Нашата лустрација е нов политички криминал

Ерол Ризаов, луцидно и чесно авторско име, во својата колумна објавена во “Утрински весник”, ме прашува: “Ако ве послуша Вождот и ако даде знак да престанат срамотилаците и простотилаците, добра прилика за тоа е брзо да се изјасни по „стоти“ пат Уставниот суд, и тогаш ќе признаете дека тоа не е подметнување, туку резултат на канибалистичкиот систем на владеење. Ако, пак, не ве послуша, тогаш што е тоа. Диктатура? Јас немам друг збор. Можеби Вие имате”.

Мојот краток одговор е: Нашата лустрација е нов политички криминал.

Премиерот го поднесе тој закон, негови пратеници го изгласаа, негова комисија го спроведува. Откако по 60 или 80 обесчестени семејства не се појави на сонце ниту една жртва или наследник да побара сатисфакција од државата, токму премиерот треба да се подзамисли и да му стави крај на ова лудило. Ние сме мал народ со многу историски и социјални фрустрации, не смееме да помислуваме на политички реваншизам. Можеме и со постоечките закони да ги исправиме неправдите, или да обезбедиме морална и материјална сатисфакција за жртвите.

Се разбира, повторно морам да напишам колумна за да фрлам малку светлина на зборовите, иако во август 2008 година се откажав од создавање публицистика. Сум објавил повеќе од илјада колумни и сум го потрошил својот ентусијазам. Половината во Австралија, другата половина во златните времиња на “Дневник”, кога таа отворена рубрика ја полневме заедно со Мерсел Билали, Љубомир Фрчкоски, Трајко Славески, и, верувале или не, Неговата екселенција премиерот Никола Груевски. Потоа во згаснатите “Време” на Александар Дамовски и во “Фокус” на мистериозно починатиот Никола Младенов, а најпрво, пред осамостојувањето, моите колумни беа најавувани на првата страница во “Нова Македонија” на Георги Ајановски, и секоја од нив предизвикуваше беснило во очите на генералот Кукањац, командант на Скопската армиска област. Оваа моја веројатно последна колумна му ја посветувам на Бранко Героски од “Плусинфо”, затоа што тој го водеше “Дневник” во времето кога публицистите освоија најголеми творечки слободи.

Употребив цела недела за да ги прочитам документите со кои беа осрамотени лустрираните граѓани и нивните семејства. За сето тоа што го презентирале лустраторите како обвиненија, покојниот Ристо Шишков би рекол дека е обичен прдеж во гаќи. Недостасува вистинската причина за оваа морбидна постапка, ја нема жртвата. Полуписмени извештаи на агенти од УДБА, без да се испитува нивната реална вредност и веродостојност, му послужиле на Аџиев да се издигне во рангот на македонски Берија. А во истата година кога му се подига јавен споменик на бугарскиот политички деец од македонско потекло Тодор Александров, без ниту една здрава причина се осрамотува семејството на Ѓунер Исмаил, македонски културен деец од турско потекло. Двапати тонски ја интервјуирав ќерката на Александров, Марија Коева Александрова, која живееше и по осамостојувањето на нашата држава. На моето повторено прашање “За што се бореше татко ти?”, ми го даде истиот одговор “За да ги види сите Бугари во една држава”.

Според мене, најсрамотно е лустрирањето на Славко Јаневски, столб на нашата литература, основач на Македонската академија на науките и уметностите, додека најжално е лустрирањето на Паскал Гилевски, полиглот, член на Унгарската академија на уметностите. Кутриот бегалец од војната во Грција, дваесет години од својата младост поминал без покрив над главата, без државјанство и вработување. За ситна паричка агентите го притиснале и го ангажирале да ме следи мене и “Мисла” во нејзиното фуриозно време, кога таа издаваше по двесте книги на годината, кога “Паблишерс Викли” од Њујорк ја избра меѓу седумте најдобри во Европа. Според документите на агентите од УДБА кои Аџиев ги користел за да го осрамоти нашиот проминентен автор, брилијантен познавач на унгарскиот и на грчкиот јазик, се работи за небулози и дезинформации.

Зел пари за да пренесе дека во “Мисла” нема кирилична машина за пишување, или дека нејзината Редакција е во конфликт со некого. Во истото тоа време се подготвуваше највиталниот проект на Редакцијата, познатата едиција “Матица Македонска” со која најсилните умови на македонската наука во 20. век се обидуваа да го осветлат и презентираат македонскиот 19. век. Тој ги следеше нашите внатрешни полемики, дури во една прилика кога дефинитивно ја изнајдовме формулата како да го претставиме Никола Вапцаров, весело наздрави со чашата виски во рацете. Меѓутоа, никаде во документите не сретнав дека им јавил на агентите за нашето откритие. Дека Вапцаров е светски, бугарски и македонски поет. Сме изнашле формула за да не се караме со соседите, но агентите не го дознале тоа.

Во тие бурни времиња, кога “Мисла” објавуваше храбри книги, оние истите што излегуваа во Белград, Загреб, Љубљана, навистина вриеше во нашиот духовен простор. А Паскал не им кажал ништо на агентите. Беше време на либерализмот, многумина пишуваа храбри книги. Кога ќе ги прашавме нашите тогашни политичари зошто во Македонија нема дисиденти, освен Димитар Димитров кому му објавив дело, тие духовито одговараа: “Затоа што нашата цензура доби налог да ги чита книгите вертикално, а не хоризонтално”. Задоволство беше да се работи покрај такви луѓе со визија, што помогнаа македонскиот духовен простор да прави чекори од седум милји.

Куриозитет е следново: истовремено кога во Македонија излегуваше едицијата “Матица Македонска”, во Германија почна да излегува “Македонска нација” на Драган Богдановски, подоцнежниот основач и симбол на оваа наша владеачка партија. Доаѓаа во Редакцијата емисари од политичката емиграција испратени од Богдановски или Шамбевски, за да ги земат тие книги уште без корици и да ги објават во нивната ревија, а Паскал Гилевски тоа го гледаше, меѓутоа, во документите на Томе Аџиев нема доказ дека ги известил агентите на УДБА. Ако ги известел тие контактите ќе ги спречеле и “Македонска нација” ќе немала со што да ги полни своите страници. Тоа беа патриоти со многу скромно познавање на публицистиката и нашиот литературен јазик.

Кој го прочитал романот “Скомраз” на Паскал Гилевски, знае дека му е сторена неправда.

Две третини од лустрираните граѓани се интелектуалци од разни области, маргиналци во политичкиот живот, но исклучително вредни и достоинствени луѓе. Не можеле ни да си помогнат себеси, ни да му напакостат некому. Во Македонија не се остваруваат пари од ниту една интелектуална работа затоа што нема широка рецепција за трудовите. Немаме доволно луѓе што ќе ги купат и прочитаат. Ниту пак културни стандарди. Затоа овдешната слава е нешто слично како да си качен на врвот од иглата, и само прашање на време е кога ќе се набодеш, било на лицемерен политичар или на бескарактерен колега.

Жал ми е за сите што ја вградија својата младост во македонските работи а на крајот беа наградени со лустрација, но особено за Коста Балабанов, македонски ентусијаст од ерменско потекло, светско име во науката.

Имав дваесетина години кога го интервјуирав очајниот бегалец Петре Наковски во едно мало сопче на тогашниот хотел “Инвалидски дом”, каде што беше сместен кога си дојде од Полска, во која можеше да си направи прекрасна кариера и да му бидат заштитени коските во гробот. Но Македонија е како болест што не се преболува.

Работејќи во туѓина во последниве 25 години, можеби веќе не ги разбирам политичките игри што се плетат околу Македонија. Веројатно претерани се моите стравувања дека лошо ќе минеме при конечното распределување на последното парче од поранешната југословенска територија. Реафирмацијата на македонскиот врховизам ја поврзувам со деградацијата на вредностите создавани во изминатите 70 години, откако на македонскиот јазик и култура им се дадоа крилја и територија.

Неговата екселенција, премиерот Груевски, знае дека мојата последна колумна во август 2008 година носеше пророчки наслов “Сакаш змија да те касне или магаре да те бапне” (да ти го бапне). Некој знае дека тогаш беа парламентарните избори на кои требаше да избереме меѓу Никола Груевски и Радмила Шеќеринска. Ме повикаа негови високи емисари и покрај чаша виски ме замолија, ако може да не пишувам колумни во “Фокус”. Премногу се вознемирувал. Ги послушав од три добри причини: висока почит кон Неговата екселенција, презафатеност со творештвото и неделните весници што живеат на слободен пазар во Австралија, но особено затоа што ми претстоеја серија операции на очите. Сега би требало да го земе предвид мојот совет: во име на Владата да им се извини на сите без материјални докази осрамотени граѓани. УДБА не е наша СУДБА, би рекол Гане Тодоровски. Премногу сериозни прашања стојат пред овој човек избран во 2006 година, со голема љубов од граѓаните на Македонија.

Груевски е млад работлив политичар кој низ времето ќе си оди од власта и веројатно повторно ќе се враќа. Сакам да го потсетам на еден феномен од пространата Австралија, во која има чудесни автопатишта долги по четири илјади километри, со најубави одморалишта за колите. И во секој аптекарски чист тоалет стои натпис: Остави го таков каков што сакаш да го најдеш кога ќе се вратиш. Не смее да прави лустрација врз база на извештаи од агентите на УДБА затоа што толку многу ќе засмрди Македонија што ни со гасмаска не ќе може да се живее во неа.

Оставете коментар