Нема само една вистина, нема една Македонија

Од новинарите се очекува да имаат јасни и професионално соодветни правила за тоа како објавуваат факти и мислења и на кој начин на публиката ќе ѝ стават до знаење што е што. Зашто, од поголемиот дел од медиумската публика не можеме да очекуваме да бидат медиумски писмени за секогаш да разликуваат факти од мислења.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Новинарите се постојано соочени со предизвикот како да се известуваат за фактите и мислењата. Тие мора да бидат обучени да ги разликуваат. Тоа е важно и за време на собирањето на информациите и тогаш кога веста се пишува.

 

ФАКТИ

Фактите, најчесто, се дефинираат како информации кои опишуваат дека нешто се случило. Тие можат да бидат директно осведочени од новинарот или прифатени како такви од некој што ги соопштува. И во двата случаи за овој тип факти се претпоставува дека се точни. Во секој случај, пред да известува за нив, секој новинар мора да препознава дека изјавите во врска со фактите доаѓаат од веродостојни и релевантни извори. Тоа го преодредува начинот на кој тие факти ѝ се презентираат на медиумската публика.

Новинарите најчесто се среќаваат со три типа факти:

  • факти за кои е докажано дека се вистинити;
  • факти кои се најверојатно вистинити, но сѐ уште не се докажани
  • и факти кои можат да бидат вистинити, иако изгледаат како лажни.

 

ДОКАЖАНИ ФАКТИ

Овие факти се докажани и прифатени како вистинити од секого. Тоа се најчесто оние изјави како „земјата е топка“ или „Ѓорѓи Иванов е претседател на Република Македонија“. Можете да ги проверувате овие факти, но тоа е губење време. Барем во наредните 4 години за вториот пример. После тој период овој факт навистина ќе треба да се провери. Но, сега, во овој момент, тоа е докажан и прифатен факт.

Можете да бидете сигурни дека кога известувате за ова факти. Нивната вистинитост не зависи од тоа дали некој тоа го потврдува за публиката или не.  Не треба да се атрибуираат, односно да им се припишува извор.

 

НАЈВЕРОЈАТНО ВИСТИНИТИ ФАКТИ

Овие факти произлегуваат од изјави кои се доволно разумни за да се верува дека се точни, но новинарот не може да ги докаже. Или заради тоа што нема непосреден пристап до информацијата, или до примарен извор кој може да ја потврди. Понекогаш се случува и времето да биде фактор – новинарот немал доволно време да ја потврди информацијата, или, можеби, бил мрзелив. Најчесто овие факти се прифатливи доколку доаѓаат од изјави на луѓе за кои се знае дека се во позиција да ја знаат вистината и кои немаат видлива причина да не ја кажуваат вистината.

Ако министерот за финансии вели дека буџетот за идната година е реален, би требало оваа изјава да ја земете како најверојатно вистинит факт.

Но, како и да е, најверојатно вистинитите факти не се докажани факти. Иако, најверојатно се вистинити, постојат шанси да бидат погрешни. Можеби тој што ги кажува – лаже. Со оглед на тоа дека ова сомневање секогаш (треба да) постои, овие факти мора да бидат припишани некому. Тие никогаш не можат да го имаат статусот на „докажани факти“.

„Факти, не мислења“ – напис на влезот на Kirkaldy Testing Museum во јужниот дел од Лондон, каде што во 19-иот век се вршеле тестирања на механички машини. Фото: Lars Plougman, 2008 година

 

НАЈВЕРОЈАТНИ ЛАГИ

Понекогаш се среќаваме со изјави кои изгледаат невистинити, но постои веројатност да бидат точни. Изјавата: „Министерот за труд и социјала се венчал со шеснаесетгодишна манекенка зашто останала трудна“ изгледа многу неверојатна, но можеби е вистинита.

Новинарите секогаш треба да ги проверуваат ваквите изјави пред  да ги употребат и никогаш нема да ги употребат пред да бидат потврдени од најмалку уште еден релевантен извор.

 

МИСЛЕЊА

Мислењата се разликуваат од фактите. Мислењето е заклучок до кој дошол некој врз основа на фактите, или, пак, бил поттикнат од нив. Во голема мерка мислењата се формираат и од она за што луѓето сметаат дека е факт, и, понекогаш, и од најверојатно вистинитите факти. Праксата познава дека има и такви луѓе кои формираат мислења и врз основа на докажани лаги. Едноставно, тие не веруваат во доказите.

Најверојатните факти за една личност, за друга се најверојатни лаги. За граѓаните на Република Македонија факт е дека на мапата на државите постои  земја која себе си се именува со име кое е дел од идентитетот на народот што живее таму. Но, за мнозинството граѓани на јужниот сосед на Република Македонија, фактот за Македонците – за нив е лага. Оттаму произлегува дека за еден ист факт – постојат две вистини, или мислења.

Иако, мислење може да се изрази со било која изјава за која некоја личност смета дека е вистинита (како дистинкција од докажаните факти), за новинарите постојат две категории мислења.

 

МИСЛЕЊА ШТО МОЖАТ ДА СЕ ВЕРИФИКУВААТ

Овие мислења се заклучоци кои можат да бидат верификувани (да се покаже дека се вистинити) или да се покаже дека се невистинити. Луѓето што ги предвидуваат резултатите на натпреварите во фудбал во Лигата на шамшионите, го прават тоа врз основа на нивните познавања на клубовите, квалитетот на играчите, слабостите и капацитетите на тимовите…  Некој од нив може да изјави дека Реал Мадрид ќе победи против Арсенал. Тоа е нивно мислење, но тоа може да се покаже дека е точно или погрешно – веднаш после натпреварот.

Иако луѓето ги формираат мислењата врз фактите, секогаш постои опасност дека можат да изведат и погрешни заклучоци. Можно е нивните мислења да биле формирани врз основа на факти кои сами за себе се невистинити; можно е да не ги зеле предвид релеватните факти (Арсенал подобро се снаоѓа на дождливо време, а на денот на натпреварот леело како од кофа и резултатот бил нерешен), или можеби заклучиле погрешно заради недостатоците во нивната лична логика на изведување заклучоци.

Мислењата што можат да се верификуваат секогаш треба да се претпостават како погрешни. Затоа секогаш, ама секогаш, треба да имаат атрибуција, односно зад нив да стои извор.

Хмм… „Чуствата се факти“, вели написот. Фото: Wrote, 2008 година

 

ЕКСПЕРТСКИ МИСЛЕЊА

Експертите ги испорачуваат своите мислења врз основа на нивното стручно познавање и контекстуализирање на фактите. Форензичарите со право можат да кажат дека мртовецот што е изваден од реката, бил убиен пред да биде фрлен во неа.

Но, треба да се внимава на тајмингот на изјавата. Ако форензичарот даде ваква изјава непосредно по вадењето на телото на жртвата од реката, тое мислење мора да биде атрибуирано. Тогаш кога, со стручни испитувања, ќе се докаже дека жртвата прво била убиена, па потоа фрлена во реката, тогаш новинарот не мора да се повикува на експерт. Доволно е што доказот е изведен во овластена лабораторија. Следува и втора фаза во тајмингот на сторијата кога осумничениот убиец ќе биде изведен на суд и кога овластениот форензичар, како експерт, ќе биде повикан да го изнесе доказот. Во извештаите од судските процеси, изјавите мораат да им бидат припишани на експертите.

Најдобри експертски мислења се оние кај кои е видливо дека личните чувства на експертот во врска со темата не ја корумпираат неговата изјава. Новинарите треба да ги препознаваат спротивните ситуации и да ги предупредуваат експертите дека таквите изјави се пристрасни.

Како и да е, најпрепорачливо е мислењата секогаш да се припишуваат за да може медиумската публика да ја процени најверојатната вистина и соодветно на неа да донесе свој заклучок.

 

ЛИЧНИ МИСЛЕЊА

Личните мислења се формираат делумно на фактите и делумно од она во што верува оној што го изнесува тоа мислење. По правило, личните мислења се изнесуваат само тогаш кога од некого ќе биде побарано тоа. Не може обратно: Некој да се јави во медиумите и да побара да му го објават личното мислење.

Личното мислење кое е засновано на верувања или на вредности што ги застапува некој со таква изјава, се нарекува – вредносен суд. Тоа се мислења кои кажуваат што е лошо, а што добро и ги советуваат другите луѓе што да мислат или да преземат во врска со некоја тема. На пример: припадник на партија со лева ориентација може да изјави дека е потребен данок за богатите луѓе, а некој богаташ може да изјави дека тоа е лоша идеа. За да се разбере вредносниот суд, медиумската публика мора да знае кој ги искажува мислењата и зошто. Овие мислења мораат да бидат атрибуирани.

Во секојдневната пракса новинарите честопати се среќаваат со луѓе кои сакаат да го изразат своето лично мислење за да ги импресионираат другите луѓе и јавноста и да влијаат на однесувањето на останатите. Тоа особено го посакуваат политичарите. Познато е од кои причини. Ако премиерот на една држава постојано вели дека неговата влада е добра за луѓето, тој изразува вредносен суд. Доколку тој вредносен суд се промовира многу често со помош на медиумите, луѓето ќе започнат да веруваат дека тоа е вистина, без разлика дали зад таа изјава има факти или не.

 

ШТО ГИ РАЗЛИКУВА ФАКТИТЕ ОД МИСЛЕЊАТА? ПРЕЗЕНТИРАЊЕ НА ФАКТИТЕ И МИСЛЕЊАТА

Медиумската публика може да ги смета и фактите и мислењата за корисни. Она што е битно е таа да може да ги разликува за да не предизвикуваат конфузија.

Вообичаено за печатените медиуми е да им предочуваат на своите читатели што е мислење со начинот на кој графички се означува таквиот текст. Местата маркирани како „мислења“, „став“, „коментар“ и слично се секогаш на исто место во печатениот медиум и секогаш се јасно графички дизајнирани за да се издвојат од останатите стандардни содржини во весниците во кои информациите се повикуваат на факти што некој ги толкува. Редовните читатели никогаш не можат да бидат збунети кога треба да ги разликуваат мислењата од другите рубрики.

Мислењата , најчесто, ги пишуваат поискусните уредници и новинари, како и личности кои заради својата стручност или углед, имаат влијателна улога во општеството.

И во телевизиското и онлајн новинарство може да се објавуваат мислења, но треба да се внимава тие да бидат видливо обележани како такви за време на целосното емитување на мислењето кога станува збор за телевизискиот медиум. Кај радиото ова е малку потешко да се постигне зашто, освен на крајот и почетокот на мислењето емитувано на радио, ако некој слушател се вклучи и исклучи во текот на коментарот, може да изведе заклучок мислејќи дека некој зборува за факти.

Мислењата изнесени како составен дел од некој стандарден новинарски извештај мора да бидат јасно посочени како мислења од авторот новинар на прилогот, како и од водителот на програмата во чии рамки се емитува таков прилог.

 

ОЗБОРУВАЊА И ШПЕКУЛАЦИИ

Како и да е, од новинарите се очекува да имаат јасни и професионално соодветни правила за тоа како објавуваат факти и мислења и на кој начин на публиката ќе ѝ стават до знаење што е што. Зашто, од поголемиот дел од медиумската публика не можеме да очекуваме да бидат медиумски писмени за секогаш да разликуваат факти од мислења.

Професионалното новинарство со озборувања се занимава само тогаш кога известува за нив со единствена цел – да ги разобличи. На пример, доколку во јавноста се провлекуваат озборувања дека во производите на одреден производител се пронајдени штетни супстанци и доколку овие озборувања не се демантираат навреме, сосема е можно заради тие озборувања да се предизвикаат одредени масовни однесувања на граѓаните, па дури и паника. Она што е очекувана постапка на еден добар новинар и професионален медиум, е да ги соочи овие озборувања со релевантни извори кои наспроти озборувањата ќе изложат недвосмислени факти кои или ќе потврдат или ќе ги отфрлат озборувањата.

 

ПРОВЕРКА, ДВОЈНА ПРОВЕРКА

Многу е едноставно разјаснувањето дали е нешто факт или шпекулација. Се вика проверка и двојна проверка. Новинарите секогаш се сомневаат, односно никогаш не (треба да) реагираат на „прва топка“. Штетите од таква реакција тешко се поправаат. Да се ризикува кредибилитетот за да се биде ексклузивен за сметка на фактите е неприфатливо зашто една од „десетте заповеди“ во новинарството е – вистината пред сѐ.

Затоа, проверете ги информациите. Од еден релевантен, а ако е можно и од уште еден извор. Прашајте ја спротивната страна. Направете рамнотежа. Правете добро новинарство!

Poynter Institute: Facts&Opinions

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Оставете коментар