ФРЧКОСКИ: НЕ ВЛЕГУВАМЕ ВО РАСПРАВА СО ПРОВЛАДНАТА КЛОАКА МАКСИМУС, ГРАДИМЕ САНИТАРЕН КРОДОН ОКОЛУ НИВ

Гостувајќи во емисијата Вин- вин на ТВ 24 вести минатата недела, професорот Љубомир Фрчкоски главно одговараше на прашањата за актуелната политичка криза и за т.н. бомба на Зоран Заев, потоа за начинот на кој таа криза би се разрешувала, во зависност од експлозијата или имплозијата која би ја предизвикала со својата содржина.

– Мислам дека во оваа малку конфузна реторика на опозицијата, нејзиниот перформанс кој е секогаш подложен на критика, на пример дека таа е за никаде, има еден нов момент кој ми се допаѓа. СДСМ, раководството, се соочува со финален ризик на својата партија – тоа оди на се’ или ништо, до граница на самоукинување и тоа ми се допаѓа, тоа е револуционерен, херојски гест, иако стои критиката дека зад тој чин имаме понекогаш и “немушти реторики” – вели професорот од Правен во емисијата.

 

АПЕЛ Тој проценува дека во она што го исфрлува опозицијата во мигот има и апел да се расчистуваат состојбите, иако опозицијата знае дека тие институции што постојат нема да расчистуваат ништо. Ова е упатено до македонската, па дури и вмроовската јавност (водителката додаде дека вмроовската јавност како да ја третираме како странска). Системот, по него, се распаѓа, тоа монструм кој се уште сече со косата, но се распаѓа под црната одора. Ова се информации (мислеше за аферата Пасоши) од вмроовци, кои го снимале тоа и тука се покажува дека попушта системот и оттаму, таа е приказна и до нивната јавност. Власта може да се свети, мисли Фрчкоски, ама се е тоа на стаклени нозе. За него е јасно дека СДСМ нема намера да прави компромиси, значи сигурна е дека мора да оди во крајна саможртва (партија кој сака да опстои ќе прави и компромиси), е силна, по малку е ако сакате анархистична, рече тој.

 

Професорот инаку не ги потценува луѓето од раководството на ДПМНЕ: “Политичка авторитарност која има поддршка од опијати од историјата и која користи страв и параноја кај сопствениот народ, тоа е политички проект на десницата, не само тука. Со неа никогаш не е лесно на избори да победите – немате институции кои тоа би го контролирале (имате огромна партија која ги всисува институциите)”.

 

ОБВИНИТЕЛСТВО Ако немате институции, анализира професорот, не можете да ги искорегирате деформациите – немате обвинителство, на пример, илустрираше тој. “Еве, при еден познат случај, обвинителството дава информација дека не е можно министерката Јанкуловска да земала пари во кеш, без потпис, бидејќи таа, министерката, не е надлежна во партијата да зема пари. Видете еден ирационален одговор”.

Правна држава, според Фрчкоски, не е потребна, потребни се гестови и жртви. Од странство доаѓаат информации кои ја компромитираат земјата ама ВМРО вели – ВМРО ќе постои и кога државата ќе ја нема. Затоа формираат паралелна структура, парелелен свет… си имаат дури и посебени задоволства (кои ги немаат другите) – само тие можат да мразат на социјалните мрежи неказнето, можат да ги добијат прашањата од државните испити …

Фрчковски за таа посебност го наведува и примерот со фактот дека целата структура која е на работа и прима плата во државната бирократија прима плата од казнувањето на 400 илјади луѓе, свои сограѓани, кои треба да работат за нив, за да ги платат казните и тоа функционира. Тоа е свет кој мора да си ги покрива своите плати и постојано измислува начини околу тоа.

 

– Потребана е криза и институционално разнишнување. Се надевам дека нема да биде безбедноста доведена во прашање, бидејќи, тогаш тоа може да биде непријатно – вели соговорникот. – Дури 52 отсто од Албанците не се репрезентирани во партиите, не се појавија на изборите, тие се резигнирано мнозинство, се појави мал дел кај Монструм од нив, во демонстрациите и Ахмети веднаш ги осуди. Тоа е несериозна стабилност зад која “гарантира” ДУИ, која мора да ја имаме во предвид, кога говориме за политичка криза.

 

КРИЗА Но Фрчкоски запраша – што е тоа политичка криза? “Треба да ги убиете партиите, тие се карциноми поголеми од здравото ткиво и мора да направиме крај на овој тип на султан партии и мора да направиме излез само преку преторијанска интервенција во овој систем”.

Тој потсети на една мисла на Чедо Јовановиќ – се што е добро во Србија е направено наспроти Србите. И тоа важи и за Македонија, потсети – се што е во Македонија е направено, направено е наспроти македонското јавно мислење – и Уставот во ’91, Охридскиот рамковен договор, влезот во ОН со привремено име, ама се… наспроти јавното мислење. Професорот го посочи примерот со претседателот Трајковски, кој после Охридскиот договор имаше 2 отсто од јавното мислење зад него, ама денес ужива симпатии кај 60 отсто од популацијата!

 

Фрчкоски говореше за својата омилена тема во последно време – Четвртата република – таа е гарант дека нема да владеат само четири партии, туку ќе дојде до промена на политички систем, ќе се пишува нова историја. Го наведе примерот на Швајцарија, кога сите партии влегуваат во системот. “Со овие партии ние немаме перспектива” – повтори тој.

 

Идејата за некаква политичка патрициска разрешница тој ја гледа во фактот дека немаме јавност која може да изнедри нечија отставка (по објавување на скандалот кој го навестува Заев). Оваа јавност која ја контролира ДПМНЕ низ медиумите – дел од тоа мнозинство ќе се тргне настрана ќе остане пропагандната глутница која ќе реагира ступидно како сега – сите знаат дека никој не зема фалсификуван пасош за да патува, туку за да гласа. Министерката нема што да истражува тука. Сепак и преку оваа афера добивме една киселинска флека која е како дупка во нивното тело!

 

ДАУНОВ СИНДРОМ За тоа со какви небулози се служи власта кога оправдува свои нечесности, тој го наведе примерот со личните карти кои ги правеле за гласачите од Пустец. Тие гласачи имале право да гласаат и нивните лични карти се во основа ирационални, ама “оправдани” – власта демек знаела дека се тоа фиктивни адреси и не гледа во тоа штета. А дека лична карта е битна и за плаќање данок, не е значајно, никој не го гледа и тоа. Целосно ирационално – извика Фрчкоски.

– Мислам дека се додава една по една информација во купот која ја распаѓа власта одвнатре. Нема институции за да спроведат постапка, евентуално ќе се – тривијализираат. Ама фрлената сода остава дупки и тоа создава распад. Но мора ова да има разрешница, мора да има стратегија. Ние сме земја која социолошки гледано има Даунов синдром и сите се држат настрана од нас, дури и Косово, ни порачуваат од таму, држете се, пазете што правите. Во јавноста има огромно мнозинство кое не учествува во сето ова и не сака да прави зло, ама има една клоака максима, тоа се “нивните експерти кои се расправаат – околу историјата, баба Ванѓа”. Оној вистинскиот Ниче а не нивниот еднаш рекол – “И да се згадиш е добар почеток” (Ниче).

 

Тој санитарен кордон (кон клоаката), вели професорот, го држиме приватно, не влегуваме во таа расправа, ама од страна не гледаат како последниот болен на Балканот, последната земја од таа приказна, без перспектива и со куп афери. “Дали ќе имаме сили во таа расправа да извлечеме разрешница и да ја затвориме оваа мафија во егзил стратегијата – за неа гласаа 300 илјади лица. Никој не ги информирал овие од власта дека завршиле со својата улога, некој треба нежно да им го каже тоа на овие силеџии и булиевци”.

Оставете коментар