Новинарите покажаа дека нема да се уплашат ни од апсењата

Според ТМ, “премиерот Никола Груевски и неговата лојална министерка Гордана Јанкуловска продолжуваат со праксата започната со полициско-инспекцискиот упад во А1 ТВ кон крајот на 2010 г., како и при новинарските протести пред судот во Скопје, при полноќните апсења и приведувања новинари, при бркањето на новинарите од галеријата во Собранието на 24 декември 2012 г. итн”.

„Речиси целокупната експертска заедница се согласува дека непропорционалното
демонстрирање сила со посегањето по специјалната полиција во секоја прилика кога се во прашање новинарите, претставува груб притисок врз слободата за изразување во земјава,“ се наведува во извештајот на Транспарентност Македонија.

Според ТМ, паничното однесување на Груевски и Јанкуловска донекаде е и разбирливо: новинарите и нивното професионално здружение ЗНМ се едни од ретките во Македонија кои не попуштија пред големиот притисок на власта за нивно замолчување.

Власта, конечно – и по препорака на ТМ – се откажа од донесување на еклатантно недемократскиот Закон за медиуми; жалната состојба со слободата на изразување е веќе општо место во сите меродавни меѓународни извештаи за демократијата во Македонија, а новинарите покажаа дека нема да се уплашат ни од апсењата што ги спроведува власта во селективната примена на правото во Македонија.

ТМ ја повикува Владата на Никола Груевски да престане со употреба на специјалните полициски единици за гушење на слободата на изразување во земјава и за притисок врз новинарите.

ТМ ја повикува министерката Јанкуловска да се откаже од својата политичка дволичност и да престане да доаѓа на преговорите со ЗНМ – кога и ако тие преговори продолжат – бидејќи таму се преговара за повеќе слобода во работата на новинарите, а не на полицијата при употреба на сила.

Извор НОВАТВ 

 

Leave a Reply