со фирмите чии документи ги објави порталот. Сајтот го објави  и овој нејзин  демант, но, само  два часа подоцна излезе со нов текст: „Менче Точи во спротивност со законите на брачниот имот“.

Фактички, порталот иако ги објавува демантите, ја игнорира нивната содржина и се фокусира на првично објавената информација во друг медиум. Односно, и покрај  јасните укажувања дека таа е погрешна,  продолжува да ја надградува приказната темелена на дезинформација.  Пред јавноста  ја претставува  како целосна вистина и креира перцепција дека  новинарката ја искористила професијата за лично да профитира. Во текстовите кои се нижат ја претставува како неискрена личност која паралелно со новинарството се занимава и со приватен бизнис, и тоа не еден, туку повеќе!

Но, зошто го прави тоа и со каква цел?

Овие  наменски скроени текстови  излегоа како одговор на мега скандалот во здравството  што го обелодени опозицијата, а во кој е инволвирана друга новинарка  – „омилената уредничка“ на премиерот. Серијалот заедно со редица други текстови објавени во медиумите, всушност, има за цел да конструира „паралелна новинарска афера“ и да  го пренасочи вниманието  на јавноста од тендерскиот мега скандал.

Со демантирани информации е граден и случајот за наводни злоупотреби со продажбата на градежно земјиште во Струмица, што се вртеше по медиумите пред десетина дена. Порталот што го објави текстот наспроти демантот од Општина Струмица  продолжи да ја плете приказната и нареднот ден. А,  сторијата, како и претходната, со некои варијации во насловот ама со истата теза, ја презедоа повеќемедиуми.

И во овој случај медиумот  намерно не го зема предвид кажаното во реакцијата од локалната власт во Струмица,  дека:

 „Објавата за отуѓување е поништена, а Договорот за отуѓување е раскинат и споменатото градежно земјиште е во сопственост на Република Македонија.“

Без конкретни докази се продолжува да се развива приказната за наводната продажба на градежно земјиште за багателна цена, надградувајќи ја со нафрлени обвинувања дека:

„Заев го оштетил државниот и општинскиот буџет со над 58 милиони денари“

Кој е мотивот, наспроти демантот, да се продолжи со тенденциозната сторија со која се атакува на струмичкиот градоначалник и лидер на СДСМ ?

Оваа наводна афера, всушност, требаше  да го покрие скандалот со продажбата на земјиштето кај НБРМ за 71 денар за метар квадратен . И тука, како и во претходниот пример (со новинарката), идејата е да се дефокусира вниманието на јавноста  и да се дискредитира личноста на Заев.

Во двата споменати примери целосно е изместена улогата на демантот. Наместо медиумите коректно да ги објават реакциите, тие со произволно толкување на нивната содржина, дополнително, ги употребиле  како  „оружје“ против новинарката  и лидерот на СДСМ.  Што јасно покажува дека медиумите (новинарите) не си ја завршиле чесно задачата и со неточната информација свесно ја дезинформирале јавноста. Со ваквата постапка се нарушени темелните принципи во новинарството:

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи (Кодекс на новинарите)

Оттаму, ваквите материјали немаат некои допирни точки со новинарски текстови, туку многу повеќе наликуваат на фабрикати.

 

Има рекција, нема текст – демантирано, па објавено

 

Во нашата медиумска пракса не е непознатица да прочитаме реакција на Владата, или на пратијата на власт за извештај од  некоја странска институција, а самиот извештај воопшто да не биде објавен. Како што е примерот со реакцијата на Министерството за финансии за извештајот на агенцијата „Станадрд и Пурс“,  во кој се намалува  долгорочниот кредитен рејтинг на Македонија и за кредитите во девизи и за оние во денари, од „ББ“ на „ББ-“,  што ја објави Државната информативна агенција. Во овааинформација на МИА нема ниту збор за содржината на извештајот на „Стандард и Пурс“, што отвора сомнеж дека тие важни податоци се прикраваат . Поентата на ваквиот пристап во информирањето  е да се „замагли“ стварноста и јавноста да добие искривена слика за одредени состојби. Што е неодговорно и недозволиво, дотолку  повеќе бидејќи се работи за државна агенција – јавен сервис.

Имено, медиумот опширно ја пренесува острата реакција на Министерството кое изразува сомневање во точноста на податоците врз кои се базираат оценките на  „Стандард и Пурс“ :

„ Агенцијата неоправдано  ја става Македонија во ист кош со земји кои имаат над 60% државен долг, додека Македонија има 33 отсто долг. Агенцијата со својот извештај си дозволува и да се меша во внатрешната политика на земјата зборувајќи за случувањата во Собранието околу носењето на Буџетот за 2013 година и сосема несоодветно зазема страна споменувајќи дека „членови на опозицијата биле отстранети од Собранието за да се избегне дискусија за зголемените расходи на владата. На тој начин се прејудицираат случувањата од 24 декември кои се предмет на испитување на Анкетната комисија, а агенцијата грубо се меша во внатрешната политика на земјата ….“,

Од вака објавената информација се добива впечаток дека Извештајот на  „Стандард и Пурс“  е тенденциозен и необјективен. Доколку се имало искрена  намера да се извести професионално и јавноста да добие  целосна и реална слика , новинарот  ќе го почитувал основното новинарско правило: да се слушнат двете страни, па ќе ги презентирал и аргументите на „Стандард и Пурс“:

„Од започнувањето на глобалната финансиска криза транспарентноста на македонските јавни финансии опаѓа, а  шансите за некаков позначаен економски раст се ослабени. Според наше мислење, политичките институции на Македонија имаат неадекватни контролни механизми, додека заостанатите плаќања на Владата претставуваат предизвик за резултатите од фискалната политика“

Ова, несомнено, дава сосема поинаков контекст на темата.

Има и такви случаи, кога една вест која како на индиго ја ископирале повеќе медиуми, ќе биде демантирана,  по извесно време таа  дезинформација  да биде повторно објавена во друг медиум. Ова, во најмала рака, претставува демонстрација на еден неодговорен и потценувачки однос кон читателската публлика. За еден таков своевиден куриозитет имаше и рецензија  на страниците на Сервисот за проверка на факти од медиумите. Меѓутоа,  по објавувањето на рецензијата, медиумот ја увидел грешката и ја повлекол информацијата.

 

Деманти на Фејсбук

 

Во поново време на ФБ профилите на политичарите освен политички пораки, соопштенија  за партиски активности, може да се прочитаат  и деманти на текстови:

„Го читам текстот објавен во провладините медиуми и се смеам. Дали може да се оди до таа крајност, со вакви приказни за мали деца да се обидува власта да ги замагли очите на граѓаните од реалноста што ни се случува во Македонија.  Јас сум прв соработник на Бранко Црвенковски, јас сум еден од тие што учествуваат во донесување на сите одлуки во Социјалдемократскиот сојуз…..“

Напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на својот ФБ профил  испровоциран од  новинарски написи кои се појавија  пред минатогодишните  локални избори, а во кои се тврдеше дека Заев влегол во отворен судир со Црвенковски и барал негова оставка.

Неодамна  и новинарот Борјан Јовановски, беше нападнат од дневен весник со следниве зборови:

„Борјан Јовановски се јавува како основач или овластено лице во неколку невладини организации и фирми. На пример, Шилегов веројатно не знае дека тој има фирма за филмска продукција „Еуровижн“, каде соосновач е неговата колешка Сашка Цветковска. ТВ „Нова“ – интернет-телевизијата се реализира преку „Видео веб-продукција“, чиј соосновач е колешката Билјана Секуловска. Јовановски е овластено лице и во угостителската фирма „Мом-Томче Софка“….“

И тој одговори преку Статус на својот Фејсбук профил:

„Како сопственик на Томче Софка ја поканувам целата редакција на Дневник со се “шишиња” од 750.000 евра да дојдат на вечера…“

Несомнено дека постирањето на вакви содржини на Фејсбук  овозможува реакцијата да допре до поширок круг на луѓе, што е особено важно во услови кога македонскиот медиумски простор е прилично стеснет.

Сѐ почесто се случува и во некој медиум да прочитаме демант за текст пласиран во друг медиум. Причините за тоа се во силната поларизација на општеството која неизбежно се рефлектира и во  медиумите, каде  се забележува  длабока  поделба  на провладини и опозициски. И во еден прилично задушувачки амбиент кога опозицијата воопшто нема, или има ограничен пристап во медиумите, нејзините деманти,  најчесто,  не ги објавуваат оние кои ја пласирале дезинформацијата.  Така што, таа е ставена во ситуација реакциите да ги соопшти преку медиумите кои се критички настроени кон власта. На медиумот (новинарот), пак, кој нема да го објави демантот останува моралната одговорност и огромната флека која му го нарушува професионалниот интегритет.

Иако, можеби прозвучува декларативно, сепак, вистината мора да допре до  јавноста, а новинарите секогаш треба да бидат на барикадите на јавниот интерес. Затоа, не е грев новинарот кој пласирал неточна информација, поради брзање, невнимание или незнаење,  да ја признае грешката и да и се извини на засегнатата страна. Уште повеќе, бидејќи според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, новинарот и медиумот ризикуваат да се соочат со судска постапка. А согласно  овој Закон  медиумот  треба да го објави демантот на истото место и во истиот обем како и спорниот текст.

Конечно,  нема ништо страшно и фрустрирачки да се објави демантот, се разбира доколку е во прашање неточна информација. Впрочем, тоа е стандард во професионалното новинарско информирање и така постапуваат сите редакции кои држат до своето име. И во секој случај, тоа помалку „боли“ од необјавувањето на реакцијата.  Игнорирањето на демантот, пак, крие други мотиви.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

{facebookpopup}

Оставете коментар