Нормални нацисти

Можеби насловот требало да гласи ‘Нашите баби и дедовци’ но можеби тоа би било премногу тажно за нешто што се претставува како реален портрет на луѓето затекнати во бруталната војна – портрет кој предизвикал голема полемика надвор од Германија.

Главните протагонисти на овие драми се пет млади, образовани Берлинци, меѓу кои нема нацисти. Тие обожаваат свинг (забранет во Третиот рајх). Еден од нив, кројач со густа црна коса – Виктор, е подвижна карикатура на Евреин. Другите двајца, Вилхелм и Фридхеим, се браќа кои пристапуваат во Вермахт 1941 година, точно на време за инвазијата врз Советскиот Сојуз. Вилхелм е жив и мажествен, одличен воен материјал, Фридхелм е негова спротивност – студиозен, чувствителен и ја презира војната. Вилхелмовата тајна љубов, Шарлота, е горда што служи на Источниот фронт како воена болничарка. Петтиот лик е девојка по име Грета, која го сака Виктор и сака да стане славна како Марлен Дитрих. Таа е во врска со офицерот на Гестапо, и се надева дека ќе го спаси Виктор и ќе ја унапреди својата кариера во забавната индустрија на Третиот рајх.

Ги следиме овие петмина низ сите нивни авантури, кои како во вистинска сапуница се преплетуваат коинцидентно и често сосем неубедливо. Ги гледаме ужасите во болницата, каде луѓето викаат од болки и каде со локалните (руски) болничарки се постапува како со робови. Гледаме како украинските отпадници со тупаници ги бркаат Евреите од нивните куќи во гетото додека Германците ги надгледуваат. Гледаме како германските војници стрелаат или бесат недолжни цивили. Го гледаме Виктор како бега од возот за Аушвиц. Гледаме како послките предавници и полските партизани, меѓу кои некои се еднакво антисемитски и антигермански настроени. На момент гледаме пијани советски војници како ја силуваат Шарлота, германската болничарка. И на крај, го гледаме американскиот офицер во Берлин по завршувањето на војната, како со цигара во забите му дозволува на бившиот офицер на Гестапо, кој беше во врска со Грета и кј е одговорен за нејзината подоцнежна егзекуција, да продолжи да работи за сојузничките власти како ништо да не се сменило. 

Милиони германски и австриски гледачи мислат дека серијата е прекрасна. Зошто тогаш околу неа се дигна толкава прашина, особено во Полска каде авторите се обвинети за ‘фалсификување на историјата’? Американските критичари како А. О. Скот во New York Times исто така го критикувале филмот поради создавањето лажни морални еднаквости помеѓу напатените германски војници и болничарки и нивните напатени полски или руски непријатели. Според ова гледиште, Генерација на војна изгледа сугерира дека антисемитските гадови ги имало на сите страни, во Полска и Украина не помалку отколку во Германија. Значи, треба да се помолиме за сите жртви на војната и минатото да го оставиме во заборав. Но дали овој филм ни го порачува само тоа?

Се во Генерација на војна би можело навистина да се случи, дури иако презентацијата е по малку сомнителна. Сликите на борба снимени се во стилот на Спилберг, според холивудски калап. Не ни се покажуваат најлошите работи кои Германците ги направиле; не гледаме логори и мачење. Тоа е можеби добро. Филмскиот обид – да речеме како Спилберговиот – на прикажување на гасните комори никогаш не се доближуваат до реалноста и лесно можат да преминат во кич. Ретко на кој може да му избега што значи кога полскиот затвореник зборува дека возовите доаѓаат во логорите полни а се враќаат празни. Би можело повеќе внимание да се посвети на холокаустот, кои премина во централна тема при сеќавањето на Втората светска војна. Но холокаустот не бил главен дел од германското воено искуство, и на крај, оваа драма не е за него. Коментарот, кој во еден дел го кажува непознат наратор а дел од него и Вилхелм, издржливиот брат кој ја преживува војната, не остава никаква дилема околу тоа дали Германците се одговрни за разурнувањето на Европа. Главната порака која неколку пати ја повторува помладиот брат Фридхелм е дека војната го буди нејлошто во луѓето. Германците себе си се виделе како херои додека се пробивале на исток, но завршиле како масовни убијци.

Освен бизарните коинциденции (колку пати петмина пријатели можат случајно да се сретнат на боиштата од Полска па се до североисточна Украина?). овој филм има и други типични обележја на телевизиска мелодрама. Сите петмина се згодни. Ни се допаѓаат и навиваме да преживеат. Потоа, тука се негативците: офицерот на Гестапо и немилосрдните нацистички убијци кои наредуваат на колебливите војници да учествуваат во масакрите. Овие луѓе се грди: дебели или синокоси зверови. 

Би можело да се тврди дека со таквата слика на аткративни обични Германци, кои во конфликтот ги вовлекуваат злобни садисти, ја трга одговорноста од Германците. Сепак немале никаков избор, па дури и тие може да се набљудуваат како жртви на нацистите. Но сликата во филмот е покомплицирана. Голем дел од младите Германци во филмот – болничарки, војници, берлинците, вклучувајќи ја и жената која се вселува во некогашниот стан на Викторовото исфрлено семејство – е затруена со нацистичката пропаганда. Па дури ни нашите атрактивни јунаци не се целосно невини. Не само што Грета ја гради својата кариера предавајќи му се на офицерот на Гестапо, туку и Шарлота ја предава еврејската болничарка која и помогнала, а фридхелм, оној чувствителниот дечко, на крај ги беси партизаните и стрела деца. 

Но филмот може да се чита и на уште еден начин. Ако е тоа приказна за атрактивните млади германци кои се обидуваат да бидат луѓе во нечовечка војна, јасно е дека јунаци нема да има. И тие стануваат морално упропастени. Ова не би била така силна идеа кога хероите би изгледале еднакво грозно како и негативците. Баш фактот дека нашите баби и дедовци би можеле да станат предавници, опортунисти и убијци испраќа важна порака. Ако овој филм тоа пробува да го разбере наместо да го осуди, не значи дека тој бара разбирање за Третиот рајх. Напротив, само покажува дека скоро никој не можел да остане пристоен во искривен систем.

Телевизиските мини серии понекогаш се поефикасни од софистицираните уметнички форми, не само затоа што допираат до пошироката публика. Ликовите ги запознаваме како што поминува времето. Живееме со нив. Оние кои се потсмевале на американската мини серија Холокауст (1979) поради вулгарниот приказ на масовните убивања, го потцениле нејзиното влијание, особено на германските гледачи. Жртвите, како и некои од убијците, изненадувачки добиле човечки облик. Баналноста на серијата и одела во корист, бидејќи протагонистите би можеле да бидат наши соседи. Серијата ја разоткрила апстракцијата за шест милион мртви.

Но што е со полското негодување дека приказот на полските партизани представува фалсификување на историјата? Не може да се негира дека многу Полјаци, вклучувајќи ги и партизаните, биле антисемити. Да се претстават сите Полјаци како херојски бранители на Евреите навистина би било фалсификување. А има и Полјаци во овој филм кои му помагаат на Виктор да побегне. Всушност, моралните делими со кои се соочуваат партизаните – дали се исплаќа да испровоцирате одмазда над невините Полјаци убивајќи Германци? – се добро опишани во филмот. 

Меѓутоа, полските критичари имаат право. Дури и ако Полјаците, Украинците и другите странци се однесувале недостојно, германската сапуница за источниот фронт можеби не е најдобар медиум за истакнување на тоа. Но постојат и сериозни проблеми, во однос на рамнотежата. Учесниците во оваа приказна кои не се Германци, од антисемитските Полјаци, преку украинските насилници до Американецот со цигара во забите – најчесто се прикажани во негативно светло. Филмот не порачува дека тие биле подеднакво лоши како Германците или дека во иста мера учествувале во нацистичките злосторства. Но глеачите лесно може да добијат таков впечаток. Американецот кој свесно го вработува бившиот офицер на Гестапо (што навистина се случувало, бидејќи гестаповците важеле како искусни ловци на комунисти) не е само Американец кој ќе го видиме, туку при тоа мора и да се покажува со огромната цигара. Полските партизани изгледаат како валкана и искината дружина (што навистина и биле, бидејќи преживувале во шума), додека германските војници успеваат да зигледаат прилично гордо дури и меѓу завеаните воени рушевини. Руските војници ги гледаме само оддалеку, додека или пукаат на Германците или злоставуваат жени.

Се стекнува впечаток, колку и да биле злосторствата на Хитлеровата германија ужасни, дека сепак повеќе би се дружеле со нашите убави германски јунаци отколку со оние грозни странци. Да повторам, нема најава дека филмот се обидува да ја ослободи Германија од своите историски гревови. Но, приморани сме да засакаме некои луѓе кои ги направиле тие гревови. А освен една руска Еврејка, која е предадена од германска болничарка, и еден или двајца Полјаци, сите странци се неранимајковци.

Можеби англискиот наслов сепак не е целосно погрешен. Бидејќи зад кулисите се води борба помеѓу различни германски генерации. Порвата поствоена генерација често ги осудувала своите родители. Моралната осуда на постарите и националниот самопрезир биле дел од протестните движења во шеесетите, кои кулминирале со ужасните насилства на Фракцијата на Црвената армија. Овој филм покажува дека тој генерациски судир сега е можеби завршен. Постшеесетосмашите можат да се помират со своите баби и дедовци не порекнувајќи ги ужасите кои тие ги направиле, или кои биле направени во нивно име.

Не треба за тоа да им се замери. Исто така е разбирливо дека младите Германци не сакаат да бидат оптеретени со вината за она што го направиле нивните дедовци. Германија денес е ‘нормална’ земја, и покрај длабоката абнормалност на своето 20 – вековно минато. Тврдењето дека војната го буди најлошото во сите нас може да допринесе кон тоа чувство на нормалност. Но тоа тврдење не е сосема точно – војната во некои луѓе го буди и она најдоброто. Тврдењето е и неадекватна, бидејќи војната не го разбудила најлошто само кај Германците, туку и режимот, идеологијата, општеството кое било труло. За тоа не можат да се обвинат странците.

 

 

 Извор: nybooks.com

Превод: Попова

 

 

Оставете коментар