Ние сме во напредната фаза на исчезнување како нација

Бранко Тричковски е во врвот каде што се сместени неколкумина новинари коишто може да поведат дебати, од коишто може да се учи, со коишто не мора да се согласуваш, но чии текстови се читаат со отворени очи. Неодамна ја издаде последната книга „Како бевме систематски уништувани од идиоти“, во која се поместени колумните објавувани во магазинот „Глобус“ во последниве две години. Тричковски беше првиот главен и одговорен уредник на „Утрински весник“. Неговиот поглед на македонските работи има константа која многумина ги воодушевува, додека некои вртат со главата кога ги читаат неговите текстови.

Насловот на книгата е „Како бевме систематски уништувани од идиоти“. Тоа сугерира дека „ние“ сме стоеле настрана кога земјата била „уништувана од идиоти“. Амнестира ли овој наслов барем еден човек од ситуацијата во која се дави Македонија?

Не, не амнестира никого. Нашиот пораз е комбинација од стремежот кон колективно самоубиство, за кое јас тврдам дека произлегува од тенденцијата на недоволно култивираната и устрожнета, одржавотворена и нацијосана маса да се врати во својата аморфна форма. Како амбиент кој е и многу попријатен од строгостите на државната и национална реализација. Самото патување назад е една весела авантура со многу субвенции, пиво, песни и ора, фонтани, споменици, иднината сега, минатото сега, сегашноста сега, излет во кој е дозволено се’ ако билетот е купен во агенцијата на вемерето. Говорам за критичната маса простаклак, која стигна да ги дефинира основните правци на развојот на Македонија, маса која нема никаква или има крајно рудиментирана, да не речам фолклорна позиција за државата и за општите работи. Опозицијата е одговорна исто, или можеби и повеќе, од беспоговорните терминатори од власта. Комунистите се одговорни оти ја оставија творбата така неконсолидирана, комитите се одговорни затоа што дојдоа во ситуација лажниот мит за Македонија политички да го концептуализираат како закономерна интенција против државата и нацијата! Нема никакви знаци на релевантен отпор. Само симболични паради.

Идиотите од насловот се идиоти во аристотелска смисла, значи масата која е сосема неутрална кон политичките прашања и кон политиката како таква и идиоти во медицинска, можеби, повеќе во народска смисла. Вторите се главата на Апашанатот – политичко уредување во кое државата е акционерско друштво за пљачкосување на народот, а првите се тоа што комунистите го нарекуваа материјална сила на револуцијата, во овој случај – на контрареволуцијата. Се разбира дека има чесни, паметни пожртвувани луѓе и организации, но голем дел од нив се врзуваа со погрешни алтернативи и со погрешни методи на борбата, им недостасуваше лидерство, храброст да уфрлат во петтата брзина на отпорот. Народот го обесмисли нивниот напор да го спасат!

На промоцијата на книгата изјави дека промоторот Арсим Зеколи во една пригода ги окарактеризирал твоите текстови како „политички некоректни“. Според тебе, тоа е извонредна пофалба! Зошто?

Во општества како што е македонското, политичката коректност е малограѓанска платформа за репродукција на политичката елита и на нејзините системи како злосторнички структури кои коректноста ја користат како препарат за идиотизација на таканаречените широки народни маси. Политичката коректност е еден од главните агрегати на радикалните самоубиствени застранувања за кои сведочиме во Македонија. Коректноста тука се јавува во улогата на бавно загревачка вода во која радосно умира нормалноста, општеството, нацијата, државата. Политичката некоректност е еден од важните услови за растурање на таа хипноза во која народот ја губи моќта да носи рационални одлуки.

Некоректноста не е некултура. Обратно, некоректноста е начин да се разобличат лажната култура, лажните вредности, лажните устројства, лажните институции и личности, лажниот морал, во крајна линија. Тоа е невозможна мисија ако немате визија, ако не зрачите со својата добронамерност, со вистинска посветеност кон општото добро, со знаење и морален и интелектуален интегритет, со стил, во секој случај.

Како црвена нишка низ твоите текстови се протега оцената дека Македонците се политички неостварена нација. Која е основата на ваквото тврдење – незрелост на нацијата, незрелост на политичките елити или незрелост на врвните интелектуални кругови?

Македонија е на границата да докаже дека не е можна во услови на демократија, пазарно стопанство и отворен свет. Затоа што на една страна и’ недостасуваат историски напластувања и кондиции, граѓански структури, политички стратификации, културни димензии и морални вертикали кои се во состојба да ги згрижат, развијат и пренесат општите дела во услови на историските конвулзии, каква што се уште е оваа морничава транзиција. Ако на тоа ги додадеме и аспектите на мултиетничноста и мултикултурата, работата станува уште посериозна. Клучен фактор е што немаме реален однос и кон себеси и кон светот. Имаме совршено погрешен поглед на темите каква што е нацијата, историјата, достоинството, суверенитетот. Името. Ги избираме оружјата со кои ни е сигурна смртта во двобојот со модерноста. Кој е одговорен?

Ние имаме Академија која организира патетични собири за Букурешкиот договор, а суштината на егзистенцијата и на перспективите е да го изнесете Македонецот од тој трагичен филм. Истото важи за многу други работи. Да скратам, нацијата ни е една неконсолидирана и крајно проблематична категорија, елитата и интелектуалните кругови се во аут од предизвиците на времето и потврда на сериозните блеферски и фалсификаторски операции во самата конституција на нацијата. Затоа е потребна радикална критика на македонското саморазбирање.

Една твоја колумна ја наслови „Мирисот на обновливата смрт“. Може ли Македонија постојано да ја обновува својата смрт опеана во толку тажачки. Или едноставно, еден ден може ќе дојде крајот, не како државна творба, туку како нација која ќе ги загуби перспективите?

Македонија има проблеми да се легитимира надвор од темата за смртта, неправдата итн, од таа мрачна и патетична епика на своето постоење и саморазбирање. Се’ ми се чини дека МПЦ ќе се распадне кога ќе и’ ја признаат таа проклета и бесмислена автокефалност. Дека ќе еволуираме во нешто друго ако некој донесе докази дека Европа воопшто не е курва, туку една чесна женска, дека Албанците не се смртни непријатели. Не можеме Македончињата да ги задојуваме над картите на етничка Македонија и да плачеме над грчката неправда. Деведесет отсто од тоа што го учиме и знаеме како национална историја е врзана со некаков бугарски предзнак, но тоа не ни пречи главната легитимациска нотка да ја влечеме на антибугарска основа. Со мала доза на претерување би можело да се каже дека современиот Македонец се разликува од пештерскиот (!) само по тоа што употребува паста за заби и гледа идиотски телевизии, но во системот на своите стравови и фрустрации е на исто ниво. Мислам дека ние сме во напредната фаза на исчезнувањето како нација, а за државата ќе видиме. Само културна револуција на линијата на модернитетот, нешто апсолутно спротивно од ова што денеска се прави, можеби може да не’ спаси. Во идеолошка и политичка смисла клучна операција како долготраен административен политички и културен процес, мора да биде девмровизацијата, а на културен план радикалната дистанца од идиотските и идиотизирачки зрачења на „Скопје 2014“.

Писателот Божин Павловски во еден текст околу драмата низ која минува нашата држава напиша дека „ќе биде премногу жално ако на едно сиромашно дете (Груевски, н.з.) школувано со немерлива љубов на својата мајка историјата му закачи опашка дека ја потрошил македонската држава што му ја довериле наивните или поткупени гласачи“. Песимист ли е академикот Павловски или е тоа јанѕа што почнува да јаде многу луѓе во Македонија?

Не е песимист, тој е еден патетичен полуреалист со елементи на некаков сведок покајник. Во самиот цитат се гледа тој македонски фолклоризам, тоа кралимарковство во кое ќе биде жално ако се покаже дека сиромашното дете ќе ја загуби Македонија. А мајка му толку многу дала за него. Тој редослед на зборови и оценки не е случаен. Тој го удира акцентот врз личната драма на еден строго ограничен човек кого случајностите и отсуството на културна и политичка свест, во содејство со културните и идејните сервиси на луѓето од академската средина, го ставија на челото на оваа држава. Драмата е наша, а тоа што може да биде и негова може да се констатира само ако се каже дека ние никогаш нема да исчезнеме толку многу за да не стигнеме да го прашаме за неговите одговорности за оваа калварија. Не е донесен тој на власт, туку митолошката основа на македонското саморазбирање. А таа е лажна и во својата најдлабока суштина антимакедонска.

За академикот Павловски и за другите академици и останати, главно квазиинтелектуалци, кои се јавија по повод најновиот развој на драмата (лустрацијата на Јаневски) не можам, а да не го споделам впечатокот дека се обидуваат да купат алиби за сопствената улога во македоноцидните операции на вемерето и за сопствената улога во производството, во афирмацијата и во консолидацијата на тој глупав антимакедонски и антинормален мит и, конечно, во неговата политичка концептуализација. На чуварите во логорот на смртта им пукна филмот пред да и’ ја отсечат главата на двамилионитата жртва.

Кога Никола Груевски беше избран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ ти го поздрави тоа како позитивен отклон од дотогашната политика на партијата. Неговиот избор го спореди со изборот на Санадер на чело на ХДЗ во Хрватска – победа на технократите кои ќе донесат посветла иднина. Историјата демантираше многу од твоите тогашни тези. Зошто се случи така?

Мислам дека не си сосема во право. Груевски најави реафирмација на изворните принципи на ВМРО, а јас напишав дека само промените на тие принципи можат да ја однесат Македонија напред. Изразив одредено ниво на условени надежи проследени со многу сериозни огради. Мојата погрешна теза од тоа време се однесуваше на оцената дека македонскиот национализам и етноцентризам не можат да бидат платформа на која тој може да успее. Се случи спротивното. На таа платформа тој успеа да ја уништи идејата за Македонија. Во таа смисла не ме демантираше тој, туку општеството.

Многумина забележуваат дека специфичниот речник што го употребуваш во твоите колумни, во кој не недостигаат пцости и вулгарни зборови, одвраќа значаен дел од читателите. Зошто пишуваш со таков речник – да ја банализираш стварноста или, пак, тоа се вистински зборови за оваа време?

Не да ја банализирам, туку да ја растурам баналноста на стварноста. Ме радува деликатноста во прашањето. Особено откако некои експоненти на мртвото новинарство ме осудија дека сум бил вулгарен, прост, навредлив, некодексиран. Секогаш во вакви ситуации се повикувам на Кишјухас: апелот да внимаваме на зборовите додека фалусот на политиката ни го растура задникот и ни излегува низ ушите, е злосторство спрема жртвата.

Љупчо Поповски, Утрински

Оставете коментар