Нов зелен пазар во Кавадарци.Вистина, предизвик или ветер во магла?

Врз основа на член 50 став 1 точка 6 од Законот за Локална Самоуправа („Сл.Весник на Р.М„ бр. 5/2002) член 113 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Кавадарци („Сл.Гласник на оштина Кавадарци, бр.8/2005), Градоначалникот на Општина Кавадарци му предлага на Советот на Општина Кавадарци на седницата која беше одржана во Вторникот на 24 Декември, да ја донесе “Програмата за развој на Општина Кавадарци за 2014 година“.

На оваа седница на Советот на Општина Кавадарци, секторот за Локален Економски Развој ја презентира својата “Програма за развој на Општина Кавадарци за 2014 година“. Програмата опфаќа неколку гранки, како што се:
– Изградба на капитални објекти;
– Економски развој;
– Туризам;
– Екологија;
– Енергетска ефикасност;
– Развој на информатичка технологија;
– Образование и Социјала.

Веб порталот Мојот Град постојано ќе биде во тек со овие настани и редовно  ќе објавува делови од оваа “Програма за развој на Општина Кавадарци за 2014 година“ .
Во таа насока, денес објавуваме дел од капиталните инвестиции кои Општина Кавадарци планира да ги оствари во престојната 2014 година. Граѓаните треба да знаат што се планира, и на крај дали се остварува планираното.

Градоначалникот Панов во програмата за 2014 година  планира да отпочне со постапката за „Изградба на Градски Пазар“. Колку за потсетување, овој проект на градоначалникот му беше вметнат во предизборната градоначалничка кампања уште од 2009 година.Тогаш на граѓаните им вети дека во 2010 година, кавадарчани ќе добијат нов покриен зелен пазар.Но ништо од тоа, останаа само празните ветувања.

Сега, цели 5 години подоцна, истиот градоначалник повторно во јавноста го актуализира овој веќе еднаш промашен негов проект.Дали навистина планира да го реализира, или пак и ове е дел од некоја предизборна кампања која следува во наредниот период.

Како и да е, градоначалникот и советот на општина Кавадарци повторно излеваат на мегдан.Имаат нова шанса да се “исперат” за претходните неуспешни обиди и конечно градскиот зелен пазар да заличи на градски зелен пазар.

Овој проект на Градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци е планиран да се реализира во неколку фази. Првата фаза на реализацијата на проектот е планирана да започне во тековната 2014 година. 

Вкупната површина на проектот изнесува 14.405 метри квадратни, од кои:
– Подземна гража 2867 метри квадратни;
– Зелен градски пазар со површина од 2755 метри квадратни;
– 1 кат 2878 метри квадратни;
– 2 кат 2947 метри квадратни; поткровје 2958 метри квадратни.

Со овој Градски Пазар, предвидено е да се добијат 89 нови деловни единици и тоа:
– 31 деловна единица на приземје;
– 21 деловна единица на први кат;
– 32 деловни единици на втори кат;
– 5 деловни единици на поткровје.
Средствата за изградба на овој проект се планирани да се реализираат во форма на јавно-приватно партнерство. 

Финансиските средства за изградба на целиот проект се во изност од 7.082.170 евра. Дали овој многу значаен проект за Општина Кавадарци ќе биде изграден, или ќе биде само една неостварена желба, на кавадарчани? Ако првата фаза на реализација започнува во 2014 година, кога ќе биде крајната фаза? Кога кавадарчани конечно ќе можат да се израдуваат на овој долго очекуван проект? 

Оставете коментар