(НЕ)СЛОГА

Слога во нацијата се заснова на меѓусебна толеранција на сите општествени групи – “патриотите“ велат “ние како (нови) субјекти“ – а национална кохезија се постигнува со стриктна примена на уставот и законот.

Приказната почнува вака: “Група нео-нацисти влегува во централно географско (може и гратско?) подрачје, реторички, како за почеток, се’ разврзаa ‘наци-бакнежи’, а потоа искршија глава на едно момче кое случајно се движеше во центарот на метрополата.“ Понатаму, “полицијата сеуште нема појма и трага по сторителите.“

Вака некако изгледаат (не)завршените случаи во нашата мајчичка земја. И сега, контемплирам – огромно е тоа Скопје, како Њу Јорк, секаков башибозук има внатре, кој сега ќе ја пронајде “мечкината шепа“? Да бидеме отворени до крај, денешниве медиуми овие теми ги третираат во категоријата “локални занимливости“, а ако пак сме доследни на себеси, и држиме до вредностите за кои ни е грижа, тогаш е време за Борис Буден, еден од најлуцидните, најрадикалните теоретичари и есеисти на овие простори, човекот кој го створи Аркзин, сега веќе изумрено списание, а неговата радикалност оди во правец на неговата племенитост, далеку од онаа сувопарна “жестина“: “луѓето кои се борат за хуманистички вредности, во Западната Цивилизација се меинстрим, а кај нас се’ изроди, шљам, општествена маргина…“ Оти, нели, тато е “горе“, и тој гледа се, не?!

Ајде да видиме за што станува збор. Ги знаете оние воскликнувања и милионски изјави на нашиот претседател, Ѓорге – “Да се обединиме!“… и да ви кажам, тука нешто, ама од секогаш не ми штимало, нешто ми се јавува како “знак, означувач и писмо“: фамата за нашата “неслога“ како македонци временски ја стекна снагата на природата, се претвори во дел од нашиот идентитет. Ако бидеме до крај честити: во реалноста е крајно тешко да се пронајде сложно семејство. Епа што по ѓаволите зборува Ѓорге и што всушност мисли кога ги кажува оние зборови “Да се обединиме“ – дали можеби мисли дека два милиони граѓани на Македонија ќе мислат со една глава и ќе чувствуваат со едно срце? Не! Македонската “неслога“ е производ на нашата лична мрзеливост, нашето сплеткарење, нашата промашеност и недовршеност. “Ееее“, ќе слушнете низ сокаците, “да не се испокараа ќе го направеа ОВА“, ќе го направеа ОНА. Одиме понатаму. “Неслогата“ е всушност одличен параван на ВЕЧНИОТ ПОГЛЕД – гледање површно на работите. Наместо да ја бараме причината, коренот, суштината, ние бараме изговор во нашата “неслога.“

Нашата “неслога“ има и друга дипотрија: многу кариери почиваат на македонската “неслога“. А може да претпоставиме дека една од причините е и’ авторитарниот, па дури и тоталитарен дух на борците “за слога и единство“ – овие два поими се стопени во еден!? Па така, по логиката на претседателот Иванов борбата за слога и единство е типична приказна, или идеолошка матрица за покорување на цела нација, низ вкусовите, желбите и ставовите на Главниот: “Да се обединиме. Сега ни е потребно единство. Душманите само што не дошле. Ви велам бре јас, се е тоа ‘Шорош’ и останати платеници. Да се обединиме, тетки!“

Ова е приказна толку стара, толку многу “испеана“ низ разни книжиња политичка филозофија. Да повториме: “Слогата на нацијата“ се заснова на меѓусебна толеранција на сите друштвени групи, а националната кохезија се постигнува со стриктно применување на уставот и законите. А таму каде не се почитува Устав и Закон, таму нема ни држава, но има многу морбидна тишина и нималку наивни “демони“, кои “сите се знаат“ за сторените злосторства, ама мудро молчат. Единствениот кој ќе проговори, мали се шансите да преживее, дури ќе биде и убиен, ритуално. И “сите“ тоа го одобруваат: оти тој што ќе проговори е “дошлак“, “шпиун“, “предавник“, затоа што го руши консензусот на вмешаните. Па добро, не се сите убијци? Така е, само мал број на бандити, а останатите се’ знаеjа, ама одлучија да молчат, да трпат, а богами успат и да “крадат ретровизори и касетофони низ напуштените куќи“.

Имено, што научивме, имаме ли некаква поента, г-дине Сомерсет? Коренот е во нашата денунцијантска работа на потсвеста: бескрајни “патриотски“ борци против “македонската неслога“ и неправда, интимно сонувајќи дека еден ден ќе дојдат на местото на оној Главниот и несреќен губернатор, брутално посакувајќи го истото: можеби немаме слога, но – “Да се обединиме!“

извор: jovanovic.blog.mk

Оставете коментар